за

Ценовникот на Mercedes-Benz GLC на 86 страници: Од проѕирна хауба до вклучување на печката дома

Mercedes-Benz GLC доаѓа со нов и подинамичен изглед, со хибриди што возат над сто километри на струја, и тоа е само воведот. Сé е сменето.

Штутгарт во рамките на новата стратегија, пролетоска најави дека своите модели ќе ги прави уште полуксузни и поексклузивни. Доаѓањето на новата генерација на Mercedes-Benz GLC во салонот на Мак Аутостар, покажа дека новата стратегија веќе се применува, и тоа не само „шестцифрените“ S-Class, AMG SL или Maybach, туку и за моделите чијашто цена се пишува со една нула помалку. Еден „кус“ преглед во тоа што новиот GLC им го нуди во ценовникот што има дебелина на трилер.

Mercedes-Benz GLC од генерацијата со фабричка ознака X254 доаѓа со вообичаениот пакет иновации од фината автомобилска куќа во Унтертиркхајм. Сите мотори што се нудат работат во комбинација со електромотор. Досегот од преку 100 километри кај изведбите со приклучен хибриден погон го менува од корен начинот на којшто се гледа овој вид погон. Колку што GLC е господски на асфалт, толку е способен и на терен. Напред работи нова оска со четири водилки, што е основа за Mercedes-Benz да тврди дека новиот модел е најдинамичен во понудата од СУВ-модели. Многу нешта се сменети и унапредени, овој автомобил не остава простор за сомневање дека напредокот во споредба со претходната генерација е помал отколку порано.

Но, пред усреќените сопственички и сопственици на GLC да ги искусат сите тие придобивки и унапредувања, тие ќе се соочат со промена уште при првиот „контакт“ со својот иден автомобил. Нов е начинот на којшто тие во салон ќе го „составуваат“ својот нов автомобил. Новиот GLC доаѓа со нешто што кај големоволуменските се нарекува ниво на опрема, но сето тоа е изведено повеќе мерцедесовски.

Опременоста е збогатена значително, за што сведочи фактот што Avantgarde сега е стандард. Секој GLC во старт е Avantgarde. Додека останатите ставки традиционално се избираа една по една, за да се дојде до ефектот на „не постојат два идентични мерцедеси“ во светот, сега се избира меѓу пакети. Тоа е слично како со доплата за дополнителен пакет канали на кабелска телевизија.

Првиот чекор при конфигурирањето на X254 секако дека е избор на погонот: Бензинец (200, 300), дизел ( 220 d, 300 d) или приклучен хибрид (300 е, 300 de, 400 e). Кај погонот на сите тркала „нема избор“, секој GLC излегува од фабрика со 4Matic. Истото важи и за менувачот, 9G-Tronic е стандард. Освен 300 и 300 d, коишто стандардно се испорачуваат во изведба AMG Line Advanced, сите останати модели во основата се нудат како Avantgarde Advanced.

Промената се гледа во следниот чекор. Тоа е буквално следен чекор. Кој сака повеќе опрема или уште поголема префинетост, едноставно прави чекор понапред и избира изведба Avantgarde Advanced Plus. Кој сака повеќе спортски и ексклузивен печат, преоѓа на AMG Line. Тука има уште повеќе степенувања: По AMG Line Advanced, следат AMG Line Advanced Plus, AMG Line Premium, AMG Line Premium Plus.

Avantgarde Advanced, значи основната линија, стандардно го содржи надворешните елементи што ја одликуваа изведбата Avantgarde кај претходната генерација, содржи и амбиентално осветлување, скенер за отпечаток на прст, затемнети задни стакла, грејачи во предните седишта, безжично полнење телефон, MBUX премиум навигација, алу-тркала од 18 инчи, кровни шини, седишта обложени со штоф или со имитација на кожа Artico, велурни патосници. Тоа е мошне импресивна стандардна опременост.

За првото ниво на надградба, за Avantgarde Advanced Plus, според германскиот ценовник треба да се доплати 1.896 евра. Со тоа дополнително се добиваат електрика за возачкото седиште со меморија, предупредување при возило во мртов агол, плочки на праговите со осветлен натпис Mercedes-Benz и камера за знаци.

Следна линија што се нуди е AMG Line Advanced, со доплата од 4.748 евра над Avantgarde Advanced. Во оваа линија, внатрешноста е изведена во стил на AMG, исто има и надворешен пакет AMG, додека предните сопирачки дискови имаат поголем пречник. Над тоа е AMG Line Advanced Plus (доплата 6.644 евра над основното Avantgarde Advanced), каде што се добива с’e од претходното AMG-ниво, плус ставките од Avantgarde Advanced Plus.

