за

Shell развива штедлив градски автомобил

Гордон Мареј, поранешен конструктор во McLaren, работи на нов суперштедлив автомобил заедно со Shell

Поранешен конструктор во McLaren и светски признат инженер за мотори работат на проект на штедлив градски автомобил, финансиран од гигантот Shell. Возилото ќе биде претставено веќе годинава.

Во соработка со Гордон Мареј, технички шеф во тимот на формула 1 на McLaren до 2006 година и дел од развојниот тим зад легендарниот McLaren F1, како и со инженерот за мотори Осаму Гото, нафтениот гигант Shell подготвува малечок градски автомобил со обичен мотор со внатрешно согорување, којшто би требало да биде претставен веќе во ноември годинава.

Тимот работи на едноставен и практичен градски автомобил, којшто ќе соединува лесна конструкција и аеродинамична форма на каросеријата, со погонски систем со врвна штедливост. Намера на тимот е воедно да развие автомобил што ќе се продава глобално, без разлика дали станува збор за индустриски најразвиените земји или за земјите во развој, каде штотуку претстои масовната моторизација.

Цртежот од раната фаза на развојот открива ултрамалечок автомобил со средишно вграден мотор
Цртежот од раната фаза на развојот открива ултрамалечок автомобил со средишно вграден мотор

На возилото работат три независни тимови: Фирмата на Гордон Мареј е задолжена за возилото, Geo Technology (Осаму Гото) работи на моторот, додека на Shell му припаѓа развојот на специјални средства за подмачкување. Shell во 2010 година веќе имаше соработка со Мареј, од којашто произлезе возилото T.25. Актуелниот проект практично е продолжување на развојот на овој автомобил, но со примена на новите технологии и искуства што се стекнати во меѓувреме.

Триото работеше заеднички и во 1988 година, на тркачките болиди во формула 1 за Аиртон Сена и Ален Прост, конкретно на моторите на Honda. Тимот на McLaren постигна победи на сите трки во сезоната, освен на една. Овој рекорд уште е ненадминат.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Volkswagen одбележува четири децении на Polo

Резервни делови за олдтајмери од 3D-печатар