
Германските производители се надеваат, дека нивните инвестиции во САД и извозот, ќе бидат силен аргумент за да се намалат царините, соопштуваат три лица што се упатени во случувањата.
Трите автомобилски концерни очекуваат дека преговорите со министерството за трговија на САД водат кон потпишување договор во јуни, наведува еден од изворите. Понатаму се наведува дека услов е компаниите да ветат масивни инвестиици, што ќе ја убедат владата на САД.
Еден од предлозите за коишто се дискутира е германските производители да бидат ослободени од царини, за вкупната вредност на извозот на возилата што тие ќе ги извезат од своите фабрики во САД.
Германските производители се најдоа на мета на претседателот Доналд Трамп, кој воведе царина од 25 проценти за увоз на автомобили во САД, коишто се најголем извозен пазар за Мерцедес-Бенц, Фолксваген и БМВ.
Компаниите претходно соопштија дека преговараат со владата на САД околу проблемот со царините.
Германските производители на автомобили веќе се соочуваат со потешкотиите од забавувањето на индустријата во земјата и од засилената конкуренција од странство, така што не преостанува друго, освен обид да ги сведат последиците од царинската политика на Трамп на најмала можна мера.
Сепак постојат знаци на оптимизам, откако директорите на БМВ, најголемиот извозник на автомобили од САД, и на Ауди, премиум марката на концернот Фолксваген, неодамна најавија можно движење во насока на надминување на проблемот со царините во следните месеци.
Од БМВ очекуваат во јули да да се постигне намалување на царините.
Мерцедес-Бенц соопшти дека во 2027 година ќе почне со производство на својот најпродаван СУВ, моделот од средна класа ГЛЦ во својата фабрика во Алабама. Во БМВ се планира продукцијата во фабриката во Спартанбург да се зголеми за 80.000 возила, додека Ауди планира неколку свои модели да ги произведува во САД, иако од германската марка напоменаа дека тој план е произлезен од владата на Трамп.

Европската Комисија, којашто ја надгледува трговската политика на 27-члената Европска Унија, вложува напори да постигне спогодба со Вашингтон и да се укинат царините за увозoт на стока од ЕУ во САД, или барем да се спречи понатамошно зголемување на царинските стапки.
[the_ad id=”85764″]
Брисел побара водечките компании во ЕУ и нивните извршни директори да излезат со своите планови за инвестирање во САД, за на тој начин да се постигнат поцврсти позиции во преговорите.
Комисијата во исто време се подготвува и за реципрочни царини, доколку не успеат преговорите. Автомобилите и приборот за автомобили се меѓу ставките со највисока царинска стапка на списокот што Комисијата го објави во почетокот на месецов, со производи што во тој случај би биле дополнително оптоварени со царини.















