за

BMW само за ќеф на Грците: 520i со мотор од 1,6 литар

Единствено на грчкиот пазар е достапна серијата 5 на BMW во верзија со 1,6-литарски турбобензинец со 170 КС од моделите 118i и 318i. Која е причината за тоа?

Со околу 1.800 продадени автомобили од марката BMW во минатата година, грчкиот пазар е безначаен во споредба со германскиот или американскиот пазар, но и покрај тоа Германците решија да им излезат во пресрет на барањата на грчките купувачи и им понудија верзија од серијата 5 специјално за нив. Единствено во Грција може да се добие моделот 520i со 1,6-литарскиот бензинец со турбонатполнење и 170 КС од моделите 118i и 318i.

Дополнително, големата лимузина поседува и автоматски менувач. Овој модел во ценовникот се појавува како 520i AT и со цената од 44.520 евра е само 700 евра поевтин од стандардниот BMW 520i, со дволитарец со 184 КС. Според тоа, цената на моделот не е пресудна причина за овој модел да се понуди на грчкиот пазар. Објаснувањето е во даночниот систем на Грците. За стандардниот 520i, сопствениците во Грција мораат да плаќаат годишен данок во висина од 660 евра, раководејќи се според работната зафатнина на моторот, додека за 520i AT со 1,6-литарски мотор, данокот изнесува само 265 евра.

Разликата од 400 евра во даночните давачки е само едната причина што Грците ја бараат специјалната верзија на 520i. Почнувајќи од оваа година, сопствениците на автомобил со мотор со работна зафатнина над 1.929 сантиметри кубни ќе плаќаат данок на луксуз во висина од 5 до 10 проценти од реалната вредност на автомобилот. За автомобил од околу 50.000 евра, тоа се најмалку 2.500 евра дополнители давачки. Данок на луксуз, инаку, од годинава ќе плаќаат и сопственици на јахти и приватни вили, хеликоптери и слични луксузни играчки.

Моделот со помалиот мотор троши малку повеќе и соодветно на тоа има повисока емисија на СО2, но очигледно дека данокот им е главен трн во око на Грците. Од друга страна, малечкиот и изолиран грчки пазар е идеален за BMW да тестира како купувачите ќе реагираат на намерата во идната генерација на серијата 5 да се вградува новиот трицилиндарец од 1,5 литар со турбонатполнење. Според бројките, BMW 520i AT воопшто не стои лошо: Крајна брзина од 226 km/h и 8,7 секунди до темпо 100, наспроти 233 km/h и 7,9 секунди на нормалниот 520i.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Серискиот Lexus NX останува верен на изгледот на студијата

Новиот Datsun е само копија на Lada Granta?