за

Тест: BMW 218i Gran Coupe

bmw 218i gran coupe test google
bmw 218i gran coupe test google

Гран-купето во серијата 2 е како супспецијалист. Прво е премиум автомобил во компакт класата со силен печат на BMW, второ е купе-лимузина што освојува дополнително со стилот и со чувството во возење. Типичен автомобил според куќното мото „Радост во возење“. Тоа што остава најсилен впечаток: Gran Coupe од серијата 2 е дури почеток на низата на чијшто крај се наоѓа сродната купе-лимузина од серијата 8.

Вистина, зошто BMW не излезе на пазарот со ретро модел? На пример, со модел во стилот на првата серија 3, на Е21 од 1970-те, со тркалезни светла и со шпицеста хауба, со комплициран механизам за отворање и со едноставни, но фино заоблени задни светла, на опашот што се спушта ниско. Или можеби, ретро-модел од првата петка (Е12), дизајнирана од истиот човек, легендата Пол Брак – со погон на струја.

Нема да мине долго време во замислување на такво сценарио во портфолиото на минхенската куќа. Овој филм ќе заврши веројатно уште на првиот семафор, кога човек ќе здогледа до себе оригинален E21 или Е12, дотеран јангтајмерски, во истата, а можеби и уште подобра состојба од фабричката. По светот, патем, стануваат популарни и преработките кога јангтајмери добиваат погон на струја во работилници што наплаќаат скапо, но со право. Сцената и натаму ги сака безрезервно своите автомобили од Минхен, нема потреба од ретро-модел што би го поправал или менувал гледиштето на марката.

Преоѓањето на преден погон веќе одамна не е главна тема кај основните моделски серии на BMW

Затоа BMW нема да изработи актуелен модел, што ќе се повикува на некое поглавје од минатото на марката. Сите модели на BMW некогаш стануваат ретро-модели, чувани грижливо и обожувани на широката сцена. Оваа марка си е сосем задоволна од своето минато и од тоа што го има постигнато во истото, па оттаму и нема потреба да се навраќа и нешто да направи подобро. Во Минхен работите можат да одат само напред, да напредуваат.

Сериите 1 и 2 на BMW исто така напредуваат – во симболична смисла на нивното преоѓање на преден погон, со исклучок на купето и кабриолетот од серијата 2 (F22 и F23). Тие се базираат врз платформата од претходната серија 1 (F20, исто и генерацијата F30 на серијата 3), а тоа значи и дека користат заден погон.

Дебатата, инаку, дали основните моделски серии на BMW требало да го задржат задниот погон и дали првите две генерации на серијата 1 биле вистински баварски модели, а новите генерации не се тоа, ја водат единствено блогери што се желни за внимание и „бемве“ возачи кои на својот автомобил имаат зелепено „М“ од Али. Сите аспекти, реперкусии, стратешки определби, и што е најважно, сите релевантни динамички пресметки, направени се уште долго пред Баварците да го најават преоѓањето на преден погон во сериите 1 и 2.

Во споредба со првите компакти од Минхен, новите Серија 1 и Серија 2 се попросторни, полесни, со пријатна амортизација, а секако се и динамични

Врвни менаџери во Петуелринг, со годишна плата во висина од милиони евра и сo одговорност за компанија на којашто само имиџот и вреди десетици милијарди евра, утврдиле дека тој стратешки чекор е оправдан, ја избрале фазата за негова реализација и работите натаму продолжуваат да функционираат беспрекорно, како и претходно. Кој уште ќе се најде повикан да суди дали погонот требало да биде напред или назад? Со важната напомена, сепак станува збор за модели од компакт класата.

Еве го сега BMW 218i Gran Coupe на тест во Аутомедиа. Првпат во серијата 2 се појавува оваа каросериска форма на купе со четири врати, откако таа стана редовен член во гамата на сериите 4, 6 и 8. Таа им се придружува на вановите Active Tourer и Gran Tourer од серијата 2 (и на купето и лимузината со различна платформа), како и на класичната комбилимузина од серијата 1. „Големото купе“ имаше премиера во Лос Анџелес во минатиот ноември, а со стартот на продажбата пристигна и во понудата на М Кар.

