Кога батериите од електричните автомобили ќе го достигнат крајот на нивниот век на експлоатација, местото им е во отпад. Тоа е погрешно мислење. Сепак недостига индустрија што ќе ги рециклира овие вредни компоненти.
Производителите обично одобруваат гаранции во траење меѓу пет и осум години за батериите што ги вградуваат во актуелните модели со погон на струја. Тоа е доказ дека тие не стравуваат од дефекти на оваа суштинска компонента на електричните автомобили која што тежи и по неколку стотини килограми. При релативно малиот број на продадени електромобили – во споредба со возилата со конвенционален погон – светот уште не мора да стравува што ќе прави со старите батерии.
Но, што навистина ќе се случува по пет или десет години, кога електричните автомобили ќе достигнат значаен пазарен удел и ќе дојде време за замена на нивните стари и тешки батерии? Дали може да се врши еколошко рециклирање на овие електрохемиски уреди? Дали е важно овие материјали да се вратат во производствениот синџир?
Nissan има регистрирано само 3 дефекти: При 200.000 продадени примероци од Leaf
Скептиците можеби сметаат дека одговорите на овие прашања уште не се дадени, но вистината е поинаква. Дефектите на батериите во гаранцискиот период се исклучително ретки. Nissan, како водечки производител на електрични автомобили во светот, со близу 200.000 продадени примероци од Leaf, досега има регистрирано само три (!) случаи на дефекти на батериите. Овие дефекти најчесто се случиле поради оштетување на техниката при судир.

Оштетувањето не повлекува секогаш неопходност од замена на целата батерија. Во електричниот Golf, на пример, батеријата се состои од 264 ќелии, распоредени во 27 модули. Ако некој модул е оштетен физички или предизвикува слабеење на батеријата од која и да било причина, тој може едноставно и евтино да се замени. Додека дојде време за батериите да бидат препуштени на рециклирање, минуваат неколку фази. Експертите зборуваат за „втор живот“. Како што батериите стареат, така постепено им се смалува капацитетот. Тоа е проблем за електричните автомобили, затоа што се смалува досегот на возилото. Гаранциите обично покриваат меѓу 70 и 80 проценти од првобитниот капацитет. Кога капацитетот на батеријата ќе падне под тоа ниво, дури тогаш завршува периодот за нејзино користење во електричните автомобили.
Втор живот како куќни акумулатори во системот од фотоволтаички колектори
Но, овие искористени батерии се технички сосема исправни и може да се користат за стационарно акумулирање енергија во домот, за на пример да се собира енергијата што се произведува во фотоволтаичките колектори во рамките на домаќинството. Експертите сметаат дека на овој начин, векот на експлоатација на батериите од електричните автомобили може да достигне и преку 20 години. За тоа време, техниката ќе напредува, ќе пристигнат подобри и поевтини батерии.
Некогаш сепак мора да дојде крајот. Во тој случај, батериите мора да се предадат на рециклирање. Toyota, на пример, своите стари батерии со никел-метал-хидридна техника, ги рециклира во Snam (Société Nouvelle d’Affinage des Métaux) во Франција. Сличен таков погон има и во Белгија. Umicore е пазарен лидер во рециклирање на литиум-јонските батерии.
Кобалтот и никелот се поважни од литиумот
Umicore индустриски ги преработува старите батерии уште од 2011 година, со актуелен капацитет од 7.000 тони годишно. Овој капацитет моментно е искористен целосно со потрошените батерии од паметните телефони и од преносните компјутери. Како што ќе се зголемува приливот од материјали за рециклирање, така ќе расте и капацитетот на белгискиот специјалист.
Целта при рециклирањето, спротивно од општото мислење, не е повраток на литиумот. Овој алкален метал учествува само со еден процент во тежината на батеријата. Тоа значи дека ако батеријата тежи 300 килограми, во неа има само 3 килограми литиум. Освен тоа, литиумот е релативно евтин. Конкретната количина од 3 килограми литиум чини помалку од десет евра. Технички е можно да се рециклира литиумот, но тоа е прескапо, поради што отпадните литиумски соединенија при рециклирањето обично се предаваат на индустријата за бетон.
Многу е поважно, поедноставно и поевтино да се повратат металите како кобалт, бакар и никел. Umicore за одвојување на материјалите тоа користи процес на ултрависока температура. Во овој процес речиси не произлегува отпад. Според директивите на ЕУ, долната граница за исплатливост на рециклирањето е 50 проценти.
Според тоа, погрешно е мислењето дека батериите од електричните автомобили по завршувањето на нивниот експлоатациски век ќе завршат во отпад. Рециклирањето е можно и веќе се практикува во индустриски обем.
















