за

Зошто е добро гумите да се заменат со зимски пред сите?

Остануваат уште неколку седмици додека почне вистински да застудува, но тоа не значи дека замената на летните гуми треба да се одложува до последниот ден.

Зошто е добро гумите да се заменат со зимски пред останатите

Кога улиците ќе станат лизгави и ќе паднат првите снегови, вулканизерите имаат полни раце работа. Тоа воедно значи и дека ќе мора долго да се чека ред пред работилниците или ќе мора да минат неколку денови до закажаниот термин за замена на летните гуми со зимски. Вистинскиот проблем е од друга природа.

Кога ќе почне метежот по вулканизерските сервиси, се намалува и шансата да се најде потребната димензија, саканата марка и точниот брзински индекс. Водечките вулканизерски работилници секако дека уште сега се подготвени за почетокот на сезоната и располагаат со соодветна залиха од марки и модели на зимски гуми.

Раното посетување на вулканизерска работилница за замена на гумите е уште повеќе препорачливо во услови на пандемија, кога е потребно да се избегне секаков метеж.

Според Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата, обврската за користење зимска опрема во возилото почнува на 15-ти ноември и на важност е до 15-ти март. Возач што не ја почитува одредбата ќе плати глоба во износ од 45 евра, односно ќе му се регистрираат 25 негативни бодови. Полицискиот службеник може да му нареди на возач да го прекине натамошното движење на возилото, доколку не ја поседува пропишаната опрема.

Законите понатаму предвидуваат зимските гуми (на сите тркала) да имаат длабочина на профил од најмалку 4 милиметри. Во возилата со погон на сите тркала не мора да се носат синџири за снег, доколку на сите тркала се поставени зимски гуми со длабочина од најмалку 6 милиметри. Доколку се користат летни пневматици, тие исто така мора да имаат длабочина на профил од најмалку 4 милиметри, но мора да се постават синџири за снег, кога тоа го наложуваат условите на патот или тоа ќе го наложи полициски службеник.

Под зимски гуми се подразбираат модели што странично имаат ознака MS, M+S, M&S, но го имаат и многу поважниот и порелевантен симбол на снегулка, заедно со планина со три врвови.

Проблемот при користење летни гуми во студената сезона е во тоа што различната смеша на гумата, во споредба со зимските гуми, станува крута и порозна, што го намалува триењето со патот. Тоа го продолжува патот на сопирање, ја смалува и стабилноста во свијоци, исто и управливоста, а воедно и трошењето на гумите е поизразено. Клучната разлика, секако дека е во профилот, кој на зимските гуми им овозможува поголема тракција при возење по снег или мраз. Одведувањето на водата на патот исто така е меѓу суштинските способности на добрите модели на зимски гуми.

Препорачливо е зимските гуми да се изберат со најтесниот профил што го предвидува производителот на автомобилот. Тоа ја смалува површината со којашто гумите налегнуваат врз асфалтот, односно значи дека гумите ќе имаат помала количина на снег или вода што ќе треба да ја потиснат. Со потесни гуми се одложува и запливувањето (аквапланингот) кога ќе се наиде на поголема количина вода на патот, односно тоа се појавува при повисока брзина, отколку со гуми со поширок профил.

Постои и еден аргумент што оди во прилог на изборот на гуми со повисок профил. Со овие гуми се постигнува пошироко гранично подрачје. Тоа значи дека е помала шансата возачот да се соочи со нагло губење на стабилноста доколку влезе пребрзо во свијок. Со повисоки гуми, приближувањето до граничното подрачје почнува да се чувствува порано.

Кога патот е сув, предностите пак одат во корист на пошироките гуми. Значи, сепак е потребно да се погоди вистинскиот компромис.

Кај новите генерации зимски гуми постои суштинска разлика во поглед на притисокот. Додека порано беше главно правилото при возење по снег да се испушти малку притисок од гумите, денес производителите препорачуваат притисокот да се зголеми за 0,2 бар од препорачаниот од производителот на автомобилот. Зголемениот притисок прави ламелите да се отворат повеќе, што понатаму придонесува гумата подобро да заграби во снегот. Се подобрува и самостојното чистење на профилот. Кога патот е сув или влажен, тогаш треба да се почитува фабрички препорачаната вредност.

>>> Тест на 16 модели на зимски гуми со димензија 185/65 R15

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Volkswagen Amarok Red Rok

Volkswagen го претвори Amarok во GTI-машина

Great Wall во септември со над 40.000 продажби на Haval H6

Great Wall во септември со над 40.000 продажби на Haval H6