за

Toyota Corolla Cross тестира погон на водород место бензин

Новата ѕвезда во понудата, Toyota Corolla Cross, во посебна верзија тестира погон со водород. Тоа е технологија на којашто Јапонците ѝ придаваат големо внимание.

Хибридниот погон во Toyota со децении се подразбира исто како што дизелот се подразбира во Volkswagen. Новиот вид на погон со којшто јапонскиот гигант сака да се издвои е користење водород како погонско гориво во посебно приспособен бензински мотор. Концептна Toyota Corolla Cross H2 веќе на големо се тестира по јавните патишта во Јапонија.

Toyota има подготвено за сериско производство Corolla Cross, што во посебно приспособениот мотор согорува водород место бензин. Концептното возило е именувано Corolla Cross H2 и користи чист водород како погонско гориво за 1,6-литарскиот бензинец со турбонатполнење. Емисијата на штетни материи е нула, зад возилото излегува само мала количина чиста пареа.

Во прототипот е вграден ист мотор како во спортската GR Corolla, со три цилиндри, со директно впрскување на водородот под висок притисок и со вешто поставени резервоари за водород во возилото. Новиот СУВ-модел во семејството на Corolla со алтернативниот погон не губи ниту од просторноста, ниту од практичноста на верзијата на Corolla Cross со хибриден погон.

За разлика од возилата што користат горивна ќелија, каква што е Toyota Mirai, што преку посебна хемиска реакција произведуваат електрична енергија и ја користат истата за напојување на погонскиот електромотор, Corolla Cross H2 Concept користи водород во обичен мотор со внатрешно согорување.

Овој пристап е интересен за Toyota, затоа што се потребни помалку инвестиции и технички преправки, што ќе овозможи овој вид на погон без штетни материи брзо да го освои пазарот. Друга предност е тоа што се смалува користењето на ограничените количини од литиум и никел. Во споредба со батериските електрични автомобили, што во повеќето случаи треба повеќе часови да останат приклучени на полнач, полнењето на резервоарите на Corolla Cross H2 трае само неколку минути.

Прототипот во моментов се користи во вистински услови на возење во северните делови на Јапонија, при зимски температури. Уште е неизвесно дали концептот ќе се доведе до зрелост за сериско производство. Менаџерите на Toyota ценат дека шансата за овој погонски концепт да доспее во сериско производство е 40 проценти.

Погонот со водород во бензински мотор се применува успешно во мотоспортот

Техниката има поголеми шанси во мотоспортот. Тестирањето веќе почна на трките во издржливост во рамките на јапонската серија Супер Таикју. Во целата измината сезона возеше GR Corolla H2 со погон на водород. Повеќепати зад воланот седна и извршниот директор Акио Тојода, под неговиот тркачки псевдоним Моризо.

Инженерите ги подобрија перформансите на моторите со погон на водород. Моќноста порасна 24 проценти, додека вртежниот момент се зголеми за 33 проценти. Динамиката е споредлива со мотор што користи бензин. Досегот се зголеми за околу 30 проценти, а времето за полнење на резервоарите од пет минути се скуси на минута и пол.

Toyota со бензински мотор што согорува водород летово возеше првпат на европска почва. GR Yaris H2 учествуваше на релито во Белгија. Тестирањето во мотоспортот придонесува за технологијата побрзо да се развие и усоврши.

Toyota Corolla Cross или СУВ-изведбата од најпродаваниот автомобил во светот

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Suzuki за десет месеци произвел близу 2,7 милиони автомобили

Гран-туризмо завршница на годината за Kia со XCeed GT-line