Скопје денес е непрепознатлив град. Некој што си заминал скоро, кога ќе се врати во земјава, денес нема да ја најде истата слика на улиците. Одеднаш, се вози цивилизирано, ненасилно, културно. Несвојствено за македонските сообраќајни услови. Се случи буквално преку ноќ. Почнувајќи од 1-ви февруари 2026 година, барем во Скопје, денес се вози исто како во повеќето западноевропски градови.
Иако претставниците на власта укажуваат дека целта на Безбеден град е да го сведе бројот на жртви на најмала можна мера, најголемата придобивка од воведувањето на овие мерки сепак е враќањето на сообраќајот во нормални рамки. Последен пат во Скопје се возело толку „градски“ во 1990-те години.
Пред Безбеден град, беше невозможно да се забави нормално пред семафор, затоа што отсекаде се втурнуваа ликови што беа убедени дека тие со својот автомобил го имаат правото за први да чекаат на семафор. Кога ќе забавевте пред пешачки премин, да ги пуштите луѓето, веројатно истите тие ликови од претсемафорските турканици, исти како некогаш на шалтер без бројчаник, веднаш ќе видеа шанса да ги престигнат сите. Пешаците нека чекаат, ако им е мил животот. Малку потаму, од уличките дрско ќе ви излеташе некој трет возач, присилувајќи ве нагло и опасно да запирате, па уште и запирајќи ги сите ленти, за тие да се наместат за вртење влево.
Но, како се случи народот одеднаш да почне да се однесува толку насилнички? Можеби поради незадоволство од политиката, од економијата, од нечувањето на достоинството на нацијата, од каква било сфера во животот? Не е дека не било укажано. Тоа што нé доведе до Небезбеден град, има еден и единствен заеднички извор. Дозволувањето на масовниот увоз на користени автомобили, што колку се посилни и потешки, толку се поевтини да се донесат во наша златна Македонија.
Но, секако дека вината пак не е во силните и стари автомобили, што ете се нашле евтино, или по Пиринот, или по белиот свет, туку е единствено во начинот на којшто тие автомобили се користат, поточно се злоупотребуваат. Лани во Македонија беа увезени 40.000 користени автомобили, повеќето од нив од премиум марки, што во извесни средини се израснати во статус на божество.
Како се случи нови „Пунто и Поло“ да станат скапи, а користени Бемве и Ауди евтини автомобили?
Уште пред деценија и пол, кога беа избришани регулативите, што дотогаш одредуваа што смее и што не смее да се увезува во Македонија, познавачите предупредуваа за сите последици што произлегуваа од воведувањето неред со увозот на користени автомобили.
Меѓу тие последици, секако се спомнуваше и влошувањето на безбедноста во сообраќајот. Ако појдете со автомобил во Минхен, Париз, Барцелона, исто така ќе забележите Мерцедеси, Бемвиња и Аудија, секакви „џипови“, иако во десетпати помала бројност отколку на македонските улици, и најмалку петнаесет години понови, но никој од тие возачи нема да се обидува да издејствува терор врз останатите учесници во сообраќајот, затоа што вози Мерцедес-Бенц, БМВ или Ауди, Рејнџ Ровер. Или затоа што ќе ги уловеле камери. Тие се реализирани личности, веќе постигнале нешто, со тоа што можат да си дозволат да излезат од салон со нов автомобил од премиум марка.
Секако дека и овие луксузни лимузини и „џипови“ што се донесуваат евтино во Македонија, за тука да „умрат“, некогаш ги возеле директори од најширок ранг во моќни компании, лекари, инженери, адвокати, професионалци. Вистина е дека сите тие автомобили од силни марки се купени за 50, 70, 100 илјади евра или повеќе, исто како што е вистина дека по три или четири промени на сопствеништвото, на крајот дошле до некој гастарбајтер, за тој целиот среќен, да го доживее најголемото разочарување во животот, кога техничарите на ТУВ ќе проценат дека тоа возило повеќе нема да се врати во сообраќај. Е, тука почнува македонскиот дел од приказната.
Најчеста причина, за техничарите на ТУВ да го вратат возилото од технички преглед – по што, патем, сопственикот мора во рок од три седмици да го оттсрани дефектот, во спротивно тоа возило повеќе нема да вози по германски и белосвестки улици – е токму недозволено високата емисија на штетни материи. Точно така, ПМ-честички, националната бавна смрт.
Ако некое од старите возила сепак помине на строгиот технички преглед пред регистрација, тоа возило пак има висока емисија на штетни материи, и соодветно на тоа се оптоварува со посебни давачки заради високата емисија, заради труењето и загадувањето. Државата, нормалната држава, на тој начин се штити од емисијата на честички ПМ, за којашто тукашните повикани и неповикани уште бркаат вештерки.
Затоа, големите и силни лимузини и џипови за перчење сред село, станаа евтини. И затоа, во Македонија секоја година се увезуваат десетици илјади стари автомобили со штетна емисија на ПМ, коишто патем, брзо потоа завршуваат на отпад. Според провизорна оцена, три од секои четири увезени стари автомобили во изминативе деценија и пол, веќе се по отпади.
Тие евтини лимузини со силни мотори и суилни значки, немаат „упатство за користење“. Тоа што го гледавме и трпевме до Безбеден град, беше само нездрава манифестација на незрелата замисла, како треба да се вози автомобил од премиум марка, од скапа марка – од типот, „како мали Џокица си замислува…“ За жал, сите го трпевме тој терор во изминативе децении.
Фанатизмот со собирање „незадоволни ликови“ треба да се прифати како последно предупредување за итно да запре нерегулираниот увоз на стари автомобили
Тоа што почна да се случува деновиве, во средини во коишто евтиното бемве или ауди е смисла на постоењето, не заслужува спомнување. Тоа е работа на полицијата. На државата, пак, работа е итно и неодложно, да се запре увозот на стари автомобили, со силни мотори со висока емисија на штетни материи, што се скапи за одржување, а тоа значи и дека е голема шансата тие да се технички неисправни.
Мора да се постави граница, што смее да се увезува, од аспект на животната средина, од заштита од теророт, и секако најважно, во насока на заштита на џебот на македонските возачки и возачи од малверзациите при препродажбата, како и од скапото сервисирање и одржување.
Најголемото разочарување сепак доаѓа од јавните гласила, од моќните медиуми. Зошто до воведувањето на Безбеден град, ниту една ТВ што добива пари од даноци од граѓаните, или некој дневен весник, влијателен портал, не извести за теророт што ни се случуваше секојдневно, за на крајот да прерасне во хаос? Секоја чест за еден познат ТВ-новинар, чијашто активност не останува незабележана во последниве месеци.
Пак е државата таа што треба да пресече. Доста беше глумење со евтините автомобили од звучни марки, оваа земја треба пак да научи сама да си создава матичен парк од користени возила. Тоа е одлика на секој здрав и одржлив автомобилски пазар – каков што беше македонскиот, пред спуштањето на рампата за увоз на секаков автомобил.
Со сета почит,
Дарко Јаконов
Автор на порталот за автомобилизам Аутомедиа МК
















