Втората генерација на спортското купе Maserati GranTurismo веќе сигурно гази во ресорот на Ferrari. Новиот GranTurismo почнува со продажба в година, во изведба со бензински мотор, но и во изведба што користи единствено електричен погон. Цената е 50.000 евра повисока во споредба со првата генерација, чиешто производство престана уште во 2019 година. Двете различни погонски верзии ќе чинат околу 200.000 евра, додека најскапата изведба од претходниот GranTurismo чинеше 150.000 евра.
Меѓу главните соперници на Maserati GranTurismo се Ferrari Roma, со цена на основен модел од 200.000 евра во Италија, и Aston Martin DB11, којшто стартува од 210.000 евра. Најскап модел на марката е суперспортскиот автомобил MC20, со цена од 238.000 евра во Италија.
Целосно електричната изведба на GranTurismo, со додавка Folgore во името, ќе биде првиот модел што се движи само на струја, од луксузната марка што е дел од концернот Stellantis. Тоа е историски исчекор за марката чијшто имиџ е создаван со моќни мотори со внатрешно согорување.
Пред завршетокот на следната година ќе биде претставена и целосно електрична изведба на Maserati GranCabrio, кабриолетот што е изведен од купето. Maserati тогаш ќе има уште еден модел на струја во својата понуда, 100% електрична извеедба од СУВ-моделот од средната класа Grecale.
Извршниот директор Давиде Грасо во март најави дека италијанската марка ќе премине на целосно електрична понуда по 2030 година
Новиот GranTurismo наследува богата лоза купе модели, којашто почнува со моделот A6 1500 во 1947 година. Се стеснува кругот на купувачи кон коишто цели марката со тризабецот на Нептун во логото, затоа што богатите клиенти се префрлуваат од купеа на премиум СУВ-модели или лимузини со четири врати, како што е Porsche Panamera.
Двете верзии со бензински мотори ќе носат ознака Trofeo и Modena. Во нив ќе работи сопствениот трилитарски V6 твинтурбо мотор Nettuno, во замена за осумцилиндарецот во V од Ferrari, што се вградуваше во претходниот модел. Моторот Nettuno го имаше своето деби во 2021 година, во суперспортскиот автомобил MC20. Развојот е целосно на Maserati, а неговото производство се одвива во домот на марката во Модена, Италија.
GranTurismo тежи 1.795 kg, што според Maserati е најлесно купе со четири седишта на пазарот. Изведбата Trofeo ќе располага со 550 КС, крајната брзина изнесува 320 km/h, а спринтот до темпо сто трае 3,5 секунди.
Основната изведба Modena ќе користи верзија на моторот со 490 КС, нејзината крајна брзина е 302 km/h, а спринтот е подолг за само четири десетинки. Во двете изведби се користи осумстепен автоматски менувач, сите тркала се погонски.
Три електромотори во изведбата на Maserati GranТurismo на струја, со додавка Folgore
За погонот на GranTurismo Folgore се впрегнати три електромотори, еден напред, по еден на секое задно тркало. Секој електромотор располага со максимална моќност од 300 kW, што значи дека инсталираната моќност во Folgore изнесува 1.224 КС. Меѓутоа, во реалноста се брои номиналната моќност, а за трите електормотори во спрега таа изнесува 760 КС.
Капацитетот на батеријата изнесува 92,5 киловатчасови, односно корисни 83 kWh. Мерено според нормата WLTP, тоа дава досег до 450 километри.
Folgore ја користи истата платформа како Trofeo и Modena со нивниот мотор V6, меѓутоа за разлика од останатите електрични автомобили, нема тенка батерија што е вградена во подот. Батеријата има форма на T и го зафаќа просторот околу средишниот тунел и во кошот, каде што е моторот V6 кај останатите моделски изведби.
Овој различен пристап, без батерија што се простира под седиштата, им овозможи на инженерите да постигнат висина на купето од 1.393 милиметри и ниско седење. Тоа го нагласува Maserati, кој својот GranTurismo Folgore го нуди како модел што има пониско седење од кој било електричен автомобил на пазарот.
Италијанските инженери посочуваат дека аксијалната геометрија на батеријата дозволува возилото многу полесно да го менува правецот, во споредба со електричните автомобили што имаат батерија по целиот под
Монтажата на батеријата се одвива во центарот за батерии на Stellantis, во Мирафиори, историската фабрика на Fiat во Торино. Конкретната големина на батеријата е избрана за да се постигне баланс меѓу тежината и перформансите.
Електричната архитектура се базира врз 800-волтна мрежа што дозволува користење брзи еднонасочни полначи со моќност до 270 kW. Според Maserati, полнењето струја за 100 километри пат на таков полнач ќе трае само пет минути.
Сите варијанти на GranTurismo и идниот GranCabrio ќе се произведуваат во Мирафиори, заедно со големиот СУВ-модел Levante.