Минхен ја подготвува новата генерација на своето најмало купе за премиера в година. Има уште добри вести за традиционалистите на баварската марка и за љубителите на динамичните компактни модели. Купето од серијата 2 на BMW, освен тоа што го задржува задниот погон, ќе се нуди и во верзија со мануелен менувач, додека под предната хауба и натаму ќе има место за линиски шестцилиндарец, вграден во иста линија со карданското вратило до задната оска.
Со стартот на новата генерација на купето, серијата 2 ќе стане најразновидна моделска серија на BMW. Минхен од една страна ја нуди купе-лимузината Gran Coupe (неодамна ја имавме на тест), додека нејзина чиста спротивност се вановите во серијата 2, практичните и хибридни Active Tourer и Gran Tourer. Купето, пак, освен припадноста во серијата 2, во техниката нема многу заедничко со овие две моделски варијанти.
На мрежата зачестено се појавуваат фотографии од тест-прототипите, кои уште се маскирани и не откриваат многу за идниот модел. Пропорциите на каросеријата јасно откриваат дека станува збор за модел со класичната погонска конфугурација на BMW. Хаубата личи како да е продолжена во споредба со актуелната генерација, додека заоблените крила навестуваат дека и ширината на трагата на оските е зголемена значително. Сличноста со фамозниот BMW 1 M Coupe се препознава јасно. Дизајнерите очигледно имале налог да направат купето да се разликува повеќе од останатите моделски верзии во серијата 2.
Моментно постојат само шпекулации околу изгледот, иако уште во април се појавија шпиунски фотографии од купето, кои верно го прикажаа изгледот на предниот и задниот дел
Предниот дел нема да го следи стилот на неодамна претставеното купе од серијата 4, со масивните бубрези, но исто така нема да го копира изгледот на Gran Coupe. Место тоа, верзијата со две врати ќе има различен дизајн на предните светла и агресивен изглед на браникот, кој ќе црпи инспирација од купе-СУВ моделот X2. Задните светла и дизајнот на опашот ќе бидат својствени само за купето.

Додека стилскиот и изненадувачки комотен Gran Coupe ја користи платформата UKL – заедно со серијата 1 и со Mini со 3 и 5 врати – верзијата со две врати од серијата 2 ќе користи модифицирана изведба на CLAR-платформата, од серијата 3 и секако од купето од серијата 4.
Во поглед на моторите, разликите ќе бидат помали. Под хаубата на купето ќе работи 1,5-литарскиот турбо со 136 КС од Gran Coupe, a по него ќе следат дволитарски бензинец со 184 КС и дволитарски дизел со 150 или 190 КС.
Преодното скалило до врвниот M2 ќе му припадне на M235i, со дволитарски твин-турбо со 306 КС, кој ќе биде преземен од M235i Gran Coupe, каде што моторот сепак ја испорачува моќноста до сите тркала. Кај купето за тоа ќе биде ангажирана само задната оска.
https://www.instagram.com/p/B_gtY76ijDK/
https://www.instagram.com/p/B_gthS8iEWi/
















