за

Серискиот Lexus NX останува верен на изгледот на студијата

Ако некој се сомневаше дека Lexus ќе има храброст да го задржи прогресивниот изглед на студијата LF-NX за серискиот модел, сега ќе сфати дека грешел. Првата слика од NX открива многу немирен дизајн.

Кога Lexus го претстави концептниот автомобил на последниот салон во Франкфурт, многумина останаа вчудоневидени од прогресивниот изглед на јапонскиот теренец. Целата каросерија изгледаше испрекршена со остри линии и рабови, што предизвика контроверзи кај посетителите и кај стручната јавност. Првата официјална фотографија од серискиот NX, која што повеќе сокрива отколку што открива, покажува дека дизајнерите не се откажале од првичната идеја кај концептниот автомобил.

Компактниот теренец на престижната марка на Toyota ќе има премиера на салонот во Пекинг (20-ти до 29-ти април). Фотографиите од внатрешноста уште не се објавени, но може да се очекува ракувањето со функциите во кабината да се врши преку голем таблет, место преку контролер во средишната конзола како кај големиот теренец RX.

Понудата на мотори исто така останува мистерија, но барем е сигурно дека ќе се нуди модел со хибриден погон. За тоа веројатно ќе се користи бензинецот со 181 КС од лимузината од средната класа IS 300h, во комбинација со силен електромотор. Другите компоненти од погонот исто така може да потекнуваат од моделите од концернот, на пример од спортскиот теренец RAV4.

Со воведувањето во понудата на NX, Lexus го означува влезот во растечкиот сегмент на компактни теренци. Досега Јапонците го имаа во теренската понуда само големиот RX.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

BMW започна со производство на електричниот скутер

BMW само за ќеф на Грците: 520i со мотор од 1,6 литар