за

Great Wall во септември со над 40.000 продажби на Haval H6

Great Wall Motors повторно го привлече вниманието на македонската сцена со стартот на продажбата на СУВ-моделот Haval H6. Во меѓувреме заврши салонот Ауто Кина во Пекинг. Вестите што сега ги носи кинескиот концерн се слични како во златните години на европската автомобилска бранша.

Great Wall во септември со над 40.000 продажби на Haval H6

Вакви вести доаѓаа од европските автомобилски марки пред преоѓањето во новиот милениум. Продажбата на сите марки од концернот во септември достигна 117.812 возила. Тоа е зголемување за 32% во споредба со истиот месец лани, односно за 18% повеќе во споредба во периодот од јануари до септември во 2019 година… разликата е во тоа што концернот на којшто се однесуваат овие податоци, не е Volkswagen или Daimler, туку е Great Wall Motors.

Вредностите од продажбата на автомобили од двата германски концерни секако дека се многу повисоки од кинескиот концерн, но клучната предност во споредба со традиционалните предводници на автомобилската сцена е во трендот на продажбата. Додека некои концерни, како PSA Peugeot или Fiat Chrysler, уште се соочуваат со продажба намалена за повеќе од една третина во досегашниот тек од годината, GWM бележи тренд право угоре.

Од четирите марки на концернот – Haval (СУВ), Ora (електрични), Wey (премиум) и GWM Pickup – за извоз биле испорачани 7.773 возила, што е за 14% повеќе во споредба со септември лани. Вкупно во деветте месеци се продадени 680.690 автомобили од концернот. Најголем удел во септемвриските 117.812 возила има постигнато марката Haval, со 79.120 примероци, од кои 40.475 отпаѓаат само на моделот Haval H6 – тој неодамна беше на тест во Аутомедиа и не беше изненадување одличната реакција од јавноста за автомобилот.

Бројките добиваат дополнителна тежина, откако концернот Great Wall го видовме во полно светло на салонот во Пекинг, кој започна на 26-ти септември и заврши во понеделникот, на 5-ти октомври. Бројни новини беа прикажани на големиот штанд, веднаш до изложбените површини на Audi и Toyota. Најважната новина секако дека беше премиерата на третата генерација на Haval H6, додека во привлекувањето на вниманието на публиката, никој не му беше рамен на стилскиот Dagou.

Електрични автомобили секако дека се подразбираат и на штандот на GWM, и тоа во форма на пикап во класата со носивост од еден тон, со име Poer, коешто асоцира на Power, а воедно се поврзува и со традиционалниот кинески лик на Пао. Цената на електричниот пикап што постигнува досег од преку 400 километри и располага со моќност од 300 КС, почнува од 251.800 јуани (31.800 евра) за товарната изведба, односно 279.800 јуани за патничката верзија (35.350 евра).

Нашиот“ Haval H6 бележи фантастични рекорди. Тој е најпродаван СУВ на кинескиот пазар веќе 88 месеци во континуитет. Новиот модел од третата генерација, за само еден месец од почетокот на продажбата надмина 10.000 примероци. На топ-нивото Supreme (како на тестот) отпаѓаат 32% од продажбата.

Добро напредува и трендовскиот Haval F7, кој е позициониран како СУВ-купе во споредба со H6. Во септември, и тој постигнал 12.601 продажби, што е +22% со истиот месец лани. Уште повеќе има постигнато семејниот СУВ со пониска спецификација и ознака M6, со 14.801 промероци (+29%).

Светската сцена реагираше бурно на Haval Dagou, кој следи стил близок на G-Class и на оригиналниот Defender. Новиот модел во понудата на марката Haval почна со резервации кусо пред салонот и постигна фантастични 3.045 продажби. Моторот е 1,5-литарски турбо, цената се движи меѓу 119.900 и 142.900 јуани (15.150 евра и 18.000 евра), зависно од опремата.

Пикапите на Great Wall долго се присутни и на нашиот пазар и главно се користат како службени возила за тешки услови на примена. Тоа воедно одигра важна улога за сцената да стекне доверба во овие возила. Глобалните бројки за пикапите што се водат под марката Great Wall Pickup пријавуваат 22.885 продажби за септември. Тоа се 67% повеќе продадени возила во деветте месеци годинава, во споредба со истиот период лани.

Пикапите на GWM постигнуваат удел од 50% во сегментот. Тоа не треба да биде изненадување, ако се има предвид дека овие возила 22 години во низа се најпродавани во сегментот на домашниот и на извозните пазари. Концернот досега има продадено 1,8 милион пикапи во светски рамки.

Елеткричните автомобили, всушност се сосем вообичаени во понудата на кинескиот концерн. Тие се водат под марката Ora и во септември постигнале 6.619 продажби – порастот е сензационални 253 проценти во споредба со првите девет месеци лани. Премиера на салонот во Пекинг имаше спортската изведба на Ora, како прв електричен автомобил со спортски карактер од кинеска продукција. Ora Haomao GT чини меѓу 105.000 и 145.000 јуани (13.250 и 18.300 евра).

Концернот Great Wall Motors со своите четири марки напредува со динамика којашто го става на рамниште со традиционалните марки. Во Haval многумина ја препознаваат марката што недостигаше. Големите пазари, како Германија или Франција, веќе се зафатени со електро бранот и си ги почитуваат традициите, но на пазарите во нашиов регион, овие автомобили се добредојдено освежување.

>>> Great Wall Motors купи фабрика на General Motors во Тајланд

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Еден коментар

Одговори

One Ping

  1. Pingback:

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Зошто е добро гумите да се заменат со зимски пред останатите

Зошто е добро гумите да се заменат со зимски пред сите?

chevrolet groove

Уште еден кинески Chevrolet за пазарите во Јужна Америка