за

Запнала Мара да избира автомобил на годината во Македонија

Деновиве е во полн ек распродажбата на титули на автомобил на годината во Македонија. Титулите им се обезвреднуваат од година в година, автомобилската сцена се обезличува, а сето тоа е толку нормално во нашата средина на делување и неделување.

отпад автомобили - избор на автомобил на годината во Македонија

Кој ќе биде автомобил за 2021 година во Македонија? А, кого тоа воопшто го засега. Во услови кога подолго од деценија се увезуваат на големо возила што еколошки освестената Европа ги отфрла, шестпати помасовно од продажбата на нови и нормални автомобили, кога законите немаат допирна точка со браншата и не постои нормален автомобилски медиум, кога државната каса се преплавува со пари од акциза од гориво, секогаш одново се појавуваат неколку табори што си наоѓаат за интересно, јавно да додеваат со пародии за избор за автомобил на годината.

Основната разлика меѓу нормален и македонски избор на автомобил на годината – за пример, изборот за најпрестижната автомобилска титула во Европа, за „Car of the Year“. Веродостојниот и непобитен исход на изборот се темели врз гласовите на претставници од влијателни медиуми, конкретно од Kurier (Австрија), Le Monde, L’Automobil Magazine (Франција), Frankfurter Allgemeine Zeitung, Kicker (Германија), Independent, Il Messagero (Италија), De Telegraaf (Холандија), Auto Magazin (Словенија), El Mundo, Autopista (Шпанија), The Daily Telegraph, BBC Top Gear (Велика Британија). Тоа е само скромен извадок од списокот на медиуми и држави што го сочинуваат изборот. Зад секој член во жирито, постои име на медиумот што тој го претставува, а тоа фактички укажува на големината и значењето на самиот избор, му дава кредибилитет, во случајов врвен кредибилитет.

Следниот пример, од соседите. Србија го избира својот автомобил на годината со жири во состав: Александар Туцаковиќ, претседател на жирито (РТС), Петар Живковиќ (Новости), Младен Радуловиќ (Курир), Александар Угљешиќ (Д’моушн), Срѓан Предојевиќ (ТВ Прва), Владица Шљивиќ (Пламрејс), Миљан Терзиќ (Ауто Билд) и Драган Милутиновиќ, претседател на асоцијацијата на автомобилски новинари на Србија. Значи, повторно истиот случај, име и презиме, име на медиум.

Пример, Македонија. Во делот од наменскиот вебсајт што не пропушта да нагласи дека станува збор за „национален избор“, наведени се само неколку имиња на личности. Медиуми? Не постојат. Имињата на медиумите, во конкретниот случај, неколку „уан-мен-шоу“ блогови, се кријат како змија што ги крие нозете. Каква е тогаш веродостојноста на тој избор, во којшто не смее да се објават имињата на медиумите?

Дел од медимите зад „националниот избор“ на автомобил на годината служат само како инструмент што се користи да им ја попречува работата на нормалните автомобилски медиуми – додека дојде време за следните избори

Со исклучоци на autoinfo и turbo1, во кои реално се вложува ентузијазам и познавање, останатите блогови што се опфатени во „изборот“, на сцената функционираат единствено како паравани, со единствена поставена уредувачка цел, сцената да се преплавува со бесмислени и препишани објави, што немаат ништо заедничко со македонските возачки и возачи, со реалното секојдневие во државата. Наслови во коишто се провлекуваат српски зборови препишани од оригиналот, па и српска деклинација, со имиња како „renaulta“ или „tesle“, нормално ѝ се сервираат на јавноста, исто како и гугл-преводи. Се публикува масовно, само за нивните објави да ги „поклопат“ објавите на вистинските автомобилски медиуми на агрегаторите на вести.

