Toyota RAV4 важи како „бул“, како погодок во црната точка во пикадо-метата, од сите модели што јапонскиот производител за само неколку години ги пушти во нова генерација. Дизајнот секако дека придонесува за СУВ-пионерот да биде забележан во секојдневието. Како потврда за успешноста на својата работа, дизајнерите на куќата подготвија специјална Black Edition, којашто е достапна само во верзијата со хибриден погон.
„Полноќно црната“ боја дополнително ги истакнува сите агли и обележја на каросеријата, што буквално ја прикажува Toyota во ново светло. Предната маска и долната маска, долната половина од браникот, куќиштата на ретровизорите, заштитните плочи за подвозјето, долната половина од задниот браник и спојлерот, сето тоа е во една иста боја. Дел од специјалната верзија се и 19-инчните бандажи што се изведени во сјајна црна боја. Дури и сонарите се лакирани црно. Единствено што ја задржа својата боја е логото, хромирано и како дополнително нагласено на носот на RAV4.
Кои се боите внатре? Секако дека и таму владее една боја. Седиштата се обложени со квалитетна вештачка кожа, со сиви штепови. Таванот е црн, исто како и облогите на вратите и патосниците, кои инаку се дел од нивото на опрема Lounge на теренската Toyota.
Стандардната опрема се базира врз топ-нивото Lounge и меѓу другото вклучува интелигентни паркинг сензори и камера во 360 степени, дигитален внатрешен ретровизор, аудиофилско озвучување од JBL со дигитално радио и безжично полнење телефон. Сите ставки од безбедосната опрема под Toyota Safety Sense се вградени во оваа специјална изведба.
https://photos.app.goo.gl/Kyc7b4ZZcka6rWs26
Салоните на Toyota веќе регистрираат нарачки за моделот, испораките треба да почнат во октомври.

















