за

Каква ни беше автомобилската 2018 година: Препишано, неразбрано

автомобили ретроспектива Македонија

Зошто не треба да им веруваме на политичарите кога убедуваат во изворите на загадувањето на воздухот. И зошто за конечното воспоставување на врската меѓу животната средина и автомобилите се неопходни вистински експерти. И медиуми што не се „анонимни“

Навистина беше богата, автомобилската 2018 година! Доделени се субвенции за возила со ниска емисија на штетни материи, конечно е растоварен сообраќајниот метеж во метрополата, властите помалку уживаат во благодатот од акцизите што ги наплаќаат за секој литар потрошено гориво и го полнат буџетот. Масовно се преоѓа на користење јавен превоз, додека сопствениот автомобил мирува и чека викенд, по велосипедските патеки има осетно повеќе сообраќај. Повторно се ужива во прошетка низ населбата, без притоа да се вдишуваат штетните материи или нервите да се напрегаат од заглушувачката бучава од возилата.

Но, навистина ли ја помниме како таква, автомобилската 2018 година, што за неколку денови заминува во историјата? Еден блиц-поглед во насловите што денес ни ги донесуваат незаменливите агрегатори на вести, во пригодно предновогодишно полуцензурирана форма: Амнестија, измени на кривичен законик, политичка вина за бегството, дебатирање за загадувањето, реконструкција на влада, земјоделци во грч, трамвај во Скопје, училиштен хорор, обезбедување по пратенички мандат. И повторно ќе продолжиме да веруваме дека во сферата на автомобилизмот сé е беспрекорно, дека токму во прашањата што се поврзуваат со автомобилите сé е во најдобар ред?

Зошто би ценеле дека автомобилизмот ни е во подобра состојба од економијата, здравството, индустријата, културата?

Загаденоста на воздухот, бесмислениот сообраќаен метеж, бучавата во урбаното секојдневие, одземениот пешачки простор, колабираната пазарна вредност на матичните автомобили купени до рекордната 2009 година, довезените користени автомобили од странство, што нема да доживеат уште една препродажба и единствено им преостанува да завршат на отпад … сето тоа е само практична манифестација на општите состојби во сферите на економијата, здравството, земјоделството, културата, правдата. Или поинаку: Зошто автомобилизмот би бил во подобра состојба од економијата, здравството…

samsung, роботски автомобили
Новите технологии радикално ќе го сменат начинот на користење на автомобилите. Ние уште ја немаме воспоставено ниту основната спрега меѓу автомобилите и животната средина

Сите девијации, аномалии и абнормалности, што се практикуваат како стандарден модус операнди, секако дека не го одминуваат ниту автомобилскиот сектор. Тој, всушност, најмногу е погоден, затоа што и самата политика досега не успеала да препознае неопходност од политика во автомобилизмот. Ниту во годинава што заминува не дознавме под чија точно ингеренција подлежат автомобилите. Користењето на автомобилите, исто така.

Министерство за економија беше надлежно кога во 2010 година беше ослободен увозот на стари автомобили, без какви било еколошки норми. Сега во 2018 година, Министерство за животна средина ќе воспоставува ред и ќе ги категоризира автомобилите според емисијата на штетни материи. Како правилно да постапуваат возачите, да менуваат автомобил секоја година, согласно актуелните критериуми и норми?

Зарем покрај толку магистерски и докторски титули во државата уште не е пронајден начин како да се отпочне со надминување на проблемот со аерозагаденоста?

Отсуството на експертиза се манифестираше веднаш штом еколозите излегоа пред јавноста со нивната верзија на плакети за еколошка погодност на автомобилите. Повеќе од половина година се чекаше да се изготви решение. Се тресеше гората, се роди зајак. Градски автомобили со три цилиндри и седумдесетина коњски сили, требаше да се класифицираат исто како двотонски теренци, со шестцилиндарски мотори и со „седум менувачи“, само затоа што се евидентирани како возила според нормата Еуро 2 или 3. Господата надлежни би требало да бидат повеќе информирани дека категоризацијата на автомобилите веќе со години наназад се врши единствено врз основа на емисијата на СО2.

Како Европа го поттикнува возењето еколошки автомобили

Кај нас не постои стратегија со којашто ќе се обновува возниот парк; Популистичките мерки со увозот на стари луксузни автомобили не само што доведоа до стагнација, туку и до назадување

Според презентираната идеја, на градските автомобили, кои ја сочинуваат традицијата на возниот парк во Македонија, требаше да им се одземе слободата за користење во време на прекумерна загаденост на воздухот, само поради тоа што спаѓаат во иста Еуро-категорија со возила, чијашто смисла во градскиот сообраќај се сведува на поткачување на тротоар, за цела кафеана да се одушевува.

