за

Семафорот има 100 години!

Некој не го почитува, некој не го забележува, но без него не се вози. Семафорот е стар 100 години.

Сите ги мрзат, но и покрај тоа, според европските статистики, секој возач минува две недели од својот живот чекајќи на црвено светло. Семафорот во целиот свет го контролира животот на милијарди возачи и пешаци, со текот на времето напредуваше и прерасна во високотехнолошки производ – и денес го одбележува својот стоти роденден.

Начинот на работа на семафорот е постар и од автомобилот. Во 1868 година во Лондон била поставена гасна светилка со црвено и зелено светло, со којашто ракувал полицаец. Но, по три недели користење, светилката експлодирала и го повредила полицаецот. Дури 46 години подоцна, во Кливленд, Охајо, светнува првиот модерен семафор, сличен на денешните. Семафорот има повеќе татковци, меѓу кои извесен Лестер Вајр, полицаец од Солт Лејк Сити и Герет Морган, син на поранешен роб, кој има уште многу пронајдоци, како гас маска или средство за „залижување“ на косата. Според производителот на семафори Siemens, само во Германија постојат 1,5 милион семафори. Доколку на секој од нив се чека по една минута на црвено, ќе минат цели три години.

Иако запирањето на семафор обично е непријатно, околу нивната неопходност не може да се дискутира. Денес постојат алгоритми со коишто може да се управува со семафорите во цели градови и сообраќајот да се крои според актуелната ситуација и според времето од денот. Во некои градови дури и намерно се попречува сообраќајот преку програмирана работа на семафорите, со цел луѓето да се префрлат на јавниот превоз.

Тоа што кај нас е редовна практика, преку гаснење на семафорите и префрлување на регулирање од сообраќаен полицаец, за политичарите безбедно да стигнат дома, во современите земји се регулира преку центрите за контрола на сообраќајот. Експертите пуштаат зелен бран за колоната возила со важни политичари во нив да може побрзо да пристигне до целта. Ете зошто никогаш не ви се случило во странство да чекате на семафор додека мине политичарот со полициската придружба.

Денес се повеќе крстосници се заменуваат со побрзиот кружен ток и се чини дека семафорот полека изумира. Но, кружниот ток не може да се примени во строгите градски центри, едноставно нема доволно простор за него. Постојат и кружни токови регулирани со семафори, што тотално ја уништува смислата. Мобилниот свет постепено се подготвува за следната ера на мобилност, кога автомобилите ќе комуницираат меѓу себе, самостојно ќе забрзуваат и запираат – и семафорите ќе станат непотребни. Но, тоа е премногу добро за да биде вистинито. Да не заборава некој на пешаците, велосипедистите, мотоциклистите… Затоа, семафорите ќе продолжат да ни служат уште долго.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Штедлив и тивок: Нов дизел со 120 КС за Opel Zafira Tourer

Rolls-Royce најави четврта моделска серија