
Концернот Стелантис, каде што денес припаѓа Алфа Ромео, ја преиспитува стратегијата откако забави побарувачката за електрични возила, дознава Ројтерс од два извора.
Новиот Стелвио нема да се појави во салоните пред септември или октомври в година, наведува еден од изворите. Во почетокот на годинава беше соопштено, дека новиот модел ќе има премиера кон завршетокот на годинава и ќе почне да се продава во првото тромесечје во 2026 година.
Алфа Ромео развива хибридна изведба од новиот Стелвио, којшто според првичните планови требаше да се произведува само во електрична изведба, наведува вториот извор.
Новиот Стелвио ќе ја користи платформата СТЛА Ларџ на Стелантис, којашто е наменета за повеќе видови погон, додека постоечкиот модел е конструиран врз платформата Џорџо. Изворите наведуваат дека ќе биде потребно одредено време додека се развие хибридната изведба.
Преиспитувањето на плановите околу видот на погон во моментов не важи за новата генерација на лимузината Алфа Ромео Џулија, што треба да почне со продажба в година.
Алфа Ромео веќе отстапи од планот да продава само целосно електрични автомобили по 2027 година. Во јануари, шефот на Алфа Ромео за Северна Америка, Крис Фоел, изјави дека марката го напуштила тој план и усвоила стратегија со повеќе видови погон.
Промената на плановите за почетокот на продажбата на Стелвио може кусо да го одложи и спроведувањето на општиот план на Стелантис, за обновување на производството и враќање на работните места во Италија, со којшто концернот настапи пред властите во Рим кон завршетокот на минатата година.
Во почетокот на месецов, шефот на концернот за Европа, Жан Филипе Импарато, соопшти дека компанијата работи на новиот план.
Побарувачката за електрични возила во Европа забавува и во исто време растат очекувањата дека ЕУ ќе ги забави своите планови за електрификација на автомобилската бранша.
[the_ad id=”85764″]
Царината во САД, за возилата што Алфа Ромео ги извезува од Европа, може да предизвика намалување на продажбата на италијанската марка, којашто 15 проценти од својата продажба постигнува токму преку океанот.
Новиот извршен директор на Стелантис, Антонио Филоса, почна со посети на фабриките на концернот во Европа, пред формално да стапи на новата должност на 23-ти јуни.
Во фабриката во Касино продолжува производството на Стелвио.