Кој еднаш се „изгорел“ од посета на интернет-присуства од ваков вид, вторпат не само што ќе ги одбегнува, туку и ќе одбегнува секој друг македонски вебсајт за автомобилизам, со предрасуда дека сите постапуваат исто; Тоа им наштетува на медиумите што вистински се поставени да ѝ се обраќаат на публиката

„Силата“ на овој, националниов избор, доаѓа од заштитеното право на користење на насловот за избор на автомобил на годината во Македонија. Затоа, пак, сега паралелно се појавува друг медиум, кој исто така цени дека некој договорен параграф му дава полно право за неговата организација да се води како национален избор на автомобил на годината.

Еден непостоечки магазин денес го користи култното медиумско име на автомобилската сцена на овие простори, на магазинот Auto Plus. Името на магазинот е купено, но вистинските луѓе одамна не се таму. Тој Auto Plus е воедно и единствениот реален магазин што постоел од 1993 година наваму, со вистинска редакција, којашто своевремено вклучуваше дваесетина авторски имиња. Со нагласок на „постоел“. Со големи достигнувања, исто така. Томислав Биљарац, член од Македонија во изборот на автомобил на годината во тогашна Југославија, во тие ударнички македонски времиња го основа Auto Plus, заедно со Зоран Коцев. Магазинот учествува во организирањето на првиот салон на автомобили во Македонија, на Аутоекспо во тогашното скопско сајмиште. Влезницата за салонот е воедно лоз за учество во наградната игра во којашто се доделуваат автомобили.

Во таква продуктивна атмосфера се одржува и првото издание на изборот за автомобил на годината во Македонија. На уредниците на тогашните исклучително тиражни Дневник, Утрински Весник и др. им засметува тоа што нивните медиуми отсуствуваат во изборот на автомобил на годината, кој го носи карактерот на национален избор. За кредибилитетот да биде комплетен, во жирито на изборот се делегираат неколку новинари што на нивните уредници им се виделе како логичен избор. Во дневните изданија тогаш не постои рубрика за автомобилизам. Тоа кажува доволно. Историските дневни изданија на македонскиот простор повеќе не постојат, но „експертите“ останаа да избираат автомобил на годината.

Во меѓувреме, насловот за Автомобил на годината во Македонија му се гледа многу звучен на издавачот на сосем трет медиум, на Машки магазин, во чијашто содржина Авто Плус постои само како прилог. Тоа е доволно да се замачкаат очите на спонзорите и тие да поверуваат дека овој Авто Плус е ист со легендарниот Auto Plus на покоен Биљарац. Во некаква чудна потреба на таа реално неуспешна медиумска креација, во своето пирово портфолио да го вклучи и изборот на автомобил на годината, Машки магазин, алијас Авто Плус – виртуелен, се организира сосем нов, и во беспрекорен македонски манир, паралелен избор на автомобил на годината – „фамозното“ Златно Тркало. Асоцијацијата на името Златен Волан е неслучајна, но секако дека е гротескна. Копија, патем.

Златниот волан, оригинално „Das Goldene Lenkrad“ не се одржа во годината кога избувна дизел-скандалот на целата автомобилска бранша; Во годиниве додека автомобилизмот во Македонија е на најниски гранки, „избирачите“ не се двоумат дали да искамчат уште по некое евро

Значи, Златното Тркало, не постои како организација што има за цел на сцената да ѝ понуди веродостоен избор на автомобил на годината, туку служи само како „контра“ на Националниот избор на Автомобил на годината во Македонија. Народски, да му „умре кокошката“ на „лежи лебу да те јадам“. Неколку помлади блогери на македонската сцена поверуваа дека Авто Плус уште е влијателна институција, па се придружија во новокомпонираниот избор, на тој начин обезбедувајќи му каква таква тежина на истиот. Единствено чуди, како реално успешен медиум, carclub, бидна вовлечен во сета оваа папазјанија.

