за

Suzuki Vitara Strong Hybrid · Колку менува брзото возење кај хибриден погон?

Добри вести за хибридниот погон. Тука уште има многу забава, заедно со штедење како придружна појава од тоа. Со хибридната Suzuki Vitara двапати извозевме иста рута, еднаш брзо, еднаш бавно.

Suzuki умешно комбинира бензин и струја веќе подолго време. Во 2016 година, Baleno воведе благ хибриден погон SHVS, во време кога браншата уште веруваше дека електрификацијата е само минлив тренд. Во меѓувреме, Suzuki Vitara почна да вози со полн хибриден погон, којшто сепак не е резултат од партнерството со Toyota, туку е сопствено дело на марката. Направивме еден „силен“ тест за Vitara Strong Hybrid.

Светот за малку ќе поверуваше дека хибридниот погон се избира заради штедење. И потоа, некои почнаа да забележуваат, дека моделите коишто сцената ги поврзува со хибридниот погон, ретко кој ги вози бавно или премногу резервирано. Тоа не значи дека со Toyota Corolla, Prius & Co. се јури по улиците, туку повеќе води кон заклучокот, дека тие автомобили се возат исто како сите други автомобили околу. Хибридниот погон, како најстар и најдокажан вид на електрифициран погон, не условува бавно возење, за да биде штедлив, туку дозволува да се вози исто како секој друг погон. Разликата е во тоа што тука штеди технологијата на самиот хибриден погон. Возачката или возачот не мора да преземат ништо, за нивното возење да биде штедливо и фер кон животната средина.

Тоа е „заплетот“, што во Аутомедиа нé водеше да го реализираме овој тест. Една иста рута во вкупна должина од 183 километри, ја возевме двапати, со Suzuki Vitara 1.5 Strong Hybrid. Рутата им е позната на читателите на Аутомедиа, од минатата година, кога возевме Opel Mokka со бензинец со 130 КС и автоматски менувач, прво со побрзо темпо, а потоа со побавно темпо. Како што пишува во насловот, идејата беше да се провери колку хибридниот погон во Vitara е чувствителен на промена во брзината на возење, односно колкава ќе биде разликата во потрошувачката меѓу брзата рута и бавната рута.

Возачите на автомобил со хибриден погон веројатно ќе се смешкаат задоволно, затоа што веќе го знаат одговорот, од своето возачко секојдневие. Хибридниот погон, што Toyota го води како самополнечки, а за Suzuki е „Strong, начелно е далеку помалку чувствителен на динамиката во возење. Тоа значи дека нема многу разлика во потрошувачката, дали ќе се вози бавно, или ќе се вози нормално брзо.

Тестот со впечатоците од хибридната Vitara – иако и Vitara 1.4 е хибридна, но кај неа функционира 48-волтен благ хибрид – веќе го објавивме и во него го најавивме овој посебен тест. Затоа, само едно потсетување на погонот. Vitara Strong Hybrid го користи 1,5-литарскиот мотор, што е сличен со моторот во хит-моделот Jimny, меѓутоа има бројни оптимизации, затоа што не е доволно моторот да биде „само“ добар и солиден, туку се потребни бројни зафати, за тој да се вклопи во хибридната погонска спрега.

Тест · Suzuki Vitara 1.5 Strong Hybrid 140V

Моторот 1.5 DualJet со фабрички код K15C постигнува компресија 13:1, што на познавачите им е добар знак дека станува збор за штедлив еткинсонов циклус на работа. Моќноста само на моторот изнесува 102 КС. Електромоторот со моќност од 24,6 kW е поврзан со менувачот преку вратило што е паралелно со примарното вратило на менувачот. Тоа не значи друго, туку кажува точно дека електромоторот може и самостојно да ја движи Vitara Strong Hybrid.

