Овaa крстосувачка во среќната боја на Јапонците е примерна, штедлива, практична, чиста за животната средина, како и секоја друга Toyota. Каква е точно промената што ја носи таа, се осознава најдобро кога човек ќе се одвезе до некое убаво место во природа и во некој момент на уживање во глетката ќе забележи дека назад пишува Corolla. Тоа внесува сосем нова димензија во Toyota Corolla Cross. Тест.
Создателите на звучните пораки и мотивирачките кадри во одделението за маркетинг во Toyota, досега немале полесна работа, на светот да му соопштат и објаснат, каков е новиот автомобил што го создала нивната компанија. Ова е СУВ-изведба од најпродаваниот автомобил во светот, Corolla. И толку. Што да се додаде повеќе на тоа? Corolla Cross по 56 години и повеќе од 50 милиони произведени возила од првата Corolla.
Секако дека има приказна и има многу нови моменти, што со себе ги повлекува доаѓањето на новиот модел во СУВ-понудата на Toyota. Требаше да се појави Corolla Cross, за светот допрво да открие уште една димензија на јапонската марка. Колку ли само е различна „СУВ-изведбата на Corolla“, од комби-лимузината, комбито и лимузината Corolla. Класично, самоуверено, таква е играта на овој модел. На сцената денес одвај дека постојат задни светла со покласична форма од оваа. Покрај тоа, импресивно големи светла, веројатно долги еден метар од едниот до другиот крај. Исто и напред, сé е стокмено, осигурено.
RAV4, што цели на кругот на купувачи за коишто би било поверојатно дека повеќе сакаат класичен и умерен стил – изгледа помалку класично и помалку умерено од Corolla Cross. Одличната продажба на RAV4, пак, покажа дека на сцената ѝ се допаѓа токму изгледот и стилот што ги поседува моделот. Сé си доаѓа на место, кога ќе се земе предвид дека Toyota веќе со години нуди впечатливо стилизиран и дизајнерски препознатлив модел во оваа класа, C-HR. Не може попрегледно од тоа. Toyota Corolla Cross за тие што класичната машка кошула во светлосина боја ја избираат првенствено оценувајќи го квалитетот, и Toyota C-HR за тие што бараат кошулата во истата боја да има некоја екстра текстура.
Сé во оваа марка е работа на истражување, па така и овој изглед на големиот брат на Yaris Cross. Тоа што светот го гледа сега во Corolla Cross е точно тоа што светот го бара од автомобил од оваа класа и за ова намена. Досега немало грешка, Toyota да утне во процените или да не ги услиша желбите на возачките и возачите.
За да се укаже дека не е сé само „сино“, туку има и нешто додадено, Corolla Cross крие бројни пријатни изненадувања во деталите насекаде по возилото. Исписот Corolla Cross во вешто нагласената хромирана лајсна над страничните прозорци е таков детал. Исто и децентниот, но ефектен продор на светлата во повеќеделната рамка на маската напред, наведува човек да се заинтересира повеќе и да почне по возилото да ги бара овие потписи на дизајнерите.
Убав детал во стилот на 1970-те се ретровизорите што се поставени на самата врата, а моќен впечаток оставаат и вдлабнувањата што преоѓаат од крилата и завлегуваат во вратите, што се прикажуваат различно, зависи од аголот од којшто се гледа. А, за класичната форма на задните светла – многумина ќе се најдат како токму тој впечатлив дел во дизајнот на Corolla им е најомилен.
Новата димензија на Toyota што ја прикажува Corolla Cross, тоа е способноста на марката, секој модел да го направи различен од останатите во својата понуда. Колку и да се чини дека меѓу два модела од некоја марка постојат разлики, што не се сведуваат само на формата или големината на каросеријата, кога ќе се види колкава разлика постои меѓу Yaris Cross и RAV4, или Highlander и C-HR, меѓу кои било два модели, во поглед на концептот на автомобилот, моделската понуда на повеќето марки заличува на унифицирана шема.
Моделите на Toyota имаат „возраст“, тоа ја прави разликата меѓу Yaris Cross и Corolla Cross
Toyota го гледа новиот модел како автомобил што нуди просторна кабина и наменет е за активности во природа, со урбан и созреан дизајн на надворешноста и на внатрешноста. Тој исто така нуди и исклучителна приспособливост во најразлични сценарија на користење на возилото, од возење во град, до патување во слободното време. Така пишува во обемниот материјал што производителот го има подготвено за медиумите. А, тоа што вашата Аутомедиа ќе го каже по тест-возењето, коешто во дел се одвиваше на Китка: Toyota Corolla Cross се однесува различно од Yaris Cross, од RAV4, од самата Corolla, во која било каросериска форма – и во тоа е сензацијата на новиот модел.
Исто како што беше изненадување високото седење и далеку напред поместениот ветробран во Yaris Cross, во споредба со Yaris, така и во Corolla Cross прво се забележува колку е повисоко седењето, отколку што може да се претпостави пред седнувањето. Просторноста е силна страна и во Corolla, а во Corolla Cross се чувствува разлика како меѓу седење во партер и седење на балкон во некогашните скопски кина. Тоа е првото што освојува во Cross од Corolla.
