за

Новиот Hyundai i20 внесува многу промени во корејската марка

Hyundai i20

Hyundai повторно презема радикални промени во дизајнот. Новата генерација на i20 со изгледот ги цитира германската строгост и прецизност. Пазарот сепак ги бара моделите на Hyundai поради друго.

Марката Hyundai денес ги објави првите фотографии од новата генерација на i20, којашто го потврдува најавеното со првичните скици и изјави на челниците во компанијата. Hyundai i20 изгледа поразлично од другите модели на марката, конкурентот на Polo и Fiesta воведува комплетно нов дизајнерски правец на корејската марка. Моделот ја заслужува честа да го направи првиот чекор со новиот изглед на Hyundai. Од претходникот Getz од 2002 година и од првиот i20 од 2009 година досега се продадоа половина милион примероци во Европа.

Со новиот дизајнерски говор, Hyundai сака да привлече нов круг купувачи, коишто во i20 нема да ја гледаат само цената, туку многу повеќе ќе го ценат квалитетот на изработка и докажаната издржливост – и европскиот корен на моделот. Страничната силуета заличува на Audi A1, комбинацијата од тесна маска и голема решетка оздола балансира околу Peugeot 308, додека задниот дел се повикува на динамиката на Alfa Romeo Giluetta и Toyota Auris. Темна точка се единствено задните столбови во црна боја, коишто изгледаат како евтин трик во целата појава. Купувачите сепак се најмеродавни да кажат што гледаат во новиот изглед на Hyundai и на i20 – иако, дизајнот ретко е пресуден аргумент кога луѓето купуваат модел од марката.

Платформата е нова, со меѓуоскино растојание од 2,57 метри, што е за 4,5 сантиметри повеќе од порано, и според Hyundai, овозможува i20 да има една најпросторните кабини во класата – при должина на возилото од 4,04 метри. Со 1.892 милиметри „комфорна мера“, односно збир на должината на просторот за нозе напред и назад, новиот Hyundai исто така ги поставува реперите во класата. Радува и податокот за багажникот: 326 литри. Некои компакти имаат толкав багажник. Премиум изгледот на германска марка се надополнува со понуда на луксузна опрема, од типот на панорамски покрив со лизгачки дел, камера за рикверц или светлечки диоди за предните и задните светла. Премиерата е во октомври, на салонот во Париз, датумот на почетокот на продажбата уште не е потврден.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Polaris Slingshot: Трите тркала му се предност на овој … автомобил?

Во јуни продадени 392 возила во Македонија