за

Тест · Suzuki Vitara 1.5 Strong Hybrid 140V

Suzuki Vitara низ годиниве секогаш е актуелна, затоа што промените се случуваа во најактуелното поглавје на автомобилската сцена, во електрификацијата на погонот. Vitara од летоска се нуди и во изведба со полн хибриден погон, дополнително на изведбата со благ хибриден погон.

Овој автомобил постојано е во предимство. Suzuki Vitara првпат го искористи големото име кога во оваа генерација се појави во 2015 година. Денес е речиси незамисливо дека тогаш во сегментот постоеja одвај пет или шест модели. Сцената во тоа време ги познава само Peugeot 2008 (во првата генерација, 2013), Dacia Duster (2010), Renault Captur (2013), Opel Mokka (2012), Nissan Juke (2010) и итало-амеро дуото Fiat 500X / Jeep Renegade, стартувано малку пред Vitara.

Повеќето од овие ветерани во меѓувреме прејдоа во нова генерација, затоа што беа или премногу СУВ или беа премногу нежни. Наспроти тоа, концептот на Vitara се погоди уште од почеток, што воопшто не изненадува, ако се земе предвид, дека првата воопшто генерација на Vitara беше претставена во 1988 година. Тоа што Јапонците го менуваа оттогаш кај својот имиџ-модел, за возачите беше повредно од вградување големи дисплеи и шарени тркала.

Статистиката секогаш покажува најверно, што се случувало во изминативе години. Најдобрата година на европскиот пазар, Suzuki Vitara ја има во фамозната претпандемиска 2019 година, по пет години од стартот на генерацијата, кога се продадени 81.860 примероци. Тоа е повеќе дури и од првата полна година на моделот на пазарот, 2016 година, кога европските возачки и возачи излегле од салоните на Suzuki со вкупно 73.099 примероци од Vitara.

Како Suzuki успева да задржи таква пробивност на својот најпродаван модел на европскиот пазар? Во првото полугодие од 2022 година, во ЕУ се продадени 18.071 возила. За споредба, Swift, уште еден јуришник на марката, во истиот период постигнал 15.797 продажби. Одговорот лежи под хаубата. Од годинава, Suzuki Vitara е достапна и во изведба со полн хибриден погон. Но, овој погон сигурно не дојде преку ноќ.

Генерацијата на Vitara со фабрички код LY ја започна својата кариера со класичен 1,6-литарски бензинец со 120 КС и 1,4-литарски турбо бензинец BoosterJet со 140 КС. До август 2018 година, Suzuki вградуваше и 1,6-литарски дизел DDiS со 120 КС. Потоа почнаа да се случуваат големите промени. На местото на 1,6-литарецот со впрскување бензин во гранка, дојде 1,0-литарски турбо со 112 КС. Дизелот си замина. Suzuki уште оттогаш се збогуваше со дизелот, затоа што имаше подобри планови.

Suzuki меѓу првите воведе благ хибриден погон во својата моделска понуда, денес тоа е речиси стандард во целата бранша

Во пролетта 2020, почна електрификацијата. Vitara доби благ хибриден погон. Моторот 1.4 BoosterJet доби стартер-генератор, со тоа што максималната моќност беше намалена од 140 на 129 КС, со цел да се постигне точна усогласеност на работата на моторот со помошта од стартер-генераторот. Уште тогаш беше видливо дека менаџерите во Suzuki прават нешто различно од „конфекциско електрифицирање“. Додека во Swift се користи 12-волтен стартер-генератор, што повеќе одговара ценовно за кругот на купувачи на моделот, во Vitara функционираат 48 волти, што на стартер-генераторот му дозволува и соодветно поголем ангажман во погонот.

Електрификацијата сега зафаќа уште еден чекор понапред. Тоа секако важи само за гамата на Vitara, затоа што Suzuki во меѓувреме нуди и луксузен модел со приклучен хибриден погон, којшто без проблем минува 50 километри чисто на струја. Тоа е Across, сестрински модел на партнерската Toyota, односно тоа е RAV4 PlugIn Hybrid. Марката со суперменско S во маската ja заокружува гамата на својот СУВ со верзија со полбн хибриден погон.