Впечатокот што следи веднаш потоа е тишината во кабината. По седнувањето, од пред салонот на Toyota, сета онаа градежна бучава, сите оние неприродни миризби и воопшто непријатно чувство од сиот метеж што е настанат додека се гради кружен тек на тој простор, исчезнуваат со затворањето на вратата. Corolla Cross гази мазно и нечујно. Комфорно вози овој СУВ од најпродаваниот автомобил во историјата на светот.
Арматурната табла е преземена од Corolla, но тоа не е првата помисла по седнувањето зад воланот. Дури по подолго време, човек ќе се сети што е основата за овој автомобил. Разликата се сведува главно во средишната конзола. Новиот инфо-забавен систем е познат од претходниот тест, од Corolla GR Sport. Графиката е многу поедноставена, заради подобра прегледност, движењето низ менито и логиката на ракување исто така се сменети заради олесување.
Тоа е голема промена, ако се има предвид дека графиката во дисплејот се усовршуваше уште од времето на Prius од втората генерација, во времето кога дисплејот беше важен заради прикажување на спектаклот во хибридниот погон. Таа графика стана обележје на Toyota и на хибридот, па низ годините се менуваше малку, но откако целата бранша почна да вградува дисплеи, графиката на Toyota доби класична нота.
Поважно од дисплeите е тоа што Corolla Cross се докажува како комфорен, просторен, функционален автомобил, секако и мошне квалитетно изработен автомобил. Типична Toyota. За разликата во цената од околу десетина проценти, во споредба со комби изведбата Corolla Touring Sports, во верзијата со дволитарец со 180 КС и топ-ниво на опременост, меѓу другото се плаќа и за преправките во подвозјето. Дел од тест-возењето опфати качување на Китка, по пат што не важи како посебно одржуван и како пат по којшто прави разлика каков автомобил се вози.
Откако во град веќе се докажа како комфорен и тивок превоз за секој ден, за што се заслужни лимузинските гени, Corolla Cross приреди уште поголемо изненадување, кога по патот на Китка што повеќе не е пат, амортизираше со подобри манири и од некои СУВ-модели што само оставаат впечаток дека се поцврсти од Corolla-теренецот. Тркалата секогаш имаат повеќе óд отколку што нерамнините сакаат да ги втиснат тркалата во поткрилата, а амортизерите не дозволуваат каросеријата да се тетерави како пијаница.
Не пречи ниту тоа што тест-возилото располага со погон само напред. Цврстата каросерија, солидниот клиренс и вешто проектираното подвозје, осигуруваат дека со Corolla Cross ќе може да се извози многу подалеку отколку што човек ќе се понадева. Кој цени дека погонот на сите тркала е неоподност, тогаш треба да подготви уште 1.800 евра. Тоа е бројка што радува многу, а причината за тоа што разликата меѓу верзијата со погон напред и со погон на сите тркала е далеку пониска отколку кај конкуренцијата, лежи во фактот што Toyota го реализира погонот на сите тркала со додавање втор електромотор на задната оска. RAV4 со таква погонска конфигурација повеќепати бил на тест во Аутомедиа и теренот не приредил предизвик на којшто специјалистот (и) за погон на сите тркала не е достаснат.
За способноста на Toyota Corolla Cross, вклучувајќи ја изведбата со погон напред, да се пробива по терен, секако во разумни граници, оцената е едно јасно – Да
Јапонскиот примус секако дека не би смеел да си дозволи пропусти во „опремувањето“ на Corolla Cross за терен, затоа што во спротивно би си наштетил и на имиџот на големиот RAV4 и на малиот RAV4 (Yaris Cross), на Highlander, па и на неговото височество Land Cruiser.
Хибридниот погон е голема новина во Corolla Cross, затоа што овој модел прв вози со петтата генерација на хибридниот погон на Toyota – а, тука за него се зборува пред самиот завршеток на оценувањето на автомобилот. Причината е во тоа што хибридниот погон е толку невпечатлив, што повеќе и нема што да се забележи. Реално, единствената забелешка пто светот досега ја имаше за хибридниот погон, беше во посебниот начин на работа на безстепениот менувач, на CVT-менувачот.
Овој менувач е важен чинител во хибридната погонска спрега на Toyota, затоа што основната замисла во неговата конструкција е да овозможи моторот секогаш да работи во подрачјето на вртежи во коешто постигнува највисока ефикасност – а тоа значи, во подрачјето во коешто се добива најмногу моќност во споредба со количината гориво што треба да согори во моторот. Затоа, хибридниот погон отсекогаш го следела „сенката“ на мотор што при нагло забрзување ги задржува вртежите на релативно високо ниво, место да продолжи да ги качува вртежите како кај обичен погон.