Изборите секако дека вклучуваат наплата. Стотина евра чини номинацијата по автомобил, односно тоа е цената за некој нов модел да се прикаже дека се изборил да се најде во „финалето“. Во принцип, не постои претквалификација или некакво полуфинале, затоа што автомобилите кои се прикажуваат како финалисти, воедно се единствените автомобили за коишто е пријавено (читај платено) да бидат спомнати како учесници во изборот. Одвај се потсобираат пет шест модели, за јавноста да поверува дека тоа навистина е избор на автомобил на годината.

Така се објаснува присуството на сите кинески, италијанско-кинески, индиско-мадагаскарски и слични автомобили во изборот. Воопшто не пречи ако јавноста бидне „збунета“ од изборот на автомобилите. Цената е околу сто евра, по автомобил. Ако некој состави автомобил во гаража и плати сто евра, голема е веројатноста и тој автомобил ќе заврши во изборот за најдобри автомобили. Големо е разочарувањето ако некој очекуваше дека цената за автомобил на годината е повисока. Можеби уште најмногу две три стотини евра, за некој да биде повеќе автомобил на годината од друг. „Тестирање“ на наредните модели од победничките марки, исто е вклучено како сатисфакција за прогатонистите на изборот.

Вистинскиот ефект од сите овие „моќни“ избори е обесхрабрување на автомобилските фанови да следат македонска содржина; За уверување, избројте колку од автомобилските содржини што ви се појавуваат на фејсбук, носат напомена „sponsored

Сега повеќе нема потреба од одговор: Зошто од изборите веќе традиционално отсуствуваат големите имиња на автомобилската сцена, BMW, Mercedes & Co, исто како и марките што постигнуваат рекорден удел на македонскиот пазар, меѓу нив Suzuki или Kia? На следново прашање сепак ќе дадеме одговор: Зошто автомобилските марки, откако еднаш ќе освојат тутула, во следната година повеќе не учествуваат во изборот? Затоа што точно дознале колку е цената на титулата, но уште повеќе, затоа што се увериле во реалната корист од пировото прогласување на автомобил на годината.

Зошто тогаш дел од увозниците учествуваат во изборите, кога ја познаваат заднината на истите?

Големината на компаниите и значењето на нивниот бренд ги обврзува увозниците на автомобили во Македонија. Некои што предводат во браншата, едноставно се обврзани да учествуваат во избор на автомобил на годината. Доколку отсуствуваат, тоа би можело на одреден начин да се протолкува во јавноста како некоја форма на слабост или несериозност. Тоа е само еден аспект. Во исто време, компаниите што се борат да го преземат лидерството во браншата, секако дека мора да присуствуваат заради првиве.

На крајот, на сето тоа се надоврзуваат неколку распашани канцеларии за маркетинг, на фантастично моќни семејни компании на коишто автомобилскиот бизнис им претставува еден дел од активностите и сумите што се трошат на „спонзорирање“ на дисфункционални медиуми се вмешуваат во вкупната сума. На наше прашање до еден истакнат член од ценетите автомобилски фамилии, дали тие следат што се случува на автомобилската сцена во Македонија, добивме одговор: „Па, ние немаме време за и со тоа да се занимаваме, ние имаме други обврски, ние работиме на друга сфера. За тоа постои маркетинг, тие ги следат случувањата…“

Авто-блогерите во Македонија се најочигледен пример за начинот на којшто Цукерберг заработува милијарди: Содржини што се недостојни за објава, безочно се спонзорираат на фејсбук и се шират масовно во јавноста, којашто како одбранбена реакција ги прескокнува сите следни автомобилски содржини, без разлика што тоа се вредни содржини

Значи, базата за изборите да се одржат доаѓа од една страна од водечките компании во бизнисот, додека од друга страна доаѓа од компании чијшто врвен менаџмент е уверен дека нивниот маркетинг знае на што ги троши парите и умее да се грижи за имиџот на марката на македонската сцена. Така знаеме зошто некои водечки автомобилски марки пред десет години, денес се спаднати речиси на маргините на нашиот автомобилски пазар. Сите се сеќаваме кои марки некогаш царувале тука.

