за

Кинезите го презедоа авто-пазарот во Русија откако Западот си замина

Кинеските автомобилски марки учествуваат со близу една третина на рускиот пазар, откако производителите од Западот ја напуштија земјата.

На автомобилите од кинеските марки отпаѓа речиси една третина од пазарот во Русија, објави Ројтерс. Влијанието на Кина врз руската економија расте во автомобилскиот сектор повеќе отколку во кој бил друг сектор, по егзодусот на западните компании.

Продажбата на нови патнички автомобили и доставни возила во Русија е намалена за 61 проценти во споредба со лани. Санкциите од Западот ја ограничуваат достапноста на одредени материјали во Русија, во време кога побарувачката опаѓа, а цените растат.

Во новонастанатите услови, нагло порасна продажбата на патничките автомобили од кинеските марки, главно Haval, Chery и Geely. Во ноември се продадени 16.138 возила, двојно повеќе отколку во јануари, кога беа регистрирани 8.235 нови автомобили. Пазарниот удел на кинеските марки порасна од 9,6 на 31,3 проценти.

Во ноември на рускиот пазар биле продадени 46.403 патнички автомобили и доставни возила, а вкупната продажба годинава се очекува да достигне околу 600.000 возила.

„Постои мало производство на западни автомобилски марки и мала количина од увоз, така што пазарот го делат руската и кинеската автомобилска индустрија“, кажува рускиот автомобилски аналитичар Владимир Беспалов во изјава за Ројтерс.

Руските автомобили го покриваат делот од пазарот со пониски цени, каде што моделите се движат до 1,5 милион рубљи, додека Кинезите го преземаат делот што им припаѓаше на западните марки, вклучувајќи и модели што се поскапи од 2,5 милиони рубљи.

Кинески автомобили се нудат како руски производ. Модел на кинескиот JAC се ребрендира и се нуди како автомобил што повторно ја заживува марката Moskvich од советската ера. Како што известуваа светските медиуми, при почетокот на производството на новиот модел на Moskvich во минатиот месец во Москва, биле јасно видливи етикетите на бројни делови вградени во возилата.

Од Moskvich единствено соопштија дека соработуваат со странски партнер, но не го посочија неговото име. Исто така од JAC не излегуваат со коментари околу соработката.

Haval Jolion во ноември бил трет најпродаван модел во Русија, по Lada Granda и Lada Niva, со преку 2.000 продадени примероци · Видео од тест-возењето на Jolion

Повеќето западни производители на автомобили, коишто се впуштија во битка со домашните производители на автомобили за да освојат дел од пазарот, откако отворија фабрики во Русија во почетокот на 2000-те, ги запреа своите активности во земјата, по почетокот на конфликтот во Украина.

Москвич се произведува во фабрика што ја изгради и што му припаѓаше на Renault. Од земјата заминаа Nissan, Mercedes-Benz, Ford и уште голем број компании

Доколку не се смени економската ситуација, кинеските производители, вклучувајќи го и домашниот Москвич, би можеле во следната година да освојат околу 35 проценти од автомобилскиот пазар во Русија. Аналитичарот Беспалов цени дека пазарот в година ќе се искачи на 800.000 возила.

Русија повторно произведува Москвич, техниката е од Кина

Пазарот што кинеските производители го држат во Русија е незначителен во споредба со нивниот домашен пазар. Во ноември, во Кина се продале 35 пати повеќе возила отколку во Русија.

Во првите десет месеци од годината, Русија беше шести најголем извозен пазар за кинеските автомобили, вклучувајќи и делови. Уделот на рускиот пазар изнесува 3,9 проценти, исто колку во периодот од јануари до октомври лани.

Тест · Haval Jolion 1.5T Supreme

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Тест · Toyota Corolla Cross · Автомобил за излети далеку од градскиот парк

Енергетска одржливост за успешна електрична мобилност предводена од Порше Македонија