за

Гран-туризмо завршница на годината за Kia со XCeed GT-line

Пуштањето на новиот Sportage на сцената не означи затишје за останатите модели на Kia. Има голема новина кај XCeed, директорот Владимир Билбилов вели: „Сега целосно се гледа насоката во којашто се движиме.“

Кросоверот XCeed е најпродаваната моделска изведба во семејството на Kia Ceed и на пазарот е подолго од кој било конкурентски модел. Тој е моделот што ја внесува марката во следната година, доаѓа со значајно моделско освежување по пример на Kia Ceed, и во новата изведба GT-line вози со мотор од 204 КС.

Новината во салонот на Киа Моторс Македонија се забележува, како што се вели, уште од врата, иако станува збор за позната каросериска форма. Kia XCeed не пропушта да прикаже дека кај него има нешто ново. А, тоа е изведбата GT-line, со спортски нагласок во стилот и со спортска опрема, а основата за сето тоа ја дава 1,6-литарскиот турбо бензинец со 204 КС, познат од Ceed GT.

Создаден во европскиот центар за дизајн на Kia во Франкфурт, Германија, XCeed за моделското годиште 2023 доаѓа со мали, но не и безнајчајни промени. „Промените што ги направивме ги нагласуваат дополнително спортската, урбаната и авантуристилка природа на XCeed“, објаснува потпретседателот за дизајн на Kia Europe, Грегори Гијом.

Светлата се нови, познати од моделското освежување на Ceed, нови се и маската, предниот браник и формата на отворот за воздух. Бидејќи магленките сега се преместени во самите светла, се ослободи простор за долу да се изведат впечатливи канали за воздух, по еден на секоја страна на браникот. Тоа е детал познат од спортската лимузина Stinger, иако тука изгледа уште поблагородно и поефектно.

Впечаток остава и финишот на црн хром во којшто се изведени овие отвори. Истото важи и за рамката околу страничните прозорци, што посебно се забележува во задниот дел. Дизајнот на тркалата од 18 инчи е посебен за новиот XCeed. Во основата на задните светла, исто така со боја на црн хром, мошне ефектен е ласерскиот испис на името Kia. Овој детал укажува на мисијата на самиот XCeed, но и на марката.

Три спортски изведби се поставени среде салон: Лево е компакт со пет врати Ceed GT со 204 КС, до него ProCeed GT исто така со 204 КС, десно е новиот XCeed GT-line, и тој со 204 КС. Напред е Ceed GT-line со „основен“ T-GDi со 160 КС, назад е Ceed SportsWagon со 160 КС. Директорот Владимир Билбилов ја кажува приказната за оваа постава: „Во ист момент, во салон, имаме најмногу коњски сили во Ц-сегментот, и во просек, и во почетна моќност, и во крајна моќност“.

Kia низ годиниве се менуваше постојано и тоа беше посебно забележливо во моделското семејство на Ceed. Кога ќе се погледнат моделите што се поставени во салон во овие денови, додека новиот XCeed ја одбележува својата македонска премиера, станува јасно дека во салон на Kia денес не се влегува да се добие автомобил за помалку, туку се влегува да се добие автомобил што нуди повеќе. „Донесуваме динамика, носиме порака, живост во работењето, ја финишираме годината навистина со најубавите продукти. Салонот цела година не ни бил ваков, никогаш досега не бил ваков,“ објаснува Билбилов.

Автоматски менувач со двојна спојка стандард, мануелен менувач по желба

За сите промени во освежената изведба на XCeed ќе објавиме наскоро, кога моделот ќе ни пристигне на тест возење во Аутомедиа. Гамата се состои од две моделски изведби, Edition 2 со 1,5-литарски турбо бензинец T-GDi со 160 КС и цена од 29.450 евра, и GT-line со 1,6-литарски T-GDi со 204 КС и цена од 33.450 евра. Посилната изведба спринтува до темпо сто за 7,5 секунди, крајната брзина изнесува 220 km/h. Менувачот е 7-степен автоматик со двојна спојка, кај двата модели.

Импресивна е опременоста на GT-line, името на ова ниво секако дека го почитува големото значење на двете букви за Gran Turismo. Во овој брз крстосувач стандардно се вградува темпомат што ја приспособува брзината според возилото напред, потоа систем го држи возилото во лента на автопат, вклучувајќи и свијоци, па дури возилото и самостојно запира и повторно поаѓа, кога има мал застој на патот или чекање ред на патарина. Стандард во GT-line е електрично местење на возачкото седиште со меморија, исто како и панорамски покрив, триделна задна клупа, кожени седишта, грејачи на сите седишта, плус грејачи во воланот, а ситните отвори во облогата на седиштата укажуваат дека тие располагаат и со вентилација.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Kia Macedonia (@kiamacedonia)

Каросеријата и кабината исто така носат силен печат на GT-line. Капите на ретровизорите се лакирани во сјајна црна боја, задните светла се состојат од ситни ЛЕД-модули во форма на саќе, што светат посебно. Спортската изведба се идентификува и со алуминиумски педали, црн таван, спортски седишта и спортски волан, многу детали укажуваат на благородниот карактер на оваа моделска изведба.

Има најави и за големите новитети во моделската понуда на Kia за в година. Големи вести: „Kia дефинитивно решава да влезе со своите електрични модели на македонскиот пазар“, ни најави во директорот Владимир Билбилов во разговорот. Постојат различни обврски, пред с’e поголеми обврски, во пазарното присуство на Kia кај нас. Како што сме објавувале и претходно, Киа Моторс Македонија е директно под европската централа во Франкфурт, односно како што кажува нашиот ценет соговорник „ние сме на карта на Kia, а кога те гледаат на карта, знаат кои ти се капацитетот и можностите“. Тоа значи, кога електричните и приклучните хибридни модели на Kia ќе стартуваат на македонскиот пазар, нивното појавување нема да биде инцидентно, туку тие ќе бидат дел од редовната понуда, со целосна поддршка.

Најавата е дека в година „ќе го промивираме Niro, ќе ја промовираме EV6, како и тековните плагин-хибридни изведби на Xceed“. Новини во поглед на електрификацијата ќе има и во Sportage, а може да се очекуваат и хибридни изведби во гамата на знаменосецот Sorento.

Техничките податоци и главните ставки од опремата на Kia XCeed GT-line може да се погледнат во нашиот онлајн-каталот за сите нови автомобили на македонскиот пазар АВТОСАЛОН.МК

Kia XCeed 1.6 T-GDi DCT7 GT-line

Тест: Kia XCeed 1.5 T-GDi

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Toyota Corolla Cross тестира погон на водород место бензин

Тест · Toyota Corolla Cross · Автомобил за излети далеку од градскиот парк