Сé е фарса. Изборите ги силуваат уан-мен-шоу медиуми кои реално не поседуваат кредибилитет и за нив целата оваа организација е единствениот начин за одржување во живот. Потребната гнила основа за одржување на тие избори, доаѓа од неколку канцеларии за маркетинг на (главно семејни) автомобилски компании во Македонија, кои медиумите ги делат на тие што „пишуваат најубаво за нашата марка и за нашите газди, и ни доаѓаат секој ден во посета“ и „тие што пишуваат реално, што не се лигавати место да шетаат по дилери, работат на своите медиуми“.

Како до избори на автомобил на годината: Собери неколку „инфлуенсерки“, состави прикрпен вебсајт колку за залажување, пушти спонзорирани објави на фејсбук и инстаграм, и одеднаш стануваш моќен фактор во светот

Најважното, секако е, колкав е ефектот од силната работа на тие „избирачки“ автомобилисти. Македонија подолго од деценија увезува масовно автомобили што во Европа практично не можат да се регистрираат, поради високата емисија на штетни материи. Увозот се сведува на најголемите автомобили од најпрестижните марки што може да се најдат за парите, било да е тоа од контроверзните автоплацеви на доселениците во Германија, или од „кокошарниците“ во коишто старите автомобили се продаваат заградени во жичена ограда во Бугарија и соседството.

Македонија е веројатно единствената држава во којшто не постојат субвенции за возила со ниска и нулта емисија на штетни материи. Лани беше донесен дилетантски скроен закон, со којшто по деценија и пол, на хибридите почна да им се наплаќа акциза, само преименувана како данок за возило. Тоа им се гледа како неинтересна тема на „избирачиве“.

По сиот тој увоз на крш од белиот свет и од бугарските плацеви, во државава денес не може да се најде нормален автомобил, со нормална старост и со нормална километража. Кој бара, на пример, Golf стар околу десет години, со реални 120 до 150 илјади километри и со реална цена од 5.000 евра, што ќе може спокојно да го користи како семеен автомобил, нема да најде таков. Место тоа, за парите ќе мора да избира Audi A8 со мотор V8 и со тркала од 19 инчи (и гуми, нормално), со 399.000 бугарски километри и 799.000 вистински километри, што само светлото да го смени, ќе му бидат потребни најмалку 500 евра. Аутомедиа единствена во сиве години објавува теми за штетното влијание на лошиот увоз.

Автор кој се повикува како познавач на автомобилизмот, а притоа не може да воспостави паралела меѓу увозот на автомобилскиот крш – и „сечењето де-пе-еф“ – со енормната загаденост ширум целата територија на Македонија, тој е бескорисен, доколку во медиумот за којшто работи, не објави за тоа.

Значи, ценети и останати избирачи на автомобил на годината во Македонија, прво стекнете кредибилитет како влијателни автори пред публиката и со своите познавања придонесете за „автомобилска“ Македонија конечно да се постави во одреден правец и да го следи истиот, во ова денешно време кога целиот свет ги преиспитува своите навики околу мобилноста. Финансирањето на Марк Цукерберг, за фејсбук да направи вашите „sponsored“ објави да станат квази-релевантни и да се појават на смартфоните на корисници на друштвени мрежи, за кои алгоритмите пресметуваат дека е најголема веројатноста да стават лајк на вашите објави, тоа не е медиумска активност, туку е спонзирирање.

А, за да провериме, дали една веродостојна содржина вреди колку сто „изборно“ спонзорирани содржини, за оваа наша објава ќе го финансираме Цукерберг со 30 долари.

Дарко Јаконов

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Avatar

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

daimler mercedes концерн

Daimler лани ја зголемил заработката на 4,0 милијарди евра

lexus ls 500h

Lexus LS 500h на хибридна супспецијализација