За помошта од електромоторот повеќе укажува податокот за неговиот вртежен момент од 152,7 Nm – типично за електромотор, тие њутунметри се послужени буквално уште од првиот вртеж. Бензинецот и електромоторот заедно постигнуваат системски 85 kW, односно 115 КС. Батеријата се состои од 56 ќелии, секоја со напон од 2,5 волти, што значи дека таа работи под напон од 140 волти. Капацитетот изнесува 840 Wh, што е далеку од батеријата од 18,1 kWh бруто во Suzuki Across со приклучен хибриден погон и 306 КС.

Инженерите на Suzuki се решија за малку понаква хемија во батеријата, па во Vitara Strong Hybrid работи литиум-титанат батерија. Нејзината главна предност е во тоа што се полни побрзо, во случајов се полни побрзо при сопирање, возење по надолнина, пуштање под залет. Точно е дека батеријата го одзема просторот што се користи како практична преграда под подот на багажникот, но тоа е мал данок за тоа што овој автомобил го нуди.

Vitara Strong Hybrid има три батерии. Едната е погонската, со напон од 140 волти, втората е 12-волтна и вградена е под возачкото седиште, а третата исто така е 12-волтна и се наоѓа покрај моторот, односно тоа е стариот добар оловен акумулатор. Овие два „акумулатора“ се користат за напојување со енергија на стартер-генераторот, односно за напојување со струја на потрошувачите во кабината.

Посебноста на хибридниот погон во Vitara е во менувачот AGS. Тоа е автоматизиран менувач, односно мануелен менувач, којшто користи електрохидраулилни активатори, за ракување со спојката и за префрлување од еден во друг степен. Кусо, тоа што инаку го работи возачот, тука го работи електрохидраулика. Во возењето, менувачот се однесува како класичен автоматик. До пред неколку години, автоматизираните менувачи се земаа со резерва, затоа што реагираа бавно и долго, меѓутоа Suzuki дава одличен пример дека оваа менувачка техника во меѓувреме напредуваше и постигна фаза во којашто старите мани се целосно надминати.

Возењето го поделивме на три делници. Од Скопје, по споредниот пат преку Арачиново до Куманово, потоа до Страцин, па возење до Кратово, качување до Пробиштип, продолжување кон Штип, па преку Велес, до Катланово. Целата оваа рута ја возевме двапати. Еднаш брзо, еднаш бавно. При брзото возење секако дека ги почитувавме сообраќајните правила и останатите учесниците во сообраќајот, целта повеќе беше да се вози „аматерски брзо“ со намерни грешки, за потрошувачката да биде колку може повисока.

На штедливата рута, пак, намерата не ни беше да возиме колку може побавно, туку возевме доволно динамично, но првенствено почитувајќи ги правилата за штедливо возење. Генерално, повеќе се внимаваше на тоа, како возењето во моментот влијае врз потрошувачката.

Резултатите се одушевувачки. Suzuki Vitara 1.5 Strong Hybrid на сите три делници од брзата тура, покажа просечна потрошувачка на гориво меѓу шест и 6,5 литри. Тоа е исклучително мала осцилација, на трите сосем различни видови делници. Од Кратово до Пробиштип се вози главно по нагорнина, додека од Страцин до Кратово е спротивен случај. Од Штип до Велес се вози умерено и со постојана брзина, и би се очекувало дека хибридниот погон ќе остане неделотворен на таа делница, меѓутоа и таму се покажа дека електриката функционира во корист на штедливото возење.

1-ва рута: СКОПЈЕ – СТРАЦИН

New item by Automedia MK / Google Photos

Брзо возење

Бавно возење

Поаѓање

24-ти септември 2022, 14:47:45

25-ти септември, 20:21:37

Должина на пат

63.15 km

63.16

Максимална брзина

136 km/h

99 km/h

Времетраење вкупно

01:00:07 h

1:07:38 h

Просечна брзина

63 km/h

56 km/h

Времетраење во возење

00:59:16

01:06:30

Просечна брзина во возење

64 km/h

57 km/h

ПОТРОШУВАЧКА

6,6 l

4,8 l

OПШТО

Висинска разлика

449 m

Најголема висина

722 m

Најмала висина

273 m

Искачување

873 m

2-ра рута: СТРАЦИН – САРАМЗАЛИНО

New item by Automedia MK / Google Photos

Брзо возење

Бавно возење

Поаѓање

24-ти септември 2022, 15:55:25

25-ти септември, 21:30:29

Должина на пат

82.77 km

82.81

Максимална брзина

145 km/h

103 km/h

Времетраење вкупно

01:05:49 h

1:23:51 h (сообр. контрола)

