за ,

BMW за познавачи: 50 годишнина на BMW Alpina

Легендарниот BMW 3.0 CSL со олеснета каросерија беше изработен врз основа на идејата на Alpina и долго време доминираше во мотоспортот

Најсилните, најбрзите и најдобрите автомобили на BMW потекнуваат од M GmbH? Погрешно! Веќе половина век, вистинските спортски модели на BMW доаѓаат од марката Alpina.

Како сите големи успешни приказни, и оваа почнува сосема случајно. Во почетокот на 1960-те години, младиот Буркард Бовензипен нарачува спортско брегасто вратило и карбуратор со две грла од Weber, со намера да ја зголеми моќноста на неговиот Fiat 1500 од 67 на 75 КС. Но, радоста трае кратко. Автомобилот се расипува по само 50 километри. Како активен тркач, Бовензипен решава сам да поработи на зголемувањето на моќноста на автомобилот и го заменува Fiat со BMW 1500. Тој развива систем за напојување со повеќе карбуратори и го нарекува Alpina. Автомобилските медиуми се одушевени и Alpina одненадеж се наоѓа на насловните страници. Бовензипен лично работи и на маркетингот на неговиот производ. На салонот во Франкфурт, тој закачува објавени тестови за Alpina под бришачите на сите изложени примероци од BMW 1500 на штандот.

Името Alpina асоцира на алпскиот регион каде што гравитира седиштето на фирмата

Alpina ја зголемува моќноста на моторот на BMW 1500 од 80 на 90 КС и од есента 1963 година е достапен како кит за 980 германски марки. BMW не само што го одобрува двојниот карбуратор на Бовензипен, туку го нуди и преку својата официјална продажна мрежа. Една година подоцна, на 1.1.1964 година е основана Alpina Burkard Bovensiepen KG во Кауфбојрен, тогаш уште како тјунерска работилница. Името Alpina е идеја на мајката на Бовензипен, како асоцијација на алпскиот регион кадешто е лоцирана првата фирма на таткото на Буркард, специјализирана за производство на машини за пишување. Во почетокот во „новата“ Alpina работат 8 лица и фирмата постигнува профит уште во првата година.

Логото на Alpina прикажува двоен карбуратор со долга вшмукувачка инка и коленасто вратило.  Во почетоците на семејниот бизнис, фирмата Alpina произведува машини за пишување
Логото на Alpina прикажува двоен карбуратор со долга вшмукувачка инка и коленасто вратило. Во почетоците на семејниот бизнис, фирмата Alpina произведува машини за пишување, за подоцна името да го користи синот Буркард за автомобилската марка што ќе прерасне во легенда

Фирмата добива ново лого во 1967 година. Во него се прикажани две вшмукувачки инки и коленасто вратило, како синоним за двојниот карбуратор и за моќта. Работата напредува со крупни чекори и веќе во 1968 година Alpina стартува во шампионатот со туристички возила, ангажирајќи големи имиња во мотоспортот, меѓу нив Ники Лауда, Ханс Штук, Џејмс Хант и Џеки Икс. Баварците силно ја подржуваат тјунерската работилница на Бовензипен, третирајќи ја како еден вид претставник во мотоспортот, додека уште не е основан BMW M GmbH. Шампионската титула „паѓа“ конечно во 1970 година, исто како и победата на 24 часа во Спа и на сите кружни, ридски и рели трки во Германија. Капацитетите стануваат недоволни и фирмата се сели од Кауфбојрен во блискиот Бухле.

Бовензипен нема намера да ја прекине доминацијата во мотоспортот и во 1971 година ги убедува менаџерите во BMW да се развие олеснета верзија на BMW 3.0 CS, со цел да се постигне предност пред конкурентите. Alpina работи на развојот и изработката на легендарниот 3.0 CSL, којшто потоа се појавува и во салоните на BMW, стандардно опремен со алу-бандажи од Бухле, со класичен дизајн со 20 краци. Ники Лауда, Дерек Бел, Харалд Ертл и Брајан Муир стануваат шампиони. Лауда подоцна поставува и апсолутен рекорд со 3.0 CSL на Нирбургринг.

Имиџот на BMW профитира од успесите на Alpina на тркачките патеки

Имиџот на BMW профитира од работата и успесите на партнерот Alpina во мотоспортот и во 1975 година ја потпомага изградбата на продажната мрежа во Германија, а подоцна и во Англија и Швајцарија. Две години подоцна Alpina се повлекува од мотоспортот и се посветува на развојот на патнички автомобили, за веќе во 1978 година да бидат претставени првите три самостојно развиени модели: BMW/Alpina B6 на основа на серијата 3 од генерацијата E21, со шестцилиндарец од 2,8 место стандардните 2,3 литри; BMW/Alpina B7 Turbo на основа на серијата 5 од генерацијата Е12, кој со турбонатполнење и 300 КС е најбрза сериска лимузина во светот; BMW/Alpina B7 Turbo Coupe на основа на серијата 6 (Е24) со истиот мотор од лимузината, но за првпат со компјутерски регулирано електронско палење, како иновација во автоиндустријата.

