Електричната верзија на Mercedes Actros од следната година ќе се произведува во фабриката во Верт, заедно со верзиите на тешкиот камион со обичен погон. Во 2022 година ќе следи и камионот еЕconic, кој е посебно наменет за примена во собирањето комунален отпад и се базира врз техниката на eActros.
Првата генерација на електричниот камион Mercedes eActros ќе се проиозведува од следната година во фабриката на Daimler во Верт, Германија. Моделите со погон на струја ќе се монтираат покрај камионите со обичен погон. Во зависност од типот на возилото ќе се преземаат посебни чекори во самиот тек на производството.
Вградувањето на електричниот погон во eActros ќе се врши во т.н. објект 75 во фабриката во Верт. Таму веќе една година се вршат подготовки за електричниот модел. По вградувањето на погонските електромотори и високонапонските батерии во објектот 75, возилата ќе се враќаат на редовната монтажна линија.
Mercedes-Benz Trucks го прикажа eActros уште на салонот за камиони ИАА во Хановер во 2016 година, како прв производител на камион од тешка категорија со електричен погон. Во почетокот на 2018 година беше претставена усовршената верзија, за во есента таа година, електрични камиони да се најдат во секојдневни услови на користење кај избрани клиенти. Овие тест-возила се произведуваа во фабриките во Верт, Манхајм и Штутгарт.
Овие тестови беа од клучно значење за натамошниот развој на eActros до сериски камион. Досегот од 200 километри на прототипите се покажа како сосем доволен, независно од товарот, конфигурацијата на теренот или топографијата. Возачите беа одушевени од достапноста на висок вртежен момент во целото брзинско подрачје. Следно што возачите посочуваа како голема предност беше смиреното и пријатно возење.
Сериската верзија на Mercedes eActros ќе понуди далеку поголем досег, моќност и безбедносни системи во споредба со протитипите. Клиентите ќе можат да избираат меѓу изведба со две или со три оски. По една година од eActros, ќе стартува и моделот eEconic, наменет за собирање комунален отпад, чијшто совршено чист погон е од особено значење при секојдневното сообраќање во урбаните средини, во кои е безусловно да се сочува квалитетот на воздухот.
Фабриката во Верт е основана во 1963 година и претставува најголема фабрика за монтажа во мрежата на Mercedes-Benz Trucks. Таму се произведуваат Arocs, Atego, а веќе подолго од 20 години оттаму излегува и најпродаваниот тежок камион во светот Actros. Верт е дом и на специјалните камиони Econic, Unimog и Zetros. Дневно се произведуваат по 470 камиони по нарачка на клиентите.
>>> Mercedes прикажа концепт на камион со водороден погон

















