за

Volkswagen го претвори Amarok во GTI-машина

Amarok Red Rok е посебна изведба на пикапот, со којашто Volkswagen го означува завршетокот на производството на моделот во Европа.

Volkswagen Amarok Red Rok

Amarok му обезбеди добра позиција на Volkswagen во делот од пазарот што се покажа мошне пребирлив. Кусо откако пикапот си замина од производствените ленти во Хановер, Volkswagen уште еднаш ја прикажа специјалната верзија Red Rok. Станува збор за 350 КС и за преработка по пример на GTI.

Во седиштето на огранокот за товарни возила на Volkswagen во Хановер моментно владее исто расположение како во Волфсбург. Сите се подготвуваат за ерата на електричниот погон. Додека Volkswagen веќе на големо го продава ID.3, до појавувањето на првиот транспортер од новата електро-генерација ќе мине уште извесно време. Се чека сериската изведба на ID Buzz, со ретро-елементи од хипимобилот VW Bus.

Бидејќи фабриката мора претходно да се подготви за производството на електричниот модел, како и за новата генерација на VW Transporter, пикапот Amarok мораше да си замине од производствените ленти.

По осумгодишно производство, од фабриката во Хановер неодамна излезе последниот Amarok. За покривање на големите пазари за пикапот од другата страна на океанот и натаму ќе се грижи фабриката во Аргентина. Увозот оттаму е неисплатлив, затоа што Европа пресметува царина од 30 проценти.

New photo by Automedia MK / Google Photos

За сцената да има добра занимација додека пристигне новата генерација на Amarok, Volkswagen подготви специјално изненадување. Сцената веќе ја познава специјалната изведба на пикапот со ознака Red Rok. Таа беше прикажана лани на традиционалната средба на фановите на VW покрај езерото Вертер. Дебито на серискиот модел требаше да се случи во текот на годинава, но пандемијата ги откажа сите планови.

Место да биде повисок, со поцврсто подвозје и погруб од серискиот модел, Amarok Red Rok e поширок, понизок и пофин од сé што досега излегувало од транспортерската дивизија на Volkswagen

Red Rok е уникат, и тоа многу скап уникат. Како основа се користи топ-изведбата Aventura, којашто чини најмалку 60.000 евра. Кога на тоа ќе се додадат и сите преработки, пикапот во оваа верзија без проблем надминува шестцифрена цена.

Највпечатлив детал е бојата. Лакот се одликува со посебен сјај, што е постигнат со мачна процедура. Само лакирањето чини 10.000 евра. Покривот е бојадисан црно, исто како и држачите на ретровизорите, задниот браник и уште голем број каросериски детали.

На тркалата од OZ се ставени гуми со димензија 295/35 ZR 22. Крилата се солидно проширени со китот од специјалистот Delta 4×4. Како што е ред кај секој добар тјунинг, фабричките сопирачки се сменети со варијанта со врвни перформанси од Revo. Во подвозјето не би можело да се очекува друго освен воздушна суспензија од Werk2, со бројни можости за дотерување. Покрај лакот, суспензијата е втората најскапа преработка кај Red Rok.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Со малку напор се вградени диодни задни светла и диодни трепкачи напред од фирмата 7-Lights, кои само се заменети со фабричките. Многу е работено и во кабината. Таванот и столбовите фабрички се обложени со алкантара, а за остатокот од кабината да биде во истиот стил е ангажиран специјалисот Halstenbeker. Тие ги обложија целата арматурна табла, средишната конзола и бројни команди со алкантара.

Идејата на Volkswagen беше да ги поттикне фановите да ги преработат своите пикапи Amarok со компоненти што се достапни во слободна продажба и може да ги набави секој – доколку може да си ја дозволи преработката, што во неколку позиции е навистина скапа.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Со истата идеја е зголемена и моќноста на моторот. Шестцилиндарецот од 3,0 литри од Audi е тјуниран на 350 КС со помош на китот од Werk2. Максималниот вртежен момент е зголемен на 750 њутнметри. Издувот е задача на Edel01. Крајната брзина изнесува близу 250 километри на час. За финиот звук од V6-моторот да добие моќно груба нота, вграден е генератор на звук.

Наследникот се очекува за две години. Овојпат Volkswagen нема моделот да го развива и произведува самостојно, туку има партнерство со Ford. Американците исто така имаат искуство со пикапите, нивната серија F веќе со децении е најпродавана моделска серија во САД вооошто.

>>> Наследникот на Volkswagen Amarok се развива заедно со Ford

Наследникот на Амарок се развива заедно со Форд

Дарко Јаконов

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Mercedes A-Class ја сакаат сите возрасти, цени порталот Buyacar

Mercedes A-Class ја сакаат сите возрасти, цени порталот Buyacar

Зошто е добро гумите да се заменат со зимски пред останатите

Зошто е добро гумите да се заменат со зимски пред сите?