за

Бензински V8 се враќа во спортските СУВ-знаменосци на Audi

Моќност и префинетост во едно, постигната со врвен инженеринг, место само бројки. Тоа го нуди Audi во своите СУВ-знаменосци SQ7 и SQ8. Моќност заради престиж, не заради нејзино демонстрирање. Издвоивме неколку интересни технички поединости околу новите модели.

Audi SQ7 TFSI, Audi SQ8 TFSI

Audi вградува нови мотори TFSI во SQ7 и SQ8. Баварците на тој начин излегуваат во пресрет на светскиот тренд за спортски бензинци во СУВ-моделите со спортски перформанси. Во подвозјето доаѓаат неколку хајтек-компоненти, а освежувањето на двата престижни модели го заокружуваат неколку нови системи за асистенција и онлајн-услуги.

Како и обично, бројките кажуваат најмногу кај овие автомобили. Четирилитарскиот бензинец со Audi SQ7 и SQ8 испорачува 507 КС и вртежен момент од 770 Nm, константно во подрачјето меѓу 2.000 и 4.000 вртежи. Осумцилиндарецот со битурбо-натполнење обезбедува спринт до темпо сто за 4,1 секунди. Меѓузабрзувањето од 890 до 120 km/h трае само 3,8 секунди. Крајната брзина е ограничена џентлменски на 250 km/h. Потрошувачката на гориво според фабрика изнесува околу 12 литри.

Моторот се одликува со слој од железо во кошулките на цилиндрите во алуминумскиот блок. Овој слој се нанесува со т.н. плазма-прскање. Тоа го намалува триењето, а со тоа се намалуваат потрошувачката и абењето. При бавно возење, четири цилиндри се исклучуваат автоматски, заради заштеда, со прекинување на палењето и напојувањето со гориво, како и со затворање на вентилите.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Во спротивниот случај, кога се бара максимална моќност од 4.0 TFSI, брегастите вратила на вшмукувачките и издувните вентили можат да ја поместат фазата и до 50 степени. На тој начин за миг се приспособуваат размената на гасови и полнењето на коморите за согорување.

Двата Twinscroll-турбополначи, по еден за секој ред цилиндри, со притисок до 1,5 бар, овозможуваат гасовите да се разменуват речиси без загуби. Резултатот од тоа е рамномерно повлекување и брза реакција.

Звуците на моторот се во распоред 1-3-7-2-6-5-4-8. Тоа е голем оркестар на Audi

Препознатливиот спортски звук меѓу другото е заслуга на редоследот на палење 1-3-7-2-6-5-4-8. Во секоја издувна цевка има по еден преклопник, што го менува звукот според оптоварувањето и вртежите. Активните електромагнетни држачи на моторот спречуваат пренесување на вибрациите, произведувајќи сопствени вибрации со спротивна фаза што води кон поништување на вибрациите од 4.0 TFSI.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Погонот секако е постојан на сите тркала quattro, во комбинација со брз осумстепен Tiptronic. Средишниот диференцијал користи класична механичка блокада и при нормално возење дистрибуира во сооднос 40% напред, 60% назад. Кога ќе пролизга некоја оска, диференцијалот ја пренесува главнината од њутнметрите на другата оска – максимално до 70% напред и дури 85% назад.

Со доплата за уште понапредно подвозје, се вградува и спортски диференцијал, што соодевтно ги распределува њутнметрите меѓу задните тркала преку две ламелни спојки – надворешното тркало во свијокот добива повеќе Nm. Преку овој Torque Vectoring се поодобруваат управливоста и стабилноста. При влетување во свијок, подвојзето буквално го турка спортскиот СУВ навнатре во свијокот, поништувајќи секакво подуправување.

Audi SQ7 TFSI и SQ8 TFSI стандардно располагаат со спортска пневматска амортизација adaptive air suspension sport, вклучувајќи регулирани амортизери. Висината на каросеријата може да се менува за 90 милиметри. Задната оска исто е управувана, со тркала што се вртат до 5 степени. При пониска брзина, задните тркала се вртат во ист правец, додека над 60 km/h се вртат спротивно од предните тркала.

По еден електромотор за стабилизаторите напред и назад, заради постигнување добар комфор во една ситуација, или врвни возни својства во сосем друга ситуација

Заедно со опцијата за понапредно подвозје следи и електромеханилко активно спречување на клатењето на каросеријата. На секоја оска се наоѓа мал електромотор, што е поврзан со преносен механизам. Тој буквално ги раздвојува стабилизаторите на два дела. При спортско возење, електромоторот ги завртува двете половини едно спротивно од друго, така што дејствуваат како стабилизаторот да е од еден дел. Енергијата за овие електромотори со max. 1,5 kW доаѓа од суперкондензатор, што работи под 48 волти.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Тркалата на Audi SQ7 TFSI стандардно имаат пречник од 20 инчи, со гуми 285/45, додека SQ8 TFSI вози со тркала од 21 инчи, исто со гуми 285/45. Може да се избира до 23 инчи и гуми со димензија 295/35.

Предните дискови имаат пречник од 400 милиметри, задните 350 mm. Сопирачките клешти може по желба да се лакирани црвено, логото S е стандард. Секако и тука има опција за карбо-керамички сопирачки, со 400 mm напред и 370 mm назад. Во тој случај, клештите се лакирани во графитна боја.

Освежен е системот MMI touch response, кој сега има посилни процесори и сменета графика. Во средишната конзола се наоѓаат два големи дисплеи, од 10,1 и од 8,6 инчи пречник, кои произведуваат вибрација како потврда дека е вклучена функцијата. Говорните команди исто се унапредени и се вклучуваат со „Hey Audi“.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Адаптивниот асистент за возење во одредени ситуации го заменува возачот и самостојно управува, забрзува и забавува. Новина е можноста возилото да појде самостојно дури и по подолго мирување во колона, откако ќе се помести возилото напред. Подоцна ќе се вградува и капацитивен волан, што е доволно само да се допира за системот да препознае дека возачот внимава на патот.

Испораките ќе стартуваат уште наесен. Цената за Audi SQ7 TFSI во Германија почнува од 93.287,40 евра, додека за SQ8 TFSI се потребни најмалку 101.085,72 евра.

>>> Бензински V8 за спортското дуо Audi SQ7 и SQ8

Дарко Јаконов

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Mini Патрик Пади Хопкирк Монте Карло

Патрик Хопкирк, херојот што во ’64 победи со Mini на Монте Карло

Suzuki Swace

Suzuki Swace е вториот модел од соработката со Toyota