за

Polaris Slingshot: Трите тркала му се предност на овој … автомобил?

Напред квадрицикл, назад мотоцикл, а во целина родстер. Polaris Slingshot изгледа како недоразбирање на конструкторите дали да прават мотоцикл или автомобил. Но, резултатот е одличен.

Дизајнот му е оштар како жилет, фацата му е налутена, а назад недостига едно тркало. Премногу е сложено за Polaris Slingshot да се нарече квадрицикл или мотоцикл. Помошта доаѓа од производителот. Американскиот Polaris Industries уверува дека креирал комплетно нов вид на возило и го нарекува „Roadster Jet-Fighter“ или во превод „родстер-ловец на млазен погон“. Ако се погледне потрезвено, Slingshot сепак изгледа како спој на мотоцикл и улично баги, нешто слично на KTM X-Roadster, само што има едно тркало помалку.

Во вакви сложени ситуации сепак е најдобро ако се послушаат намерите на производителот при креирањето на возилото. Polaris ги има во предвид првенствено пасионираните вљубеници во мотоспортот. Оваа марка досега ја поврзувавме со снежни санки и теренски возила. Но, во рамките на компанијата спаѓаат и марките мотоцикли и квадрицикли Victory и Indian. Сега веќе се разјаснува како е дојдено до идејата за трициклот.

Slingshot по малку заличува на спортски автомобил, но Polaris нагласува дека не се работи за автомобил и во соопштението за печат пишува „нема воздушни перници и не ги исполнува безбедносните стандарди за автомобили.“ Но, и покрај сите безбедносни предупредувања, возилото поседува ремени со три точки, АВЅ и контрола на стабилност. Единствено е задолжително возачот и совозачот да носат шлем.

Погонот на трициклот доаѓа од 2,4-литарски четирицилиндарец со 173 КС, производ на General Motors, а менувачот е мануелен со пет степени. Силата се пренесува на задното тркало од 20 инчи преку погонски ремен што е засилен со карбон. Податокот за моќноста импресионира многу повеќе кога ќе се има во предвид дека Slingshot тежи само 790 килограми. Крајната брзина и забрзувањето не се наведуваат. Каросериската основа се состои од рамка од челични цевки, над којашто е поставена пластична облога со агресивен дизајн. Покрив не е предвиден. Импресивен е и податокот за тоа колку седиштата се оддалечени од асфалтот: Само пет палци, односно 12,7 сантиметри.

Внатрешноста е изведена спартански. Со доплата се добиваат радио, амбиентално осветлување и ретровизори. Основната верзија се нуди само во црно-сива комбинација и чини 20.000 долари, односно околу 15.000 евра, додека поопремената верзија SL, вклучувајќи микро ветробран, чини 4.000 долари повеќе, односно околу 18.000 евра.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Берлин има 1.000 такси возила со хибриден погон

Новиот Hyundai i20 внесува многу промени во корејската марка