Дукати ќе ги наградува најдобрите слики од патувања

Дукати во славеничката година ги повикува возачите на Мултистрада В4 да испратат слики, видеа, по некој ред текст, обезбедувајќи вредни награди за најдобрите.

Втора година, Дукати го организира натпреварот Мултистрада В4 Војаџерс, со повик до Дукатистите да ги споделат своите искуства, за коишто сметаат дека се посебни и го отсликуваат животот со италијанската машина, придонесувајќи за заедницата, а предизвикувајќи љубомора кај тие што (уште) не се дел од неа.

Шестте најубедливи приказни и нивните автори ќе бидат наградени од Дукати со вреден пакет патни торби, споделување на нивната приказна на друштвените канали на марката, како и пристап до ексклузивни настани. А, тие настани се Борго Панигале Експериенс и тридневен бајкерски влез за светската недела на Дукати, на којашто годинава ќе се одбележи еден век постоење на италијанската престижна марка.

Во првото издание на „Војаџерс“ лани, пристигнаа приказни, фотографии и видеа од патувањата на Дукатисти од 48 држави, од Америките до Азија. Пријавувањето е преку службениот вебсајт на марката, пријавите од Македонија би требало да имаат „тежина“, покрај фактот што Мак Аутостар лани го отвори најголемиот салон за Дукати во регионот, по што следеше и отворање мото-сервисен центар каков што досега не е виден на овие простори. Се бараат слики, видеа, и уште малку текст, од возачките и возачите на Дукати Мултстрада В4.

За пристигнатите „трудови“ ќе решава интерно жири на Дукати, избирајќи во шест категории:

  • Најдобра авантура
  • Групно патување
  • Возење во рамки на Дукати Официјален Клуб
  • Најдолго патување
  • Соло возења
  • Посебна награда, за најдобро толкување на смислата на марката Дукати

Наградниот патен пакет се состои од патна торба и држач (вредност 180 и 65 евра на вебсајтот на Дукати), ранец (149 €), термос (49 €), прекривка за Мултистрада В4 (229 €), вратна облога за заштита од студ (15 €), прирврзок и етикета, сé со знакот на Дукати. Врв е трофеј изработен со име и презиме.

Поради тоа што се работи за славеничка година, за првиот век на Дукати, наградите опфаќаат и тридневна бајкерска влезница за Неделата на Дукати во Мизано, од 3-ти до 5-ти јули и билет за Борго Панигале Експериенс, со посета на фабриката за „црвените“ машини.

Победниците со своите приказни ќе бидат објавени на сите канали на Дукати на друштвените мрежи и на вебсајтот. Пријавувањето завршува на 2-ри мај.

Претходна објаваЕден од трите произведени Бугати ЕБ112 оди на наддавање, се очекуваат 2 милиони евра
Следна објаваКако правилно да ги чувате гумите до следната зима

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here