Инженерите на Toyota досега повеќепати имаат преземано клучни зафати за да го надминат тоа „завивање“ кога крвнички ќе се притисне врз гасот, меѓу другото и со полирање на ремениците. Реално, на сите тестирања на Toyota и Lexus низ сите години досега, за тоа завивање никогаш не било забележувано во Аутомедиа. Технички писмен човек нема да критикува нешто што знае зошто се јавува. Меѓутоа, инженерите на Toyota не сакаа да остават тој единствен момент во работата на хибридниот погон да биде предмет на забелешки тука и таму, па постојано беа активни во иновирање во тоа поле. Сега може да се каже: Завивањето на CVT-менувачот, со важната забелешка – завивање само кога гасот ќе се притисне до „метал“ – во петтата генерација на хибридниот погон на Toyota, повеќе не постои. Евентуално, тоа е сведено на толку мала мера, што е во рамки на неосетност.
А, во погонот е менувано многу. Моќноста е зголемена за 8% во верзијата со дволитарски бензинец (197 место 180 КС во Corolla 2.0 Hybrid). Спринтот е скусен на 7,6 секунди, а воедно се смалени потрошувачката и емисијата на СО2 (113 до 120 g/km). Покрај верзијата со погон на сите тркала, Toyota произведува и верзија со 1,8-литарски хибрид, којашто засега се продава само во Турција и Израел.
Зафатите во погонот главно имаат за цел да ги смалат тежината и димензиите на компонентите. Комплетно е нова контролната единица, којашто поститнува за 6% помалку електрични загуби во системот. Таа исто така работи потивко. Голема промена е хемијата на батеријата. Со преоѓање од метал хидрид на литиум јон, се постигна помала и полесна батерија (-14%), а воедно располага и со повисок капацитет. Уште една промена што се забележува при возење по автопат е зналително смаленото ниво на вртежи на моторот.
За потрошувачката на хибридот во Toyota Corolla Cross 2.0 2WD, кој сака да се натпреварува со поставување и соборување соствени рекорди, може да смета и на тројка пред запирката. Тоа е исклучително сценарио, но пак е сценарио што може да се реализира. Во реалноста, потрошувачката повеќе ќе се движи меѓу пет и шест литри, со тоа што вредноста повеќе ќе влече кон помалата бројка. Од досегашното искуство со хибридот, потрошувачката барем кај шампионката на овој погон, Toyota, повеќе зависи од конфигурацијата на теренот, отколку од брзината на возење. На релација што вклучува долги искачувања, но и долги спустови, плус многу свијоци, како на пример Скопје-Охрид, нема да направи разлика дали ќе се вози бавно и резервирано, или малку подинамично, каде што тоа го дозволуваат условите и самиот пат. Во град, пак, искусен возач нема да има проблеми да постигне вредност под пет литри.
Опременоста е стандардно богата, посебно во верзиите пто Toyota ги нуди во почетокот на комерцијализацијата на моделот. Уште едно подрачје во коешто Corolla Cross постигнува значаен напредок се системите за асистенција. Corolla упте од самиот старт располага со комплетен арсенал од овие системи за безбедност и комфор, честопати е во предност пред конкуренцијата, а сега Cross додава уште толку. Еден од новите системи што први ќе се „јават“, тоа е звучното и видливо предупредување, кога се отвора врата, додека од назад наидува возило или велосипедист. Тоа е мошне корисен и делотворен систем, којшто заслужува да биде вградуван помасовно во браншата. Corolla Cross доаѓа и со нова генерација предна камера и радар, коишто реагираат побрзо и со двојно подолг досег. Голем напредок се забележува и во работата на приспособливиот темпомат, којшто повеќе не доцни со повторното забрзување. Уште една функција со којашто доаѓа новата Corolla Cross е можноста за софтверот во возилото да се обновува по пат на OTA (over-the-air-update), односно да добива обновен софтвер исто како кај мобилните телефони.
Toyota Corolla Cross го има „само“ името од Corolla
Уште една врвна мајсторија на Toyota. Насловот во заклучокот доаѓа оттаму што по првото-тест искуство со новиот модел, Corolla Cross заслужува да се води како независен модел во гамата на јапонскиот примус, односно заслужува да биде без „Corolla“ во името. Во однесувањето во возење, во практичноста во секојдневието, во општиот впечаток од автомобилот, Corolla Cross се потпира врз квалитетите на својата кума, меѓутоа во многу подрачја ја надградува основата, до тоа ниво што се губи помислата дека долу работи истата платформа GA-C како во Corolla. Тоа, пак, додава уште еден плус во имиџот на бестселерскиот компакт. Во поглед на цената од 40.790 евра за тестираниот модел, „Cross“ можеби е далеку од ценовното подрачје со двојка на првото место, меѓутоа сé e вклучлено во таа цена: Опремата Executive Plus, којашто е само еден чекор под врвното ниво што воопшто го нуди Toyota во овој модел, а секако дека е вклучен и моќниот хибрид со близу 200 КС, плус менувач CVT што во возењето се однесува исто како автоматик. Corolla Cross е голем погодок на Toyota, уште еден во низата.
Техничките податоци, главните ставки од сериската опременост и цената на тестираниот модел Toyota Corolla Cross може да се погледнаат во нашиот онлајн-каталог за сите нови автомобили на македонскиот пазар АВТОСАЛОН.МК
Toyota Corolla Cross или СУВ-изведбата од најпродаваниот автомобил во светот