Во Форд Мотор се надеваат дека директорката, што помогна кинескиот производител БИД да се шири на европскиот пазар, ќе успее да го запре понатамошниот пад во продажбата на Форд во Европа.
Марија Грација Давино, која поголемиот дел од својата кариера го мина во Стелантис, од 1-ви октомври ја презема функцијата на потпретседателка на Форд за продажба на европскиот пазар.
Давино ќе ги нагледува продажбата на Форд во Европа, дилерската мрежа и дистрибуцијата, соопшти компанијата. Таа ќе му поднесува извештаи на Џим Даумбрик, претседател на Форд за Европа.
Италијанката ја започна својата кариера во Ламборгини, за подоцна да почне да работи во Фиат Крајслер Аутомобилс, а потоа и во Стелантис, по здружувањето на ФЦА со ПСА Пежо Ситроен. Таа работела на високи позиции, вклучувајќи и директорско место во Фиат Крајслер Аутомобилс Германија.
Давино наесен преоѓа во Форд по кусиот период во БИД, каде што даде придонес за кинескиот производител да се шири на европскиот пазар. БИД освојува дел по дел од пазарот, во време кога старите производители на автомобили се соочуваат со забавена побарувачка и со засилена конкуренција.
Таа се придружи на БИД Европа во 2024 година, како генерална директорка за Германија, Австрија, Швајцарија, Полска, Унгарија, Чешка, Словачка и нордиските земји.
Давино добива одговорна функција во Форд, во време кога производителот на автомобили од САД е под силни притисоци да постигне профит во Европа и да ја осовремени својата понуда од модели, односно да понуди повеќе електрични модели.
Продажбата на Форд во Европа падна 15 проценти во првите шест месеци, сведувајќи се на 192.373 возила.
Од седиштето на Форд Европа во Келн, Германија, Давино ќе работи на подобрување на продажбата, на дилерската мрежа и на дистрибуцијата.
Европската стратегија на Форд се потпира врз два столбови. Едниот се доставните возила, коишто на Форд му носат повисока заработка отколку патничките модели. Оттаму доаѓа најголемиот дел од профитот на Форд.

Форд ќе ја проширува понудата со модели од Џили и Рено
Форд планира пет нови модели до 2029 година, од коишто очекува да ја врати во живот марката на европскиот пазар.
Во петорката спаѓаат посебна изведба на теренецот Бронко за европскиот пазар, како и малечок кросовер со техника на Џили, коишто ќе се произведуваат во фабриката на Форд во Валенсија, Шпанија. Форд исто така ќе понуди малечка електрична комбилимузина и нејзина СУВ-изведба, коишто ќе бидат препакувани модели на Рено и ќе се произведуваат во Франција.
„Марија Грација е исклучително способна лидерка со врвни познавања на европската автомобилска индустрија,“ порача Баумбрик во соопштението. Тој ја посочи нејзината способност да создаде тим што постигнува многу, како и нејзините силни врски со клиентите и дилерите.
Давино во објава на Линкдин им се заблагодари на директорите на БИД, Стела Ли и Алфредо Алтавила, како и на европскиот тим на компанијата, опишувајќи ја својата нова улога во Форд како „нова авантура“.
Џили влезе во фабриката на Форд во Валенсија, ќе им ги развива и моделите
















