за

Mercedes GLC Coupe пристига следната пролет како конкурент на BMW X4

Спојот на теренски автомобил и купе не им се допаѓа на сите подеднакво. Но, успехот на BMW X4 и X6 сепак докажува дека купе-теренците имаат свои приврзаници. Наскоро ќе им се придружи и Mercedes GLC Coupe.

Појавувањето на првиот BMW X6 предизвика многу контроверзи. Не постои рационално објаснување зошто некому би му се допаднал автомобил со огромни габарити на теренец, а со ограничена просторност и функционалност во задниот дел од кабината. Но, оваа необична сорта на купе-теренци наидува на одлична прифатеност, иако повеќе на пазарите надвор од Европа, особено во САД, Русија и на Блискиот Исток. Концептот на X6 се префрли и во класа подолу, во X4, којшто исто така бележи фантастични продажби. Оттаму, воопшто не зачудува што и Mercedes сака да зграби дел од колачот, па по големиот GLE Coupe, наскоро ќе го претстави и GLC Coupe, како купе-теренец на база на класата С, покрај стандардниот GLC на кого што му претстои премиера на салонот во Франкфурт.

Формата се раководи според концептот прикажан на салонот во Шангај во април

Mercedes ги најави плановите за конкурентот на BMW X4 веќе во април, на салонот во Шангај
Mercedes ги најави плановите за конкурентот на BMW X4 веќе во април, со концептот GLC Coupe во Шангај

Новите шпиунски фотографии што се направени при тестирањето на прототипите од идниот GLC Coupe откриваат дека формата на моделот се раководи според концептниот автомобил што Mercedes го прикажа претходно на салонот во Шангај во април годинава. Доколку димензиите останат неизменети од концептот, идниот купе-теренец на база на GLC и класата C ќе биде долг 4,73 метри и висок 1,59 метар, односно пет сантиметри понизок од нормалниот GLC. Меѓуоскиното растојание од 2,87 метри нема да се менува.

Под хаубата ќе работат дизелите од 2,2 литри, со моќност од 170 или 204 КС, како и турбобензинецот со 211 КС. Понудата од погонски единици ќе ја дополни хибидниот 350e, кој во GLC ја спушта потрошувачката на гориво на само 2,6 литри.

Како модел што се ориентира повеќе на имиџ и перформанси, од GLC Coupe може да се очекува и верзија 450 AMG со 367 КС, како и AMG 63 со четирилитарски битурбо V8 со 476 или 510 КС. Официјалното претставување на серискиот GLC Coupe ќе биде на салонот во Женева во следната пролет, за продажбата да стартува во вообичаениот летен термин за Mercedes во средината на годината.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

батерија за електромобили, vw e-golf

Што со старите батерии од електричните автомобили?

Bosch се подготвува за иднината на електричните автомобили