Познавачите на автомобилизмот прво ќе претпостават дека станува збор за хибриден погон на Toyota, имајќи ги предвид Suzuki Swace 1.8 Hybrid, сестра на Toyota Corolla Touring Sports, и секако самиот Across. Хибридниот погон сепак е целосно развиен од Suzuki. Основата ја чини 1,5-литарски атмосферец, со код K15C, со технологија DualJet. Четирицилиндарецот без турбонатполнење потекнува од истата фамилија K15 како моторот K15B во Jimny, со две брегасти вратила во главата, 16 вентили и Dual VVT технологија и од годинава се вградува масовно во шест различни моделски серии на Suzuki, што се продаваат во Европа, Јапонија и Индија.

Електромоторот во Suzuki Vitara 1.5 Strong Hybrid малку поскромен, но затоа батеријата е поголема и со различна „хемија“, што овозможува батеријата побрзо да се полни при возењето

Моторот добива поддршка од електромотор со трајна моќност од 24,6 kW (33,5 КС) и вртежен момент од 152,7 Nm, што е вграден во ѕвоното на менувачот и остварува врска со менувачот преку вратило што е паралелно со примарното вратило во менувачот. Тоа со други зборови значи дека електромоторот може и самостојно да ја задвижува Vitara, додека бензинецот паузира. Во тоа е воедно и клучната разлика во споредба со 48-волтниот стартер-генератор на 1.4 BoosterJet.

Погонската спрега ја комплетира батерија со капацитет од 840 Wh, што е вградена во просторот под основата на багажниот простор, што кај стандардната Vitara служи за одлагање. Вистина е дека со тоа се скусува зафатнината на багажникот на 302 литри (375 кај стандардниот модел), но тоа е единствениот „данок“ за дополнителната техника во хибридната Vitara. Suzuki нагласува дека батеријата користи различна хемија, односно литиум-титанат, со таа предност што нејзиното полнење е побрзо во споредба со класичните литиум-јон батерии. Меѓу предностите се наведува и температурна постојаност на ефикасноста, долготрајност и повисока издржливост.

Suzuki секогаш ги прави нештата малку поинаку, па така и хибридниот погон. Додека неколкуте останати модели во класата, што се достапни со хибриден погон, користат или скап автоматик (Renault Captur E-Tech) или не многу поевтин менувач со двојна спојка (Hyundai Kona), односно докажан CVT-менувач во случајот на Toyota Yaris Cross, во Vitara Strong Hybrid 140V работи роботизиран менувач, односно автоматизиран менувач.

Тоа е мануелен менувач што ги менува степените автоматски, и исто така автоматски се управува со спојката. Значи во возењето нема разлика во споредба со класичен автоматик со претворач на вртежен момент. Менувачот е користен масовно во моделите на Suzuki за сите пазари на марката, и производителот има стекнато богато искуство со овој Suzuki AGS (Auto Gear Shift). Наједноставно објаснето, на мануелен менувач со 6 степени му е додадена електрохидраулична единица, што ги менува степените и управува со спојката, место тоа да го прави возачот.

Снимка од забрзувањето на хибридната Suzuki Vitara со автоматизиран менувач по нагорнината на автопатот кај Ветерско

Зошто Suzuki се реши во својата хибридна Vitara да вградува автоматизиран менувач, место класичен автоматик, CVT или менувач со двојна спојка? Многу е едноставно, заради цената. Роботизираниот менувач е многу подостапен, а годините го направија своето, па се покажува дека менувачот денес работи многу пософистицирано отколку до пред деценија или две – иако браншата применува ваков вид менувачи уште од времето на „божествениот“ Citroen DS, на техно-чудото од 1960-те, NSU Ro 80, па светот го помни и Porsche 911 Sportomatic.

Најголемата „загриженост“ околу тоа како ќе функционира хибридниот погон со автоматизиран менувач, исчезна уште откако по поаѓање од салон се покажа како AGS ги менува степените мазно и непрекинато, навремено. Единствено префрлувањето од еден во друг степен трае исто како кај возач што спокојно си ги менува степените – последново и не треба да чуди, сепак електроника и хидраулика го работат тоа што инаку би го сработел возачот, па затоа се стекнува впечаток како некој од совозачкото седиште да ја презема работата со менувачот.

