Растечкиот интерес за модели како Е-Класата на Мерцедес-Бенц и Серијата 5 на БМВ, донесе раст од 35 проценти во продажбата во сегментот на премиум лимузини од вишата класа и вкупно 75.441 продадено возило во периодот од јануари до април, според аналитичарската куќа Датафорс.
За споредба, вкупната продажба на премиум автомобили во тој период забележа пад од 2,2 проценти.
Благодарение на растот од 56 проценти во продажбата, Серијата 5 на БМВ, којашто лани се појави во новата генерација, ја престигна Е-Класата на Мерцедес-Бенц, којашто исто така влезе неодамна во нова моделска генерација. Тоа се двата најпродавани премиум модели од вишата класа до април.
Неодамна лансираниот нов Ауди А6 исто така постигна раст во продажбата и се наоѓа на третото место.
Продажбата на електрични автомобили се зголеми речиси двојно, на 24.041 возило, што на чистиот погон на струја му донесе учество од 27 проценти во вкупната продажба на возила во овој сегмент. Растот се должи на почетокот на продажбата на комби изведбата од БМВ и5, како и на двата нови модели на Ауди, А6 е-трон Авант и А6 е-трон Спортбек.
Двата електрични модели на Ауди и БМВ ја надминаа продажбата на целосно електричниот Мерцедес-Бенц Е-Ку-Е, чијашто продажба забележа намалување од 22 проценти во споредба со првите четири месеци лани.
Трите германски марки и натаму владејат со сегментот, во којшто на конкуренцијата ѝ останува само мал дел од пазарот со своите премиум модели.
Волво е четврта најпродавана премиум марка по БМВ, Мерцедес-Бенц и Ауди, но учествува само со 3,6 проценти на пазарот, со своите два модели, лимузината С90 и комбито В90.
Потоа следи Лексус, со својот хибриден ЕС, чијашто продажба падна 23 проценти, во очекување на новата моделска генерација во 2026 година.
Јагуар и Масерати, во меѓувреме, не се присутни повеќе во овој сегмент, откако престана производството на Икс Ф и Гибли.

Владеењето на германските марки се покажува и преку фактот што 46 проценти од целата продажба на возила во овој сегмент во првите четири месеци се постигнати на германскиот пазар.
Втор најголем пазар по Германија е Обединетото Кралство, со удел од 9,2 проценти од вкупната продажба во сегментот. На третото место следи Шведска со удел од 6,9 проценти, а потоа е Полска, што држи 4,0 проценти од премиум пазарот на премиум бизнис лимузини.
Според податоците на Датафорс, на премиум лимузините им припаѓаат 3,8 проценти од вкупната продажба на возила во Германија до април. Тоа е двојно повеќе од целиот европски просек.
Германските купувачи им даваат предимство на комби-моделите, па оттаму и соодносот од 60 со 40 проценти во корист на комби моделите, наспроти лимузинските модели во овој сегмент во Европа, во периодот од јануари до април.
Како пример, дури 86 проценти од целата продажба на Ауди А6 со мотор со внатрешно согорување отпаѓа на комби изведбата Авант. Ист е случајот и кај целосно електричниот Ауди А6 Е-трон, што како Авант учествува со 82 проценти во продажбата на моделот.
Сличен е примерот со комби изведбата Туринг на БМВ и5, што учествува со 61 проценти во продажбата на моделот. Кај класичната Серија 5, изведбата Туринг исто така е прв избор на купувачите, со удел од 57 проценти, наспроти 43 проценти за лимузината.
Кај Мерцедес-Бенц Е-Класа, лимузината и комбито Т-Модел се речиси рамноправни во продажбата.
Уште подрастичен пример е Волво, каде што 96 проценти од купувачите ја избираат комби изведбата В90.
[the_ad id=”85764″]
Во поглед на погонот, продажбата кај Волво речиси во целост ја постигнуваат моделските изведби со приклучен хибриден погон, со удел од 91 проценти. Тој висок удел придонесе приклучниот хибриден погон да постигне исто толкава популарност со дизелот, како најчест избор на купувачите на премиум лимузини од вишата класа, со удел од 30 проценти.
Во продажбата на дизели и приклучни хибриди, БМВ во двата случаи е на врвот на табелата, според податоците на Датафорс.
Ауди ќе започне со продажба на А6 со приклучен хибриден погон подоцна во текот на годинава.
На бензинци, вклучувајќи благи хибриди, им припаѓаат 11 проценти од продажбата, што е за 2,0 проценти помалку во споредба со истиот период лани.
Се очекуваат нови модели со електричен погон во овој сегмент.
Лексус ја прошири понудата од видови погон во својот нов ЕС со електрична варијанта, што ќе почне да се продава во Европа во следната пролет.

Волво исто така најави дека електричната лимузина ЕС90 од кинеско производство ќе пристигне во Еворпа во последниот квартал годинава, иако продажбата ќе биде релативно мала поради отсуството на комби изведба, како и поради царините што ЕУ ги воведе за ЕВ од Кина.
Кинезите не го пропуштаат ниту овој сегмент и ги нудат моделот ЕС, од премиум електричната марка Екслантикс што е дел од Чери, лимузина што наскоро почнува со продажба во Белгија, Данска, Холандија и Норвешка.
Шаопенг исто така цели на Европа, со згодната купе-лимузина П7+, што се придружува на лимузината П7.
Доаѓаат нови модели и од познатите марки.
БМВ планира да го дотера изгледот на Серијата 5 според дизајнот на Ное Класе, на електричните модели што ќе бидат прикажани премиерно наесен, на салонот ИАА во Минхен, тврди британскиот магазин Аутокар.
Од Мерцедес-Бенц, во меѓувреме, пристигна потврда дека во 2026 година ќе следи моделско освежување на Е-Ку-Е, вклучувајќи и менување на ознаката во Е-Класа со технологија Е-Ку.
Ауди кон завршетокот на годинава ќе престане со производство на А7, без наследник. Мерцедес-Бенц уште во 2023 година го запре производството на купе-лимузината ЦЛС.
