Највисоката линија е AMG Line Premium, којашто чини доплата 8.982 евра, но затоа нуди стакла со дополнителна звучна и топлинска изолација, пристап без клуч, дигитални светла и паркинг-пакет вклучувајќи ги сите камери и сензори за преглед на просторот во 360 степени. Повеќе и од тоа се добива во AMG Line Premium Plus (доплата 12.318 евра над основната линија), којашто содржи панорамски покрив, проекциски дисплеј, дигитални светла што проектираат знаци врз патот и врвна 4-зонска климатизација Thermotronic. Кај 300 и 300 d, коишто стандардно излегуваат од фабрика како AMG Line, од цените на повисоките линии се одземаат околу 4.800 евра.

GLC: Бестселерот на Mercedes-Benz, уште еднаш

Од „обичните“ ставки, Штутгарт во секој GLC вградува диодни светла за сите функции, хромирани детали внатре и надвор, дигитални инструменти од 12,3 инчи и средишен дисплеј од 11,9 инчи, сензор за дожд, автоматско долго светло, паркинг-сензори и задна камера, програма за возење по терен и помош при спуштање, темпомат, автоматски двозонски клима уред, активен систем за задржување во лента, и секако, прочуениот инфо-забавен систем MBUX.

За тоа што новиот GLC во опременоста го нуди во старт, кај моделот од претходната генерација требаше да се доплати 5.100 евра

Кај тркалата може да се избира меѓу четири дизајни кај големината од 18 инчи и исто толку дизајни кај 19 инчи, плус една изведба со пречник од 20 инчи (доплата 1.500 евра). Изборот на варијанти за облогите на седиштата содржи беж, кафена или црна имитација на кожа Artico, како и пет изведби со вистинска кожа. Средишната конзола, стандардно во сјајна црна боја, може да биде и во сребрено сива боја или со метализиран финиш (+150 евра). За заокружување на изгледот, украсните лајсни на арматурната табла, освен во сребрено сива боја, може да бидат со еден од трите дрвени финиши (липа, даб, орев), да бидат метализирани или со пијано финиш.

Mercedes-Benz GLC во салон: Луксузот го владеат како математичка операција

Сите овие варијации се повторуваат и кај AMG Line, со тоа што добиваат печат на спортската марка. Тркалата кај имаат различни дизајни од Avantgarde, почнувајќи од 19 инчи. Спортските варијанти на GLC се разликуваат уште по формата и дизајнот на маската, предниот браник и задниот браник со дифузор, праговите, спортскиот звук кај бензинците, по спортското подвозје и управувањето со променлив преносен однос. Внатре, разликата е во микрофиберот Microcut на седиштата, во воланот што е обложен со напа, челичните педали, по арматурната табла што е обложена со имитација на кожа Artico и по AMG-патосниците.

Бројот на опции е скусен значително, но тоа пак не значи дека опциите се малку. За арките на крилата, на пример, доколку моделот е AMG Line, може без доплата да се избира тие да бидат лакирани во боја на каросеријата. Врвен аудиосистем од Burmester се вградува за 1.201 евра, нагазници со алуминиумска заштита се вградуваат само кај AMG Line, а комплетен арсенал од системи за асистенција е собран во пакет што чини 2.891 евра доплата. Фамозната „проѕирна хауба“ е дел од пакетот сензори и камери за паркирање (547 евра). Функцијата на оваа технологија се состои во тоа што возачот добива на средишниот дисплеј слика како возилото да го нема целиот преден дел и го гледа просторот директно. Пневматска суспензија Airmatic е дел од техничкиот пакет, заедно со управувана задна оска, со цена од 3.210 евра.

Секако дека во ценовник на Mercedes GLC не смее да недостига системот Energizing

Меѓу најновите занимации на инженерите за добро чувство во Mercedes-Benz се вбројува системот мерки што се води како Energizing. Мултиконтурните предни седишта, со вентилација и неколку програми за масажа, што се основата на овој пакет, чинат 2.576 евра во германскиот ценовник. Уште една технологија од виртуелниот свет е навигацијата со унапредена реалност, којашто меѓу другото точно прикажува во видното поле на возачот во која улица треба да скршне или кој е точно објектот што се бара.

За вклучувањето на печката, од насловот, тоа е функција што е достапна преку системот MBUX, доколку домот располага со Smart Home System. Тоа значи дека сите елеткрични уреди во домаќинството, што може да се контролираат онлајн, може да се контролираат и директно од GLC.

Техничките податоци и цените на трите моделски изведби на Mercedes-Benz GLC, што се достапни на пазарот моментно, може да се погледнат во нашиот онлајн-каталог за нови автомобили на македонскиот пазар, АВТОСАЛОН.МК

Inventory

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Петка за Škoda: Марка со најмногу победи на Auto Trophy

Suzuki за десет месеци произвел близу 2,7 милиони автомобили