за

Mercedes-Benz GLC во салон: Луксузот го владеат како математичка операција

Два примерока во салонот на Мак Аутостар го одбележуваат почетокот на продажбата на новиот Mercedes-Benz GLC во Македонија. Колку што тие се наполно различни, толку се единствени во „мерцедесноста“.

Во Унтертиркхајм, најмилозвучно германски именувана општина во Штутгарт, каде што се наоѓа седиштето на Mercedes-Benz, толку се имаат извежбано во обликувањето на луксузот, што секогаш успеваат да му дадат нови димензии, со таква леснотија што се добива впечаток дека небаре е едноставно собирање на два и два. Реално, многу работа стои зад тоа што Mercedes-Benz го сервира на својата клиентела, нова и стара. Новиот GLC оди на динамика, спортска нота, секако луксуз.

Mercedes-Benz можеше за сето ова време од 1984 година до денес, да произведува еден и ист W124, и светот пак ќе беше среќен. Меѓутоа, светот ќе пропуштеше многу нешта што марката имаше да ги постигне во сé што прави еден автомобил да биде Mercedes денес. СУВ-крстосувачот од средната класа е нов модел на штутгартската марка и тоа се гледа и се чувствува.

За да го претстави моделот, Штутгарт порачува само кусо: Модерен, спортски луксуз. Новиот GLC се поставува во улога на најдинамичен модел во СУВ-семејството на Mercedes-Benz. Пропорциите се како на скандинавска брзолизгачка, што прави човек да почне да се интересира за тој спорт. Како изгледа GLC на улица, тоа македонската јавност ќе го види кога првите два салонски примероци ќе им бидат испорачани на сопствениците и ќе почнат да возат по македонските патишта, но според тоа што се покажува под рефлекторите – GLC барем извесно време ќе му го краде шоуто на поголемиот и СУВ-основоположувачки GLE, порано ML.

Двата салонски примерока од македонската премиера на GLC се сосем различни во стилскиот правец, меѓутоа во едно се истоветни: На нив пишува 300e, секако и 4Matic. Станува збор за приклучен хибриден погон, со досег при возење чисто на струја од преку 100 километри. Во салон велат дека „преку сто“, всушност значи 130 километри.

Целосно видео-претставување на новиот Mercedes-Benz GLC во салонот на Мак Аутостар

Погонската спрега ја сочинуваат дволитарец со 204 КС и 320 Nm, електромотор во ѕвоното на менувачот со моќност од 100 kW (136 КС) и 440 Nm – системски 313 КС и 550 Nm – и батерија од 31,2 kWh бруто. При користење брз полнач со 60 kW, батеријата се полни до 80% за 20 минути. Секако дека и перформансите се одушевувачки: Спринт до темпо сто за 6,7 секунди, крајна 218 km/h. Според нормата WLTP, потрошувачката изнесува 0,5 литар на сто километри. Чисто колку да не биде нула.

За X254, како што гласи фабричкиот код на втората генерација на GLC, домаќинот на секоја македонска премиера на нов модел на Mercedes-Benz, директорот на маркетинг Владица Кокаловиќ, вели дека „во технолошки поглед, како и во изборот на материјалите и во опременоста, новиот GLC е многу поблиску до СУВ-моделот од вишата класа, GLE, отколку до моделот од претходната генерација на GLC“. Марката денес става уште повеќе нагласок на луксузот и на ексклузивноста, па дури се најавува и многу почесто пуштање колекционерски серии во мошне ограничен број примероци.

Каросеријата изгледа компактно, иако габаритите пораснаа значително. Одвај дека постои разлика меѓу денешниов GLC и генерацијата W 164 на ML од 2005 година. Тогашниот СУВ-модел од вишата класа е долг 4,79 метри, широк 1,91 метар и има 2,9 метри меѓуоскино растојание, додека актуелниов GLC мери соодветно 4,72 метри, 1,89 метар и 2,89 метри.

Луксузот доаѓа заедно со напредна и чиста технологија. Сите мотори во GLC користат придружба од електромотор, било во форма на благ хибрид, што значи 48-волтен стартер-генератор со и мала батерија, било во форма на приклучен хибрид, со моќен погонски електромотор и батерија поголема од онаа во првата генерација електрични модели за масовниот пазар, од типот на Renault Zoe, Nissan Leaf и други.

Во нашиот онлајн-каталог за сите нови автомобили на македонскиот пазар АВТОСАЛОН.МК можете да ги погледнете техничките податоци за трите моделски изведби на новиот Mercedes-Benz GLC

Mercedes-Benz GLC 200 4Matic

Во маркатa на G-Class секако дека не се занемаруваат тееренските својства на GLC. Штутгарт порачува дека новиот СУВ убедлива со комфор и лесна подвижност, по асфалт и надвор од асфалтот. Задната управувана оска, што се вградува како опција, исто така придонесува за возната динамика, но и за лесно паркирање. За терен, интересна е можноста возењето таму целосно да се одвива на струја, со моделите со приклучен хибриден погон. Како екстра помош, се добива Offroad-Screen и „проѕирна хауба“, односно технологија што прави возачот од неговото место да го гледа просторот под возилото исто како тоа да нема мотор напред и каросерија.

Со новиот GLC ја продолжуваме историјата на успехот во иднината: Од почетокот на продажбата, 2,6 милиони примероци се решија за модел од омилената СУВ-моделска серија. Како најпродаван модел на Mercedes‑Benz во последните две години, тоа е едно од најважните возила во нашата понуда од модели
Брита Зегер, членка на управниот одбор на Mercedes-Benz Group AG, одговорна за продажба

Прочуениот и ценет инфо-забавен систем MBUX (Mercedes-Benz User Experience) сега е „уште подигитален и поинтелигентен“. Најнапредното ниво на навигацијата работи како во филм од научната фантастика. Камера го снима просторот пред возилото, а софтверот ги нагласува сообраќајните знаци, пушта стрелка во која улица да се скршне, навреме препорачува престројување пред да крстосница или двоење, а ги прикажува и куќните броеви, за возачот полесно да се ориентира.

Посебна функција е MBUX Smart Home, којашто овозможува од возилото да се контролираат смарт-уредите во домот, односно да се пушти греење или ладење, светла, ролетни, да се ракува со електричните уреди.

GLC: Бестселерот на Mercedes-Benz, уште еднаш

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Polestar 2 pretstavuvanje

Polestar 2 достигна 100.000 произведени примероци

Електричен Fiat 500 може да биде и Abarth