Според стратезите на BMW, целна група се модерни, урбани луѓе, на кои им значи убавиот дизајн што во одредени елементи се издвојува од масата и од нормите. Секако, луѓе што сакаат и премиум автомобил. Gran Coupe од серијата 2 во принцип е купе, но место две врати и неколку ограничувања во секојдневието што произлегуваат од тоа, има нормален пристап и сосем доволно простор и на задната клупа. На сета таа екстра лимузинска практичност доаѓа и багажник со зафатнина од 430 литри и со добра искористливост, вклучувајќи и можност за соборување на повеќеделната клупа.

Димензиите на каросеријата одговараат приближно на купето од генерацијата E92

Купето со четири врати е голем автомобил, F44 е долг над 4,5 метри и широк е 1,8 метар, што приближно се габарити на купето од серијата 3 во генерацијата E92. Со преоѓањето на преден погон се создаде повеќе простор на задната клупа. Во споредба со купето од серијата 2, Gran Coupe има за 33 милиметри повеќе простор за колена назад и за 40 литри поголем багажник. Тоа што напред се седи за 12 mm повисоко, не менува многу. Не треба да се очекува многу простор назад, но во споредба со тоа што класата го нуди како просек, Gran Coupe е над просекот.

Највпечатливиот момент во надворешниот дизајн секако се странично проширените бубрези, кои тука се едноделни за разлика од останатите GC. Симпатично е тоа што вертикалните ламели во рамката се контурирани и имаат мат алуминиумски финиш. Светлата се повеќе закосени, со класичната BMW-драма на дневните светла кои се изведени како светлечки цевки. Секој ентузијаст реагира инстинктивно на буквите и бројките што се читаат однадвор на автомобилите, па така и на натписот „BMW LED“ во предните светла. Тие се стандард во купето, исто како и задните диодни светла.

Дизајнот на опашот е голема отстапка од стандардниот стил на куќата

Дизајнот на опашот е најкарактеристичен, поради тенките и долги светла, врз коишто како да притиска горната половина од поклопецот на багажникот. Уште еден впечатлив детал е црната тенка лајсна што ги спојува светлата и го вдомува логото. Од некоја причина, овој дизајн говори непогрешливо: „Јас сум германски автомобил“. Во сета таа целина постои нешто нестандардно непропорционално, но токму тоа го прави карактерот. Никој повеќе не сака здодевни и повторувани работи, светот бара промени. Ете ги.

Чоколадната страна на F44 дефинитивно се покажува кога ќе се отворат вратите без рамка за стаклата и ќе се направи круг околу автомобилот. За тоа треба да постои посебно поглавје во прирачникот за ракување, во коешто ќе пишува: „Кога Gran Coupe го паркирате на кусо, отворете ги вратите ширум и спуштете ги прозорците, за целата средина да ужива во глетката“.

Пакетот M Sport очигледно е омилена ставка во М Кар, па и овој тест-автомобил го поседува пакетот. Тоа се забележува: Алу-бандажи 819 М двобојни и со двојни краци, гуми 225/40 R18, комплетно различен дизајн на преден и заден браник од стандардните изведби, сите каросериски лајсни во сјајна црна боја, спортско подвозје М спуштено за 10 mm, спортско управување М, диодни магленки, внатрешни лајсни со заднинско осветлување и дизајн Бостон, црн таван, спортски предни седишта со извлекување на седечки дел, спортски волан М, лајсна на прагови на врата М, клуч со знак М, патосници и педали М, амбиентално осветлување и проекција BMW пред возачката врата.

Кокпитот посредува чувство на леснотија, а тоа е воедно и главното чувство при возењето

Тоа е воедно идејата на секое купе, да остава силен впечаток со дизајнот. Колку што се очекува надворешниот изглед да биде дотеран до најфини детали, така и зад воланот мора да се почувствува купе-ефектот. Секако дека на стилистите на BMW не им е ново да го работат овој концепт. Изборот на материјали, ускладеноста на боите, чувството при допир на површините и при ракувањето со командите, сето тоа е на нивото на најдобрите стандарди на Минхен. Се насетува дека консеквентно се почитувала една идеја при изведувањето на внатрешноста на „најмалиот“ Gran Coupe. Таа идеја е: Чувство на леснотија, на лесна конструкција и лесни материјали. Такво е чувството кога ќе се седне зад воланот. Нема дебели панели и тешко хромирани површини, туку напротив, целиот тој амбиент создава релаксираност. Секако дека изработката е врвна и внатре ништо не „мрда“. Најдоцна тогаш, човек станува свесен дека седи во премиум автомобил.

