за

Toyota Corolla Cross или СУВ-изведбата од најпродаваниот автомобил во светот

На тоа нема што да се додаде повеќе, Corolla Cross е СУВ-изведба што ги користи техниката и инженерингот на најпродаваниот автомобил во светот, Corolla. Има еден „мал“ детал: Тука првпат се вградува хибрид од 5-та генерација.

Се проширува семејството на светскиот бестселер. Toyota со новата Corolla Cross нуди практичен СУВ од компакт класата за целото семејство. Со новиот модел уште повеќе се зајакнува присуството на јапонската марка во европскиот Ц-сегмент. Toyota воедно располага и со најбогата понуда од модели во СУВ-сегментот.

Corolla Cross се поставува меѓу дизајнерскиот CHR и универзалниот за секоја пригода RAV4, дополнувајќи ја гамата којашто понатаму се состои од Yaris Cross и Highlander. Секако дека сите тие ги влечат корените од прекалениот теренец во гамата на Toyota, Land Cruiser.

При денешното претставување на моделот пред јавноста, маркетинг менаџерката Ана Трајковска посочи дека марката Toyota отсега нуди „Corolla за секого“. Тоа значи дека Corolla Cross им се придружува на класичната изведба на Toyota Corolla со пет врати, на лимузината и на комбито Touring Sports.

Продажбата на новиот модел на македонскиот пазар вообичаено стартува во исто време со најголемите европски пазари. Понудата во моментов почнува со изведбата 2.0 Hybrid, со погон напред и со високо ниво на опременост Executive, со цена од 38.490 евра. Врвот во понудата го сочинува изведбата со ниво Luxury, но и со погон на сите тркала, којашто чини 45.990 евра. Од следната година, во гамата се придружува и изведба со 1,8-литарски хибрид и погон напред.

Toyota Corolla Cross се базира врз докажаната платформа GA-C (Global Architecture) и ги нуди сите својства што придонесоа Corolla да биде најпродаван автомобил во светот. Повеќе од 50 милиони примероци се произведени во период од 55 години и во вкупно 12 моделски генерации досега. Целта на Toyota е да постигне годишна продажба од 400.000 примероци во светски рамки, што одговара на девет проценти од сегментот.

СУВ-изведбата на Corolla поставува нови стандарди во сите подрачја: Во унапредениот хибриден погон – во „Cross“ првпат се вградува новиот хибриден погон од 5-та генерација, потоа има новини и во конективноста, како и нови безбедносни системи и функции. Toyota уште од самиот почеток на технологијата на системите за асистенција тежнее да биде во предност пред конкуренцијата. Станува збор за системи што придонесуваат во исто време за подобрување на безбедноста, но и за комфорот и релаксираноста во возењето.

Тоа што целата стручна сцена, а уште повеќе клиентите, со нетрпение очекуваат да го искусат, тоа е новиот хибриден погон. Corolla Cross наскоро доаѓа на тест во Аутомедиа. На презентацијата беше објаснето дека новиот погон се одликува со помали и полесни компоненти, што придонесуваат за уште повисока ефикасност, а тоа значи пониска потрошувачка, при подобрени перформанси. Својствено за имиџот на марката, унапредувањата доведоа до тоа новиот хибриден систем да работи уште подоверливо.

Нова е контролната електроника, којашто ги смалува електричните загуби за 14% во изведбата со 1,8-литарец, односно за 6% кај дволитарецот. Модулот воедно работи потивко. Батеријата сега е литиум-јон, место метал-хидрид, што овозможи помали димензии и за 14% пониска тежина.

Наскоро ќе објавиме повеќе детали за новиот модел на Toyota.

Corolla Cross е уште еден нов модел во понудата на Toyota

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

InoBat Србија фабрика батерии електрични автомобили

Србија ќе добие фабрика за батерии за електрични автомобили

Шампионка во спринт и десетобоец главни ликови во рекламите за Opel Astra