Препишано, неразбрано. На пропагаторите на идејата тогаш им беше поважно да ѝ соопштат на јавноста дека ќе се изречуваат строги парични казни во висина од 500 евра, отколку да укажат на неопходноста од преоѓање на почист и понов возен парк. Потоа, вообичаениот молк, кој следи секогаш кога треба да се воведат ограничувања во сферата на автомобилизмот.

Штом толку долго не се пристапува кон надминување на проблемот со аерозагаденоста, тогаш мора некој да профитира од загадениот воздух

Тогаш, Аутомедиа го постави прашањето: Кој тоа профитира од загадувањето? Штом толку се избегнува автомобилите да се посочат како главен причинител за загаденоста на воздухот, во сите македонски градови – затоа што старите автомобили со низок квалитет на пречистување на издувните гасови сообраќаат насекаде – мора да постои некоја причина за тоа. Прашањето, всушност, повеќепати беше присутно во нашите содржини.

Одговорите: Повеќе од половината од продажната цена на горивата отпаѓа на акциза и данок. Овие средства се насочуваат директно во буџетот, и сосем логично, во дел завршуваат кај „буџетските корисници“; Средствата масовно се трошат и за набавки на опрема и уреди, вклучувајќи провизии (пречистителни уреди, замена на старите системи за греење во училиштата, институциите и др), за ангажирање експерти и инспектори, за изработка на студии, за реализација на мегаломански проекти (трамвај во ера кога светот се подготвува за сообраќај со роботски возила); Секако дека не смее да се превиди и улогата на еколозите од најразлична провиниенција, кои добиваат соодветен надомест за својата „работа“.

Кусо, сé додека аерозагаденоста постигнува рекордни вредности, некој соодветно заработува од одложувањето на изнаоѓањето и примената на вистинското решение за надминување на загаденоста. Тоа е воедно и одговорот на прашањето, дали отстранувањето на линданот (кој инаку е апсолутно нерелевантен за актуелното загадување ширум државата) ќе чини 40 или 240 милиони евра?

Како што во минатите години пропаѓаа магазини за спорт или за компјутери, така се „откриваа“ автомобилите – денес секој се прогласува за експерт, само уште публиката да реагираше

За сето време, таму каде што требаше да се создава и да напредува автомобилската сцена, се сервираа локално нерелевантни и дубиозни информации, кои повеќе како да се однесуваат на Германија, Велика Британија, САД, Шведска, отколку на Македонија. Конечно, доаѓаме до улогата на таканаречените автомобилски медиуми. Години наназад, а веројатно и подолго од една деценија, како што ќе се покажеа неуспешни одредени изданија, специјализирани за спорт, за компјутери или за мобилна телефонија, а не се исклучуваше и по некоја пропадната маркетиншка агенција, така намерниците во медиумскиот простор масовно преоѓаа во подрачјето на автомобилизмот.

А, зошто не би! Со автомобилите се работи многу лесно. Производителите одржуваат медиумски сервиси, од коишто се преземаат информациите, видеата и фотографиите. Стручните поими колку толку ќе се преведат на гугл, сервираниот текст ќе се преведе до збор, и единствено преостанува публиката да реагира фанатично на објавата. Но, публиката никако да реагира како што очекувале „новодојденците“.

Од кого препишуваат водечките автомобилски медиуми од рангот на Топ Гир или Аутокар?

Но, дури и користењето на овие сервиси станало реткост. Многу почесто се посегнува по содржините на водечките медиуми, од типот на англискиот Autocar, или по блоговите, како Autoblog, Jalopnik и слични. Уште почесто се препишува од регионалните извори, на српски или хрватски јазик. Нормално е дека публиката го препознава тоа, и логично, избира директно да ја чита информацијата од изворот, без потреба да се мачи „што мислел авторот кога препишувал“. Публиката на автомобилските медиуми се состои од ентузијасти, луѓе што ги сакаат автомобилите и имаат богати познавања од областа. Овие луѓе, не можете да ги измамите, господа што сте се натуриле во автомобилизмот.

аерозагаденост, загадување, воздух, аерозагадување

Дури, неретко се случувало содржини на Аутомедиа да бидат копирани до збор, без наведување на изворот, што е единствениот услов за нивно користење. Мал пример за условите што ја диктираат динамиката на објавување на вести. Кога некој портал ќе објави вест, истата се појавува на познатите агрегатори на вести (time.mk, grid.mk, daily.mk), кои многумина ги ценат и користат како „највлијателни медиуми“.

Обично, веста што се објавува прва, пониско е рангирана во редоследот на последните вести. Но, тој што ќе објави втор, неговата вест има големи шанси да биде прворангирана. На третиот, четвртиот, петтиот извор што ќе ја објави конкретната информација, гарантирани му се часови топ-читаност на првото место. Додека шестиот извор не објави… Слично како на пазар. Кога продавачот на соседната тезга нуди кисела зелка, и вие ќе почнете да нудите кисела зелка. А, зошто не туршија?