Премиумот во BMW и во Gran Coupe од серијата 2 е во возењето. Впечатокот од амбиентот во кабината совршено се совпаѓа со впечатоците по поаѓањето. Наспроти првата серија 1, којашто е масовно присутна по улиците и позната е по тврдото и гласно подвозје, гран-купе амортизира меко и неосетно. Притоа, станува збор за спортско подвозје и бандажи од 18 инчи кај тест-возилото. Тоа е инженерската мајсторија на BMW, да се преседне од друг автомобил во овој е исто како планинарски чевли да се сменат со спортски обувки.

Управувањето импресионира дополнително. Техничарите на марката посебно работеа на намалување на сите отпори на триење во целиот систем за управување, па оттаму произлегува и впечатокот при возењето. Чувството на прецизност и директност е присутно буквално од поаѓањето, до возењето на правец на автопат – секако, вклучувајќи го традиционалниот домен на секој BMW, свијоците и динамичното возење.

Кој ја познава техниката, сака BMW. Гран-купето користи посебна контрола на тракција, позната од спортската изведба на електричниот i3s и од серијата 1. Станува збор за систем што во оригиналот се води како Aktornahe Radschlupfbegrenzung. На македонски, тоа е многу подолго: Систем за ограничување на пролизгувањето на тркалата што дејствува непосредно до изворот на силата.

Контролата на стабилноста не го забавува возилото беспотребно, туку прво зафаќа во вртежниот момент за да не се нарушува возната динамика

Тоа што кусо се води како ARB, дејствува на тој начин што откако контролата на стабилноста ќе препознае услови за појава на пролизгување на погонските тркала, кога тие не можат целосно да ја пренесат до подлогата силата што доаѓа до нив, се испраќа сигнал до самата контролна електроника на моторот, што понатаму ја модулира испораката на моќност до погонските тркала. Во тие моменти се намалува испораката на њутнметри до тркалата. Поентата е во тоа што сигналот се пренесува трипати побрзо, а возачот ја чувствува реакцијата десетпати побрзо. Предноста е во тоа што место да се активираат сопирачките и да се забавува возилото, заради враќање на тракцијата, само на миг се смалува моќноста на моторот, без губење на динамиката.

Системот ARB работи во комбинација со BMW Performance Control, кој е стандард во секој 2 Gran Coupe. Тој, пак, има задача кусо и прецизно дозирано да ги активира сопирачките на внатрешните тркала во свијок, со цел да се компензира под- или надуправувањето. Врвот во поглед на возната динамика му припаѓа на топ-моделот M235i xDrive, кој поседува вистински торсен-диференцијал со механичка блокада, место електронска симулација.

Моторот работи толку невпечатливо, што тоа му претставува доблест. Со 140 КС, тој има шест КС повеќе од претходната верзија на 1,5-литарецот. За моторите со три цилиндри уште се дискутира само во балканското опкружување, додека насекаде низ светот е веќе јасно дека тоа е резултат од напредокот на техниката. Тоа е инженерско подрачје во коешто нема место за лаички заблуди и уверувања. Моторите сепак не се конструираат во маалска гаража, туку зад нив стојат тимови од илјадници инженери со врвно образование и признато искуство за работа во кралицата на индустријата.

