Сопствениците на олдтајмери знаат колку е тешко да се најде замена за оригинален дел од возилото. „Дигитална реставрација“ е новата технологија што поштедува од повеќегодишната мачна потрага по соодветниот дел.
Револуционерна технологија им нуди спас на сопствениците на олдтајмери. Резервните делови од возилото отсега може да се репродуцираат со 3D-печатар, едноставно и верно на оригиналот. Технологијата ќе биде прикажана премиерно на салонот на олдтајмери „Техно Класика“ којшто утре (15-ти април) ги отвора вратите за посетителите и ќе трае во следните четири денови.
3D-печатењето е технологија којашто добива сé повеќе на значење и во автомобилската бранша. Деловите се „печатат“ за само неколку часови, верно до најситниот детал. Веднаш по изработката во печатачот, овие делови може да се користат за вградување или за тестирање. Постапката е мошне едноставна. Прво се врши скенирање на резервниот дел што треба да се репродуцира, за потоа со помош на софтвер 3D-CAD да се развие тридимензионален модел. Добиениот модел потоа се вчитува во печатачот, кој изработува слој по слој. Пластиката што се користи за постапката, на крајот се премачкува со УВ-лак и зацврснува под дејство на ултравиолетова светлина. Произведениот дел е исклучително цврст и подготвен е за употреба.
На овој начин може да се изработуваат и резервни делови за олдтајмери, коишто се неисплатливи за изработка во сериско производство. Повеќе за технологијата по отворањето на „Техно Класика“.
