Автоматизираниот менува е невпечатлив при возењето и токму таков треба да биде еден „автоматик“

Поаѓањето е класично автоматик-уживање, возењето низ град е течно, динамично. По извозувањето на тестот, излезе дека погонската спрега во ниту еден момент не покажа недостаток на AGS. Секако дека постои и интелигенција во контролната електроника, којашто меѓу другото следи со колкава брзина се притиска врз педалот за гас, па соодветно го задржува степенот или префрлува во повисок степен. Најголемата потврда е моментот кога возачка или возач искусен/на со автоматски менувач ќе увуди дека со мало одземање гас може да се провоцира менувачот да префрли во повисок степен. Тоа е манир како на вистински автоматски менувач. Дури и кикдаунот реагира сосем очекувано. Сé е во границите на возможното, AGS генерално не може да префрли неколку степени едно по друго за миг, и во некои ситуации подолго ќе го задржи избраниот степен, отколку класичен автоматик, но тоа се само финеси. Браво Suzuki.

Vitara досега била многупати на тест во Аутомедиа и нејзините доблести се веќе познати. Главно, подвозјето работи мошне комфорно, па и релативно тивко, во возењето се чувствува „лесен“ автомобил (иако со 1.320 kg не е лесна категорија, +80 kg во споредба со 1.4 BoosterJet), просторноста и функционалноста на кабината се примерни, опременоста е широкограда, сето тоа прави автомобил со добра противвредност. Suzuki Vitara е меѓу попродаваните модели на македонскиот пазар и тоа е лесно да се воочи.

Новината е во хибридниот погон, во најважното поглавје. Vitara сепак ја задржи продажбата на постојано ниво, иако во меѓувреме пристигнаа сосем нови моделски имиња, како Volkswagen T-Roc, којшто е најпродаван во сегментот во првото полугодие во Европа, потоа Opel Crossland, Toyota Yaris Cross, Kia Stonic, Citroen C3 Aircross. Тоа е предимството на Suzuki Vitara, во поглед на моторите, Јапонците секогаш беа чекор понапред. Прво со воведувањето благ хибриден погон, којшто денес е стандардна електрификација, потоа со збогувањето со дизелот, а сега и со полниот хибриден погон.

Возењето си тече спокојно, хибридот работи и штеди без возачот да се откажува од динамиката на возење

Електромоторот будно соработува со бензинецот и прави во возењето да не се чувстува каква погонска стратегија во моментот има смислено Vitаra. Многу е поголема веројатноста, дека на дисплејот на патниот компјутер, каде што единствено се покажува моментниот режим на работа на хибридот, ќе се види дека електромоторот е активен, отколку неактивен. Во моментот, електромоторот може да ја трансформира силата на залетот во електрична енергија и да ја полни батеријата, а секако дека може и да ја троши таа енергија и да му помага на моторот, при поаѓање, при забрзување, при одржување на брзината.

Suzuki наведува податок, дека нивната хибридна Vitara може да извози околу 4 километри со полна батерија, доколку се вози со постојана брзина од 80 километри на час. Во вториот дел од тестот на Suzuki Vitara 1.5 Strong Hybrid AGS ќе го објавиме споредбеното возење – еднаш бавно, еднаш брзо – по иста рута. Сега без наведување на вредностите на потрошувачката што ги постигнавме, нека биде само најавено дека тие се мошне интересни, а секако дека ќе ги пренесеме и останатите искуства од возењето.

Цената на Suzuki Vitara 1.5 Strong Hybrid на македонскиот пазар изнесува 25.960 евра, во второто ниво на опременост во гамата GL+, коешто е почетно за изведбата со хибриден погон. Разликата во цената со моделот со благ хибриден погон 1.4 BoosterJet и ниво на опрема GL+ изнесува точно 3.000 евра. Во разликата во цената учествува и автоматизираниот менувач, со што таа се сведува на околу 2.000 евра. Постојат уште две опции, топ-ниво на опрема GLX и погон на сите тркала.

Техничките податоци и главните ставки од опременоста на тестираниот модел на Suzuki Vitara може да се погледнат на нашиот онлајн-каталог за нови автомобили на македонскиот пазар AVTOSALON.MK

Suzuki Vitara 1.5 Strong Hybrid 140V AGS GL+

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Maserati GranTurismo со цена на Ferrari, има и верзија 100% на струја

Од велосипед до тркачки болид, секој Peugeot во верзија на струја од 2023