Првиот совет од гугл за зголемување на посетеноста е споделување на објавите во групи на фејсбук. Но, нема совет како да се состави објава што ќе биде привлечна за публиката

Меѓу последните трендови се објавите со универзална автомобилска содржина, што може да се споделуваат во колку е можно повеќе групи на фејсбук. Станува збор за корисни и едукативни објави од типот на „дали вратата треба да се отвори со десна или лева рака“ или „дали треба да се вдише длабоко пред да се седне зад воланот“. Тоа се крајно актуелни информации, во ера кога управувањето со автомобилите треба да го преземат вештачка интелигенција и камери, радари и сензори. Ера на електричниот погон, исто така. Од друга страна, споделувањето би требало да произлезе од читателите, не од „авторот“.

Во последно време се забележува како некои чинители на медиумската сфера решиле целосно да го прескокнат влијанието на публиката (!?) во нивната работа, и строго се посветени на еднонасочна комуникација меѓу нивниот медиум и „деловниот партнер“. Така произлезе актуелната серија интервјуа со менаџерскиот персонал во неколку големи компании од автомобилското подрачје. Прашањето: Вашата фирма е многу успешна, нели? Одговорите, збунети. Подобро што сето тоа се одвива далеку од вниманието на публиката. Целта е да се обезбеди реклама, а каква корист е за компаниите кога нема кој да ја забележи рекламата?

Во ера кога луѓето уште при помислата да купат одреден производ или да користат одредена услуга, прво бараат рецензија на интернет, локални хаос-мајстори се обраќаат на публиката со ода на радоста, неумесен омаж. Елвис е жив!

Неверојатно, но и во 2018 година постоеја компании кои очекуваат за нив да се објавуваат воспеви како во времето на Тито

Сите овие девалвирачки трудови не ќе успееја да се појават во јавноста, доколку и спротивната страна не беше со сличен став. Збунетост предизвикува самата помисла дека во 2018 година, што значи цело полнолетство по преоѓањето во новиот милениум, во Македонија постојат компании кои ценат дека објавите што се однесуваат на нивната работа, во стилот на „уз маршала Тита, јуначкога сина“, наидуваат на општа еуфорија меѓу народот.

Во сета оваа салата од парадокси, најголемата фарса е нешто, што од почит кон вистинските медиумски субјекти, тешко заслужува да се нарече магазин. Посведочен пример за составувањето на синопсисот: Се презема електронската форма на магазинот на јазик што не се познава, но магазин што сепак се вбројува меѓу највлијателните во автомобилската сфера во европски рамки; Автентичните фотографии се заменуваат со фабрички фотографии, од истата марка и од истиот модел, по можност од сличен ракурс; По истиот принцип се постапува со насловите, поднасловите, клучните моменти; Во меѓувреме, едниот и единствен член на редакцијата преведува соопштение за медиуми за конкретниот модел, во замена за оригиналниот авторски, стручен и забавен текст.

Без медиумите што прикажуваат лажни податоци за читаноста, домашната автомобилска сцена ќе напредуваше многу побрзо и во вистинскиот правец

Со лажиран кредибилитет и измислена публика, таа креација на крајот им се сервира како врвно достигнување на почитувачите на „уз маршала Тита…“ И нормално, автомобилската сцена ќе стагнира, публиката ја губи довербата во објавите од домашните медиуми, убедена дека погрешната практика ја следат сите.

fiat 500

Малкуте останати автомобилски ентузијасти во фелата сепак успеваат да го задржат вниманието на публиката. Тоа, секако, најмалку е едноставно, додека „конзументите“ на добрата и вредна автомобилска информација се бомбардираат од секоја страна со содржини што и лаиците ги детектираат како „фалц“, но дури откако ќе прејдат на содржината. А тогаш, читателот веќе го загубил трпението и нема намера да ја бара вистинската информација до недоглед.

Во време кога претстојат најголемите промени во сферата на автомобилизмот по воведувањето на подвижната лента, особено е важно на сцената да се одржат оние медиумски субјекти, што се кадри да го пренесат духот на промените пред публиката.

Редакцијата на Аутомедиа ви благодари што бевте наша верна публика и во изминатава година.

Тоа што најмногу ја раздвижуваше сцената во 2018 година:

олдтајмерциите од стојаково, од стојаково до ница со рено 4 монте карлопица електрични возила

паметни лежечки полицајци - smartbumps 2

електромобилност е-конвој

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Ford Focus награди продажба

Ford Focus со одличен старт: Повеќе од 40.000 продажби за 6 месеци

блокирани полначи за електрични автомобили

Возачи на пикапи блокираат полначи на Tesla