Моторот на прв поглед е ист, но маркава е Bayerische Motoren Werke, а тоа значи баварска фабрика за мотори – само коленастото вратило тежи 1,1 килограм помалку од претходната верзија на 1,5-литарскиот твин-турбо

Системот за подмачкување има дополнителен вод што служи за ладење на клиповите со моторното масло по потреба. Брегастите вратила користат едноделен синџир, додека генераторот, пумпата за вода и клима компресорот користат погон со ремен во форма на L. Издувната гранка е интегрирана во главата на моторот, заради заштеда во тежина и оптимално искористување на струењето на воздухот. Куќиштето на турбината е изработено од алуминиум и оптимално е прирабено на издувната гранка што е интегрирана во главата на моторот. Преработеното коленасто вратило е за 1,1 килограм полесно отколку во претгодната верзија на моторот. Целиот погонски агрегат е полесен за 5 килограми. Емисијата на СО2 е смалена за 29 грами на километар.

BMW 218i Gran Coupe постигнува повеќе од пристојна динамика, со спринт до темпо сто за 8,7 секунди и со крајна брзина од 215 km/h. Погонската спрега оддава чувство на хармонија, вклучувајќи го 7-степениот менувач со двојна спојка, кој прави возењето да биде мазно и суверено. Звукот е култивиран и пријатен, вибрациите од погонската спрега не допираат до кабината. Гран-купе може да биде и комфорен крстосувач. Во поглед на потрошувачката на гориво, вредности од околу осум литри се сосем реални во секојдневието во градско возење, на отворено ќе се појават и вредности со шестка пред запирката.

Во долгата листа на дополнителна опрема во тест-возилото, две ставки се издвојуваат. Едната е функцијата на темпоматот за самостојно да го забавува возилото на надолнина и по потреба да подзабави во свијок на автопат, којашто за тоа ги користи податоците од навигацијата. Фантастична технологија, којашто меѓу другото е заслужна за тоа што овој тест-автомобил немаше „прегорени“ сопирачки, затоа што многумина (особено во браншава) уште не се вешти со техниката на забавување на надолина со автоматски менувач.

Многу е вложено во развојот на „интелигентата асистентка“, комуникацијата повеќе не е толку стерилна

Втората ставка е BMW Live Cockpit Plus, како пакет што се состои од навигација, средишен дисплеј од 8,8 инчи со висока резолуција, аналогни инструменти со дисплеј од 5,1 инчи меѓу нив, но најзначајното во пакетот е „интелигентната асистентка“, односно напредниот систем за говорно командување, кој подразбира нормален разговорен код и воедно е способен да ги учи навиките на возачот. Тоа е уште еден од безбројните аспекти што прават премиум автмобилите да бидат премиум.

Во поглед на цената, М Кар има посебна понуда, и моделската изведба 218i Gran Coupe, со пакет M Sport, ја испорачува за 36.500 евра. Без пакетот, купе-лимузината чини 31.980 евра, што погодува точно меѓу класична комбилимузина и лимузина од средна класа – во премиум сегментот.

Технички податоци · BMW 218i

Каросерија

Врати/седишта 4/5

Д х Ш х В 4526 х 1800 х 1420 mm

Меѓуоскино растојание 2670 mm

Ширина на трага напред/назад 1561

Растојание од подлога 152 mm

Круг на вртење 11,4 m

Резервоар 42 L (на тест, опција +8 L)

Моторно масло 4,25 L

Празно возило EU 1450 kg

Носивост DIN 530 kg

Дозволена тежина 1905 kg

Приколка до 12% до 1300 kg

Багажник 430 L

Отпор на воздух cx x A 0,25 x 2,17

Мотор

Цилиндри, вентили 3, 4

BMW TwinPower Turbo, директно впрскување под висок притисок, варијабилна работа на вентили Valvetronic, варијабилна работа на брегасти вратила Vanos x2

Зафатнина 1499 ccm

Пречник х Од 94,6 х 82,0 mm

Компресија 11,0:1

Моќност 103 kW (140 КС) при 4600-6500/min

Вртежен момент 220 Nm при 1480-4200/min

Подвозје и безбедност

Водење на предна оска Мекферсон, алуминиум/челик

Водење на задна оска Повеќе водилки со одвоени пружини и амортизери

Сопирачки напред Едноклипни, диск проветрувани

Сопирачки назад Едноклипни, диск

Системи за стабилност DSC, ABS, ASC, DTC, ARB, DBC, сушење на дискови, компензација на фејдинг, помош при поаѓање, EDLC, Performance Control, стабилност на приколка

