Уживањето на летното сонце не смее да се пропушти ниту на миг, а особено не во возење. Легендата на тјунингот BMW Alpina има соодветен автомобил за тоа, плус уживање во 410 КС и преку 300 km/h.
Ви се случило да помислите колку би било добро патот што го возите во моментот да го уживате во кабриолет? Кривулест пат што те се искачува те води надолу, таму каде што завршува цивилизацијата и почнува природата, каде што почнува задоволството во возењето. Нема ништо подобро во тој случај од комотен кабриолет со четири седишта. Производителите на автомобили имаат солидна и богата понуда од модели, но еден секогаш ќе се издвојува. BMW Alpina B4 Cabrio е автомобил што мотото на BMW за радост во возењето го реализира уште поубедливо. Има автомобили што се погласни, побрутални и побрзи, како „стандардниот“ M4 на BMW, на пример, но умешноста на BMW Alpina е токму во спротивното – да ја реализира желбата на возачот за брзина и моќ на многу порелаксиран начин.
Го привлекува вниманието во благороднички манир, без спојлери и евтин кич
Овој кабриолет не сака да ги привлекува погледите со агресивни спојлери. Многумина ќе си помислат дека станува збор за стандарден кабриолет од серијата 4 на BMW. Но, бандажите со луксузен дизајн и подеднакво луксузен формат од 20 инчи, четирикратниот издувен систем и децентните спојлери сепак укажуваат дека овој автомобил не може толку лесно да се „фати“ на автопат. Или каде било. Линискиот шестцилиндарец со зафатнина од три литри и двојно турбонатполнење е тјуниран на 410 КС. Тоа е незначително послабо од BMW M4 со 431 КС. Истото важи и за перформансите. Спринтот до сто трае 4,5 секунди, а забрзувањето продолжува уште малку над 300 km/h. Серискиот M4 џентлменски исклучува на 250, односно по барање, на 280 километри на час.

Максималниот вртежен момент од 600 њутнметри во подрачјето меѓу 3.000 и 4.000 вртежи гарантира исполнување на секое барање на возачот и забрзување во секоја состојба, без разлика дали се работи за 100, 150 или 200 километри на час. Погонската спрега ја комплетира осумстепен автоматски менувач, којшто исто така е дел од тјунирањето во Alpina и совршено се надополнува на испораката на моќ од шестцилиндарскиот битурбо мотор под хаубата. Кој размислува за потрошувачката на гориво, како алтернатива ја има верзијата со дизел мотор Alpina D4, која со 350 КС и 700 њутнметри уште при 1.500 вртежи, постигнува крајна брзина од 275 километри на час.
Заедно со бандажите од 20 инчи во ексклузивен дизајн на Alpina доаѓа и посебно приспособено дотерување на геометријата на тркалата, заедно со суптилни зафати во еластокинематиката. Возилото добива исклучиво гуми Michelin Super Sport, без вообичаената технологија „ранфлет“ во матичната куќа. Врвот на третманот во Alpina се постигнува со приспособливото спортско подвозје што следува како стандард и нуди можност за избор на спортска или комфорна работа на амортизацијата. Спортскиот издув од специјалистот Akrapovic исто така е дел од стандардниот пакет во B4.
Целиот ентериер во ексклузивна кожа за 10.400 евра
Меѓу можностите за внесување личен печат во ентериерот спаѓаат и ексклузивни опции, како кожен ентериер „лавалина“ вреден преку 10.000 евра, кој е празник и за гледање и за допир. По барање на купувачот, Alpina ќе ги обложи дури и лајсните, рачките во вратите и сите пластични елементи во кокпитот со оваа кожа што е мека како за нараквици. Прашање за цената не постои, тој што сака во Alpina да добие уште повеќе BMW од BMW во секој случај е подготвен на евентуалниот шок. Стартната цена за BMW Alpina B4 Biturbo Cabrio Switch-Tronic, како што гласи полното име на моделов, изнесува 75.900 евра во центарот на фирмата во Буле.

Тоа што следува за парите во секој случај ја оправдува цената: Освен приспособливо спортско подвозје на Alpina, сопирачки дискови од 18 инчи со клешти во сина боја, издув Akrapovic, преден и заден спојлер, специјални инструменти Alpina, бандажи Classic од 20 инчи, од позначајните ставки следуваат уште ксенонски светла, прагови со куќното лого, алуминиумски лајсни на прозорците, адаптивен темпомат, лајсни во кокпит од благородно дрво, паркинг сензори, радио, сензор за дожд, греење на седиштата, спортски седишта со електрично местење и меморија – само како дел од пакетот.
Препознатливата сина боја на Alpina е достапна со доплата од 2.180 евра, споменатиот кожен пакет „лавалина“ во полн обем чини 10.400 евра, лајсни во ентериер лакирани во боја на каросеријата се ценат на 1.090 евра, озвучување Harman Kardon бара доплата од 1.090 евра, механичка блокада на заден диференцијал 2.590 евра, арматурна табла обложена со кожа за 1.100 евра, грејачи за врат 400 евра, диодни светла за 1.590 евра, проекциски дисплеј 980 евра –крајот го одредува единствено буџетот на купувачот. Без специјални желби, со сите опции што ги нуди легендарниот тјунер на BMW, кабриолетот од серијата 4 без проблем надминува 100.000 евра. Без специјални желби.