за

Suzuki за десет месеци произвел близу 2,7 милиони автомобили

Во време на криза, добиваат престижните и луксузни марки, и Suzuki. Специјалистот за мали автомобили и погон 4х4, годинава го зголеми производството за 14 проценти.

Јапонската марка што пишува големо S на своите автомобили, веродостојно ја претставува поговорката „тивка вода брег рони“. Во време кога целата бранша се соочува со недостиг од полупроводници, условувања од добавувачите што водат до масивни поскапувања, покрај проблеми што досегаат до крајната логистика, односно немањето возачи на камиони за возилата да ги донесат до дилерите, Suzuki не се пријави ниту еднаш да објави колку е тежок бизнисот деновиве.

Самиот податок дека Suzuki годишно произведува повеќе од три милиони автомобили е големо изненадување дури и за многумина што се сметаат за познавачи на сцената. Не сметајќи ги мотоциклите и вонбродските мотори. Само автомобили. Од јануари до октомври годинава, Suzuki произвел 2.667.326 патнички автомобили во своите фабрики ширум светот. Во споредба со лани, тоа се 13,6% повеќе возила.

Резултатот е уште поубедлив, кога ќе се земе предвид дека на целиот европски пазар, за десет месеци, продадени се 8,1% помалку возила од сите марки и модели. Тоа се податоци од европското здружение на производители на автомобили, ACEA, во коишто не се земени предвид продажбите на Suzuki, затоа што јапонската марка не членува во лобито, заедно со уште неколку големи производители (Volvo и Stellantis најавија дека го напуштаат лобито).

Suzuki напредува тивко, буквално. Автомобилите на јапонската марка не возеле потивко досега: Марката нуди хибриден погон во целата своја гама, од најдостапниот, а пак делотворен благ хибриден погон со 12-волтна архитектура во Swift и Ignis, преку малку помоќна 48-волтна архитектура во Vitara и S-Cross, до полн хибриден погон во Vitara / S-Cross, па и до приклучен хибриден погон во Across, којшто е ребрендирана изведба на Toyota RAV4, од стратешкиот партнер.

Четири месеци во низа, јапонската марка произведува повеќе од лани. Во фабриките во Јапонија до октомври се произведени 748.489 автомобили или за 5,4% повеќе од истиот период во 2021 година. За суверениот раст на марката придонесува и тоа што Suzuki традиционално има моќно пазарно присуство, и уште помасовно локално производство во Индија. Додека останатите концерни штотуку го откриваат потенцијалот на земјата што ќе биде „втората Кина“ во напредувањето на авто-пазарот и индустријата, Suzuki и фактики е домашен производител, преку Maruti Suzuki. Повеќе од 1,6 милион возила се произведени до октомври во земјата. Растот е дури 19,8 проценти, тоа е една петина над продукцијата лани.

Останатите фабрики на Suzuki ширум светот, вклучувајќи ја и фабриката во Ештергом, Унгарија, од јануари до октомври произвеле 280.099 автомобили или за 4,3% повеќе од истиот период во минатата година. Во оваа бројка влегуваат само возилата што целосно потекнуваат од локално производство, односно се исклучени возилата што се монтирани од полуготови CKD-модули.

Во Јапонија, Suzuki до октомври е трета најпродавана марка, по Toyota и Daihatsu. Моделите Alto и Spacia редовно се пласираат во Топ 10.

Suzuki Vitara Strong Hybrid · Колку менува брзото возење кај хибриден погон?

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Ценовникот на Mercedes-Benz GLC на 86 страници: Од проѕирна хауба до вклучување на печката дома

Toyota Corolla Cross тестира погон на водород место бензин