Управување Електромеханичко серво со функција сервотроник

Гуми напред назад Стандардно 205/55 R16 91W (тест возило со пакет M Sport)

Бандажи 7Јх16

Пренос

Вид на менувач 7-степен менувач Steptronic со двојна спојка (опција)

Перформанси

Сооднос моќност-тежина 13,3 kg/kW

Литарска моќност 68,7 kW/L

0-100 km/h за 8,7 s

Крајна брзина 215 km/h

Потрошувачка NEDC (L/100 km)

град 6,5-6,2

пат 4,7-4,3

просек 5,4-5,0

СО2 123-114 g/km

Норма EU6d

СЕРИСКА ОПРЕМА

 Предни и странични воздушни перничиња за возач и совозач.
 Воздушни перничиња за глава на сите патници.
 Странична заштита од удар.
 ISOFIX.
 ABS ( Antilock Brake System ).
 DSC ( Dynamic Stability Control )- вклучува Performance control , Електронско
заклучување на диференцијал.
 Сензор за удар.
 Attentiveness assistant – препознавање на умор кај возач.
 Штоф “ Grid “.
 16” алуминиумски наплатоци “ Star spoke “.
 Внатрешни лајсни “ Quartz silver matt “.
 BMW ознака на прагови на врати.
 Сензор за дожд и ноќни светла.
 LED предни светла ( кратко/долго).
 BMW TwinPower Turbo 3 цилиндри бензин мотор со директно впрскување.
 Автоматска Start / Stop функција.
 Паркинг кочница , електромеханичка.
 Режими на возење – Eco Pro / Comfort / Sport mode .
 5 седишта .
 Стандардни седишта за возач и совозач.
 Кожен волан.
 Мултифункции на волан.
 Механично подесување на волан.
 Автоматски клима уред со контрола на 1 зона.
 12V приклучок за струја во централна конзола.
 Безжична врска за Bluetooth мобилен телефон и USB приклучок.
 6 звучници , 100W засилувач.
 Active Guard – препознавање на возило и пешак напред.
 Неметалик боја ( Црна ).

ДОПОЛНИТЕЛНА ОПРЕМА ВО ТЕСТ-ВОЗИЛОТО

Зголемен резервоар за гориво за 8 литри
Сет за репарација на пневматик
Сигурносни навртки на тркала
“Steptronic” 7 степена автоматска трансмисија со двојна спојка
Надворешни ретровизори со електрично склопување
Комфорен пристап, пристап без клуч
Затемнети стакла од Б носач наназад
Велурски патосници
Пушачки пакет
Дополнителен простор пакет
Автоматски клима уред со 2 зони
Темпомат со функција на кочење на удолнини и прилагодување на брзина на
комфорно ниво во свиоци
Светлосен пакет – амбиентално осветлување во ентериерот, надворешно на
рачките од вратите и осветлување со оснака BMW од ретровизорот на
возачката страна
Park Assistant – паркинг сензори напред и назад и паркинг камера назад, помош
при паралелно и латерално паркирање
Препарација за Apple CarPlay
BMW Live Cockpit Plus – содржи 8,8” Touch дисплеј со резолицја 1280*480
пиксели и 5,1” инструмент дисплеј со резолуција 640*160 пиксели,
Навигациски систем , 2 USB конекции
М Заден споилер
М Спорт пакет
Штоф “ Trigon “ / Sensatec | Black
18″ M алуминиумски наплатоци “ Double-spoke style 819 M Bicolour “
Спортски седишта за возач и совозач
Висинско подесување на совозачко седиште
Внатрешни лајсни “ Illuminated Boston “
LED светла за магла
М спорт суспензија
М кожен волан
М Аеродинамичен пакет
BMW Individual надворешни лајсни “ Shadow Line “
BMW Individual внатрешна црна кровна облога антрицит
Боја “ Alpine White ” неметалик

>>> Тест: BMW 118i M Sport

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

toyota prius van sluzben auto

Toyota стекна удел од 10 проценти во Uber

suzuki s-cross-hybrid

Suzuki SX4: Избор со препорака од познавачи