Според податоците што ги добиваат регионалните центри за статистика, во Македонија во вториот месец од годинава се продадени 463 патнички автомобили. Вкупно за два месеци, продажбата достигнала 1.056 нови возила, вклучувајќи и доставни возила.
Зголемување од 20 проценти во продажбата на нови патнички возила во Македонија би било прва вест на тв-дневници. Но, бројот на продадени возила сепак останува на ниско ниво, растот уште е многу далеку од главна вест. Во февруари, македонските возачки и возачи се подновиле со 463 нови патнички автомобили. Во оваа бројка не влегуваат продажбите на Hyundai, Mazda, BMW и Mercedes. Лани, во истиот месец биле продадени 386 автомобили.
Renault, Toyota и Ford се најпродавани марки во Македонија во февруари
Најпродавана марка во февруари е Renault, со вкупно 64 автомобили, пред Toyota со 55 и Ford со 46 продадени примероци. Статистиката ги опфаќа само првите пет марки. Водечката македонска петорка ја комплетираат Skoda со 42 и Opel со 29 автомобили. Само овие пет марки покриваат половина од вкупната продажба на сите автомобилски марки во вториот месец од годинава, што говори за убедливо пазарно учество. Кај патничките автомобили за два месеци е постигната продажба од 874 примероци или за точно 25% повеќе отколку во истиот период лани.
Пазарот на доставни возила постигнал 91 продажба, со прво место за Fiat, со 17 продадени комерцијални возила, пред Citroen (13 возила) и Volkswagen (11 возила). Статистиката за овој сегмент исто така е достапна во ограничен обем, само три марки фигурираат. Заедно со првиот месец од 2019 година, во сегментот на доставните возила се продадени 182 примероци. Тука е постигнато зголемување од околу две третини.
Неактивноста на Здружението на увозници на автомобили делумно води и кон непостоењето на мерки за унапредување на македонскиот автомобилски пазар, во време на енормна загаденост од стариот возен парк и запрената генерациска размена на постоечките со нови возила
Обезбедувањето статистички податоци за македонскиот пазар и натаму останува крајно ограничено. Здружението на увозници на автомобили повеќе не е активно. Наспроти тоа, на сите автомобилски пазари околу нас постојат силни здруженија, чијашто активност е главен мотор за напредокот на мобилноста. Кај нас останува пазарот да се развива спонтано, или можеби е поверно доколку случувањата се оценат како „распаѓање“ на пазарот, под влијание на стариот увоз, главно од Германија. Нашата редакција редовно објавува анализи и истражувања за влијанијата на увезувањето на возила со слаб квалитет на издувни гасови и воопшто кревка техничка исправност.
Во јануари, според Царината, во Македонија биле увезени 2.727 патнички автомобили, од кои 414 нови и 2.059 користени. Тоа е воедно и соодносот 5:1, кој постои веќе подолго време меѓу продажбите на користени и нови автомобили.
Македонска гордост на салонот во Женева: Славче Таневски и Mercedes CLA
Македонско Renault 4 пишува историја на пат до Азурниот Брег
Три илјади нови возила за половина година во Македонија
Каква ни беше автомобилската 2018 година: Препишано, неразбрано
Топ 10 Најголеми заблуди околу аерозагаденоста во Македонија
Зошто и зимава ќе дишеме автомобилски издув?