BMW/Alpina C1 врз основа на серијата 3 од генерацијата Е21. Alpina во почетокот работи како еден вид одделение за мотоспорт на BMW
BMW/Alpina C1 врз основа на серијата 3 од генерацијата Е21. Alpina во почетокот работи како еден вид одделение за мотоспорт на BMW

Бизнисот се шири со отворањето на винаријата, како втор столб на Alpina, што исто така се покажува како успешен чекор. Следува отворање филијала во Јапонија во 1979 година, а потоа и следното значајно поглавје, со претставувањето на BMW/Alpina B7 S во лимузинска и купе изведба, со 3,5-литарски шестцилиндарец со 330 КС. Овие модели ги воведуваат двете бои што стануваат заштитен знак на Alpina: алпина-зелена и алпина-сина, во комбинација со новата декорација на марката. Од 1983 година, Alpina официјално е регистриран како производител на автомобили, место како тјунерска работилница, под шифрата 7656. На крајот на 1980-те години, Alpina се враќа на тркачките патеки, но по една година се повлекува повторно, затоа што не располага со доволни капацитети да се посвети на мотоспортот и развојот на патнички возила. Тоа се покажува како вистински чекор, затоа што веќе во средината на 1988 година, Alpina го претставува првиот модел со 12-цилиндарски мотор – BMW/Alpina B12 5.0 од серијата 7 (Е32) со 350 КС, 470 њутнметри и крајна брзина од 275 километри на час.

Следува првиот кабриолет, нови вработувања, првиот модел со дизел мотор во понудата во 1999 година – со титула на најбрза дизел-лимузина во светот, во 2002 година испорака на првите 450 примероци од BMW/Alpina Roadster V8 (BMW Z8) во САД, уште една титула на најбрза лимузина во светот со BMW/Alpina B5 во 2005 година, со 500 КС и крајна брзина од 314 km/h, па отворање на сопствен развоен центар во 2008 година, како најголема експанзија во историјата на Alpina, враќање на светските тркачки патеки со BMW/Alpina B3 во класата GT3 во 2009 година…

Зошто производител на автомобили, место тјунерска работилница?

Прашањето што многумина ги интересира е зошто Alpina не се води како класичен тјунер, туку е регистрирана како производител на автомобили? Природата на соработката со самиот BMW го обезбедува тој статус. Alpina добива „голи“ каросерии од BMW, вклучувајќи посебна испорака на повеќето ставки од стандардната и дополнителната опрема што се користи во матичните возила на минхенската марка. Моторите целосно се преработуваат. Клиповите и цилинрите, на пример, се полираат рачно, заради намалување на триењето, но и зголемување на моќноста. Следуваат модифицирани брегасти вратила, системи за впрскување гориво, па дури и сопствено развиени системи за ладење. Секоја компонента за којашто Alpina ќе увиди потреба, претрпува мофицикација и оптимирање во Бухле.

BMW/Alpina B12 5.0 на основа на серијата 7 од генерацијата Е32 со мотор V12. Долги години Alpina го држи светските рекорди за најбрза сериска лимузина во светот
BMW/Alpina B12 5.0 на основа на серијата 7 од генерацијата Е32 со мотор V12. Долги години Alpina го држи светските рекорди за најбрза сериска лимузина во светот

Еден човек работи еден до два денови на само еден мотор и лично одговара за беспрекорно изведебата работа. Не се работи во рокови, затоа што квалитетот е најважен. Не е реткост со моторите на Alpina да се извозат и преку 300.000 километри, без ниту најмала потреба од ремонт. Со истата посветеност се работи и во подвозјето, сопирачките, аеродинамиката на каросеријата, менувачите – при што се интервенира и во самите преносни односи – издувот, бандажите, а на крајот и во ентериерот. Тука само буцетот на клиентот ги поставува границите. Цената на Alpina сепак се одржува во разумни граници, токму поради тесната соработка со матичната куќа во Минхен. Alpina испорачува повеќе компоненти од сопствен развој и производство во фабриките на BMW, каде што истите се вградуваат во возилата за Бухлое, со што исто така се намалуваат производствените трошоци.

Марката денес располага со продажна мрежа во Белгија, Велика Британија, Италија, Јапонија, Кореја, Луксембург, Холандија, Швајцарија, Лихтенштајн, Обединети Арапски Емирати, Дубаи, Бахреин, Куваит, Катар и Саудиска Арабија. Лани Alpina произведе околу 1.700 и оствари промет од 90 милиони евра. Во чест на 50-годишнината, производителот од Бухле неодамна ја претстави специјалната серија Edition 50, базирана на сериите 5 и 6, со мотори со 600 КС и цена од околу 130.000 евра.

Седиштето на Alpina во Бухле, во Баварија. Фирмата во моментов вработува околу 200 лица и остварува рекордни продажби
Седиштето на Alpina во Бухле, во Баварија. Фирмата во моментов вработува околу 200 лица и остварува рекордни продажби

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Црната серија продолжува: 14-ти судир на автономните возила на Google

Opel воведува скратена работа во фабриките во Германија