Градовите во Германија одамна го имаат надминато проблемот со PM, но „нов“ проблем е прекумерната загаденост со азотни оксиди. За таа цел, во земјата се планира масовно воведување на забрана за дизели. Драстично намалениот сообраќај поради корона-кризата веќе ја постигна таа цел – загаденоста со азотните оксиди се смалила за 30 проценти.
Според податоците на германската метеоролошка служба, намалениот автомобилски сообраќај во градовите во време на корона-кризата имал силен ефект врз концентрацијата на азотни оксиди кои се штетни по здравјето. Доколку се изземат метеоролошките влијанија, во периодот меѓу 23-ти март и 19-ти април, во 48 градови во земјата со повеќе од 100.000 жители е измерено драстично смалување на загаденоста со азотни оксиди за околу 30 проценти. Како причина за тоа се наведува значително намалениот сообраќај.
Хроничното надминување на дозволените вредности на загаденост со азотни оксиди е причина за воведување на забрана за дизели или за брзински ограничувања во голем број градови во Германија. За еко-стандардите на ЕУ е меродавна просечната годишна вредност, којашто не смее да надминува 40 микрограми азотни оксиди на метар кубен. Во минатата година имало 25 германски градови што го надминуваат овој лимит.
Германските метеоролози ги споредувале вредностите за NOx во периодот од 2015 до 2020 тодина, за времетрањето на првите две четиринеделни фази на „локдаунот“ поради корона-кризата. Во првите четири недели до 19-ти април, концентрациите на азотни оксиди во работните денови се смалиле за 31 проценти во споредба со вредностите во нормални услови во претходните години.
Во втората фаза, намалувањето било повеќе умерено. Во периодот од 20-ти април до 17-ти мај, вредностите на загаденоста со азотни оксиди биле за 24 проценти пониски во споредба со истиот период во претходните години.
Азотните оксиди во најголемиот дел се испуштаат во издувните гасови на автомобилите со дизел мотор.