Просечна брзина

75 km/h

59 km/h

Времетраење во возење

01:05:16

01:18:03

Просечна брзина во возење

76 km/h

64 km/h

ПОТРОШУВАЧКА

6,0 l

3,8 l

OПШТО

Висинска разлика

643 m

Најголема висина

922 m

Најмала висина

280 m

Искачување

558 m

3-та рута: САРАМЗАЛИНО – КАТЛАНОВО

New item by Automedia MK / Google Photos

Брзо возење

Бавно возење

Поаѓање

24-ти септември 2022, 17:38:20

25-ти септември, 22:57:11

Должина на пат

37.01 km

37.56

Максимална брзина

142 km/h

107 km/h

Времетраење вкупно

00:26:11 h

0:31:29 h

Просечна брзина

85 km/h

72 km/h

Времетраење во возење

00:24:44

00:31:12

Просечна брзина во возење

90 km/h

72 km/h

ПОТРОШУВАЧКА

6,4 l

4,6 l

OПШТО

Висинска разлика

245 m

Најголема висина

512 m

Најмала висина

267 m

Искачување

413 m

Податоците за рутата Скопје – Страцин, брзо

New item by Automedia MK / Google Photos

Податоците за рутата Скопје – Страцин, бавно

New item by Automedia MK / Google Photos

Податоците за рутата Страцин – Сарамзалино, брзо

New item by Automedia MK / Google Photos

Податоците за рутата Страцин – Сарамзалино, бавно

New item by Automedia MK / Google Photos

Податоците за рутата Сарамзалино – Катланово, брзо

New item by Automedia MK / Google Photos

Податоците за рутата Сарамзалино – Катланово, бавно

New item by Automedia MK / Google Photos

Заклучокот од споредбеното возење со Suzuki Vitara 1.5 Strong Hybrid

Новата изведба на Suzuki Vitara со полн хибриден погон и 140-волтна батерија, од една страна ја докажа способноста на инженерите на Suzuki да изведат зрел и ефикасен хибриден погон, без притоа да се напушти вообичаената ценовна предност на марката. Suzuki реши да користи подостапен автоматизиран менувач, место поскап менувач со постојано променлив преносен однос (CVT). Техничарската работа го покажа овој вид менувачи во најдоброто светло во коешто го имаме видено досега. Тоа се должи на вештина и на труд, за проектирање и за тестирање на менувачот, кој совршено се совпаѓа со намената на хибридниот погон.

Од друга страна, хибридниот погон во Suzuki Vitara докажа дека возењето не мора да биде резервирано и под постојана напнатост колку гориво ќе се потроши. Разликата меѓу штедливо возење, но не и бавно, и недомаќинско возење, со грешки што искусен возач нема да си ги дозволи, на нашата обемна споредба достигна најмногу 2,2 литри, на делницата од Страцин до Сарамзалино. Тоа беше воедно и „најнерамната“ делница, со често искачување и спуштање. Возачите што умеат да го искористат залетот и да го предвидат секој следен потег, без каков било напор ќе ја постигнат вредноста од 3,8 литри просечна потрошувачка, како што ни успеа на делницата од Страцин до Сарамзалино. И секако, честитки за Suzuki.

 

Тест на Аутомедиа: Колку корист од брзото возење?

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Peugeot најпродавана марка, 208 најпродаван модел во Франција годинава

Аутомакедонија донесе и автобус на струја, само една страна запнува околу електромобилноста