Донгфенг прв ќе донесе електричен модел со продолжувач на досег на македонскиот пазар

Увозникот на Донгфенг очекува наскоро да го вклучи моделот Фортинг С7 РЕЕВ во својата понуда. Првпат овој вид електричен погон ќе биде достапен за македонските возачки и возачи.

Производителите на автомобили од Кина одамна докажаа дека нудат многу повеќе отколку „само“ големо парче автомобил со многу опрема, по подостапна цена од конкуренцијата. Не минува месец без Донгфенг да излезе со новина за македонскиот пазар. Овојпат се работи за сосем нов вид на погон, којшто додава во игра уште една кратенка покрај ХЕВ (полн хибрид), ПХЕВ (приклучен хибрид), мХЕВ (благ хибрид), БЕВ (батериско електрично возило), ФЦЕВ (електрично возило со опогон на водород) и слично. Сега е ред на РЕЕВ или ЕРЕВ. Зошто Кина го обожува „својот“ вид на погон, а европските производители се љубоморни што уште не можат да го понудат?

Фортинг С7 веќе е одомаќен на македонскиот пазар во неговата целосно електрична изведба. Оваа петметарска лимузина што изгледа отмено и нуди престиж, по цена од околу 30.000 евра, за којашто на друго место се добива одвај градски автомобил, наскоро ќе почне да пишува ново поглавје со еден вид на погон што е сосем вообичаен на кинескиот пазар, а сосем е извесно дека оттаму ќе се пробива ширум светот.

Лимузината од марката што изгради име на домашната сцена со Фортинг Т5 Ево, се произведува и во изведба со продолжувач на досег. Таа се води како Фортинг С7 РЕЕВ, што доаѓа од Рејнџ Екстендед Електрик Виакл, односно по македонски, електричен автомобил со продолжувач на досег.

Погонот се состои од погонски електромотор, батерија што и не е посебно голема и тешка, но и од бензински мотор, што служи како генератор. Моторот е 1,5-литарски, истиот мотор како во Т5 Ево, но е модифициран и има значително смалена моќност, со цел да се постигне оптимална потрошувачка. Место близу 200 КС, бензинецот тука испорачува само 105 КС. Дали е тоа доволно за петметарска лимузина?

Повеќе од доволно. Бензинецот тука има функција чисто како генератор. Тоа значи дека произведува електрична енергија, којашто понатаму се насочува кон батеријата, а оттаму кон погонскиот електромотор. Тој е задолжен за погонот, бензинецот не доаѓа во контакт со „тркалата“.

Последново значи и дека Фортинг С7 РЕЕВ не поседува автоматски менувач или каков било менувач со повеќе степени на пренос, туку има едноставен преносен механизам. Тоа е важно за цената да не се „преоптовари“. Секако, постојат приклучни хибриди, но кај нив е потребен и скап менувач.

Податоците околу техниката засега се скромни и нема конкретни најави за датуми или цени, затоа што се работи за приватни разговори. Од тоа што е извесно: Фортинг С7 РЕЕВ поседува електромотор со моќност од 160 киловати, што значи 218 КС и батерија од 28,4 киловатчасови со хемија ЛФП, со којашто се постигнува досег до 235 километри.

Најголемата предност: Кога ќе се исцрпи енергијата во батеријата, С7 РЕЕВ си продолжува со бензинот во резервоарот. Со полна батерија и полн резервоар, лимузината вози до 1.250 километри, па е дури и неважно дали потоа ќе се бара станица за гориво или станица со полначи. Што има, тоа.

Бидејќи батеријата е помала и нема менувач во погонската спрега, РЕЕВ со цената се движи во ранг со класичен електричен автомобил.

Уште една посебност кај Фортинг С7 е во тоа што моделот користи иста платформа со И-Пај 007, односно со Нисан Н7. Тоа се модели на Донгфенг, а тоа што се спомнува и јапонската марка не е грешка, затоа што овој производител го разви Н7 и произведува уште бројни модели на Нисан за големиот кинески пазар.

Електричната С7 во салонот на АБЦ Брадер

И-Пај е повеќе премиум модел, од рангот на Нио или Шаоми, додека Фортинг има улога на марка на Донгфенг што нуди најдобра противвредност.

Покрај посебниот погон, во С7 РЕЕВ може да се очекуваат и напредни системи за автопилотирано возење, приспособливи амортизери, односно автомобилов доаѓа и со напредна технологија воопшто.

Претходна објаваЏили место Форд во фабриката во Шпанија
Следна објаваБезбеден град нé заштити од теророт во сообраќајот, од фанатизмот допрво

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here