
Кога ќе се спомне Бугати, прво се помислува на најбрзите автомобили на планетава. Тоа се машини вредни милиони, чијашто вредност расте од година во година. Наддавачката куќа РМ Сотби наскоро ќе понуди еден автомобил за којшто само малкумина имаат слушнато. Од Бугати ЕБ112 се изработени само три примероци.
За сите модели на Бугати во поново време е заедничко тоа што се неверојатно брзи, недостижно скапи, и сите се двоседи. Постоеја најави за луксузна лимузина со четири врати, како што беше случај со студиските ЕБ218 од 1998 година или 16Ц Галибие од 2009 година, но тие не доживеаја производство во серија. Сепак, постои исклучок.
Уште пред спомнатите студии, Бугати започна да работи на проектот за ЕБ112, луксузна лимузина со четири врати. Од неа беа изработени три примероци. Италијанскиот бизнисмен Романо Артиоли во 1987 година ги откупи правата на името Бугати и имаше одличен план, за француската марка со долга традиција да ја врати во живот.
Две години подоцна е основана Бугати Аутомобили С.п.А. Артиоли се наоружа со најдобрите инженери и ја изгради Фабрика Блу во местото Кампогалиано, во близина на Модена.
Неговиот план беше да го создаде најнапредниот и најбрз суперспортски автомобил во светот, којшто подоцна ќе се појави како ЕБ110. Развојот на првиот Бугати во ново време траеше само две години. Премиерата се случи на салонот во Париз во септември 1991 година.
Артиоли имаше уште еден план. Покрај ЕБ110 со мотор Ве12 четири турбокомпресори, богатиот Италијанец имаше замисла за луксузна лимузина во стилот на моделите на Бугати од 1930-те години.

Проектот ЕБ112 ја користеше како основа карбонската школка на ЕБ110, но место 12-цилиндарецот да биде вграден средишно, во лимузината местото му беше зад предната оска. Лимузината имаше сосем различен стил и влечеше кон класика, додека ЕБ110 тогаш изгледаше футуристички, што не им се допадна на пуристите.
Впечатливиот изглед на ЕБ112 има основа. Артиоли го ангажираше најпознатиот дизајнер на сите времиња, Џорџето Џуџаро, кој патем, подоцна ќе го дизајнира и ЕБ218.
Алуминиумската каросерија на лимузината долга над пет метри соединува класични обележја, какви што се перката долж возилото и дводелниот заден прозорец, по пример на Тајп 57 СЦ Атлантик. На историските корени посетува и маската со рамка во форма на потковица и рамните тркала во стилот на Тајп 41 Ројал.

Се веруваше дека ЕБ112 е изработен во само еден примерок, што беше прикажан на салонот во Женева во 1993 година. Потоа се стиши. Бугати банкротираше. До конечното затворање на вратите во Кампогалиано, биле изработени уште два примероци од лимузината. Еден од нив денес е во колекцијата на Италдизајн, а двата останати модели служеле само за покажување, без мотор.
Првиот сопственик го купил возилото без мотор, но и со голем пакет со резервни делови од стечајната маса на Бугати
Тоа што последниве два автомобили денес се наоѓаат во возна состојба, заслуга е на извесен Гилдо Паланка Пастор. Бизнисменот и тркач од Монако поседувал неколку ЕБ110, вклучувајќи тркачки ЕБ110 Спорт Компетиционе. Пастор своевремено купил голем пакет со резервни делови од стечајната маса, но ги купил и двата невозливи салонски експонати.
Како голем љубител на марката, Пастор си зел задача, експонатите од ЕБ112 да ги донесе во возна состојба и да ги регистрира за сообраќај.
Под хаубата работи 12-цилиндарец базиран врз моторот на ЕБ110, исто како во оригиналниот прототип. Работната зафатнина сепак му е зголемена од 3,5 на 6,0 литри, и моторот работи без турбонатполнење. Артиоли веруваше дека на лимузината повеќе ѝ прилега атмосферски мотор. Моќноста изнесува 456 КС, вртежниот момент 590 њутнметри. Моќноста се пренесува погонот на сите тркала преку 6-степен мануелен менувач.
Бугати во 1993 година го изрекламира ЕБ112 со врвни перформанси, со спринт до темпо сто за 4,3 секунди и крајна брзина 300 км/ч.
Црниот ЕБ112 што РМ Сотби ќе го пушти на наддавање во Монако на 25-ти април, долго време останал во сопственост на Пастор. Автомобилот бил дел од неговата колекција и повремено возел низ Кнежевството.
Пастор го продал автомобилот во 2015 година, а и новиот сопственик не го возел многу. На бројачот стојат само 388 километри. Иако автомобилот ретко се користел, сопственикот во неговото одржување и поправки во изминативе години вложил околу 37.000 евра.
Со возилото доаѓаат и два куфери по мера, заедно со скапоцен чадор, со рачка по углед на прочуената скултура на слон од Рембрант Бугати. Аукционерите очекуваат цената да се движи меѓу 1,5 и 2 милиони евра. Тоа значи дека овој раритет е скап колку Вејрон.















