Стелантис ја заврши шестмесечната потрага по нов извршен директор и го назначи ветеранот во Фиат Крајслер, Антонио Филоса, да ја преземе функцијата што претходно ја вршеше Карлос Тавареш, до неговото заминување во декември.
Филоса (51) е родум Италијанец и во моментов е оперативен директор на Стелантис за Северна и Јужна Америка, а воедно и прв човек што е надлежен за квалитетот во глобални рамки. Тој ќе ја преземе новата функција на 23-ти јуни.
Филоса се квалификуваше за нов извршен директор со неговите видливи успеси во преку 25 години искуство во автомобилската индустрија, стои во соопштението на Стелантис од 28-ми мај.
Извршниот претседател на Стелантис, Џон Елкан, дотогаш ќе ја извршува оваа фунција, се наведува понатаму во соопштението.
Елкан во објавата наведе дека моќното и делотворно раководење на Филоса, како во Северна, така и во Јужна Америка, во време на најголеми предизвици „ги потврдило исклучителните квалитети што тој ги поседува за оваа функција.“
Кој е Антонио Филоса, новиот извршен директор на Стелантис
Филоса ќе го соопшти новиот менаџерски тим на 23-ти јуни, најави Стелантис.
Во писмото до вработените од 28-ми мај, Филоса пишува дека „понатамошното јакнење на поврзаноста и довербата што ја имаме со нашите партнери – нашите дилери, добавувачи, синдикати и заедници – е клучно и ќе биде мој главен фокус во оваа нова улога.“
Филоса искажа благодарност до управата на компанијата, за довербата тој да раководи со бизнисот во ова решавачко време за индустријата.
„Во следните денови и недели, ќе ги посетам нашите фабрики и претставништва ширум светот, при што ќе ми претставува задоволство, лично да ве запознам и да ве ислушам,“ порача Филоса до вработените.
„Отсекогаш сум велел дека моќта е во поврзувањето и блиската соработка со колегите. Тоа ќе биде поважно од кога било досега.“
[the_ad id=”85764″]
Предизвиците што претстојат: Враќање на продажбата и повраток на довербата на дилерите
Филоса го презема раководењето со Стелантис во време кога концернот се бори да ја врати продажбата и да ги поправи нарушените односи со дилерите, добавувачите и синдикатите, по владеењето на Тавареш. Тој ќе се соочи и со последиците од царините од 25 проценти што ги воведе Трамп и што новиот шеф ќе мора да ги сведе на најмала мера. Од Големата Тројка од Детроит, Стелантис е погоден најмногу.
Филоса има задача и да ја преиспита мрежата на Стелантис од околу 50 фабрики за монтажа на возила и мотори ширум светот, откако царините на Трамп поттикнаа нов бран на регионализација, по повеќедеценискиот период на глобализација.
Тој ќе има задача и да ги преиспита 15-те марки на Стелантис, каде што спаѓа и задничката компанија со кинескиот производител на електрични возила Липмотор.
Филоса почна да работи во Фиат во 1999 година, откако дипломира како машински инженер на Техничкиот Универзитет во Милано. Најголемиот дел од својата 26-годишна кариера, тој го минува во Бразил. Филоса беше оперативен директор на Стелантис за Јужна Америка, пред во ноември 2023 да биде именуван за извршен директор на марката Џип за цел свет.
Потоа следи работа како оперативен директор за Северна Америка, од октомври лани. По заминувањето на Тавареш во декември, Филоса доби надлежност и за пазарите во Јужна Америка, придружувајќи му се на претседателот Џон Елкан во извршниот одбор на Стелантис. Од февруари, тој е одговорен и за квалитетот.
















