за

Нова класа С на Mercedes: Со витамин Ц против Audi и BMW

Полесна за 100 килограми, со потрошувачка пониска за 20 проценти и по желба со пневматска амортизација, новата класа С го почнува новиот круг во конкурентската битка со серијата 3 на BMW и Audi А4.

Класата С е најпродавана моделска серија на Mercedes со повеќе од 2,4 милиони примероци од премиерата во 2007 година. Сосема е јасно дека во улога на бестселер на марката, новата генерација на класата С мора да биде уште подобра од претходникот. Прво, новакот има за осум сантиметри поголемо меѓуоскино растојание, што во комбинација со порастот на каросеријата во должина за 9,5 сантиметри, на сегашните 4,68 метри, како и во ширина за четири сантиметри (1,81 метар), обезбедува повеќе простор за патниците во кабината. Во исто време и багажникот порасна на 480 литри.

Новакот изгледа како мини класа Ѕ

На зголемените габарити на каросеријата им годи новата динамична форма што побудува многу повеќе емоции отколку кај претходникот. Во стилот, класата С верно го следи знаменосецот на куќата, класата Ѕ. Страничната силуета најдобро го отсликува новиот визуелен настап на моделот од средната класа на Mercedes: Долга хауба, наназад поместена кабина и куси каросериски превиси.

Исто како досега, купувачите ќе можат да изберат дали нивната класа С ќе има спортска маска, со средишно поставена ѕвезда, или класична маска, во комбинација со ѕвезда на хаубата, резервирано за линијата Exclusive. За подобрување на аеродинамиката, ламелите во маската самостојно се затвораат во возење.

Ксенонските светла заминуваат во историјата кај новата класа С. Со доплата се достапни диодни светла во статичка или динамичка верзија. Впечатливиот изглед на светлата го прави возилото препознатливо и ноќе. Задните светла во сите верзии исто така користат светлечки диоди.

Првокласен ентериер со примеси од високата класа

Дизајнот на внатрешноста оддава впечаток како во повисоките класи и тоа важи како во поглед на изборот на материјали, така и во поглед на прецизноста во изработката. Кокпитот претрпе радикални промени, со внесувањето елементи од спортските модели на Mercedes, во комбинација со комплетно нова архитектура на средишната конзола. На тој начин воедно се постигнува и подобро просторно чувство на предните седишта.

Моделите со мануелен менувач имаат повеќе исправена конзола, заради добивање повеќе простор за рачката за менувачот. Во конзолата доминира големиот средишен дисплеј со пречник од 18 сантиметри, односно 21 сантиметри при доплата за системот Comand Online.

Ракување со функциите исто како со паметен телефон

Следниот еволутивен чекор е полето што реагира на допир во потпирачот за дланка над контролерот во средишниот тунел. Со полето се ракува исто како со паметен телефон, со можност за пишување букви, бројки и симболи со прстот – со повеќејазична поддршка. Новитет претставува и проекцискиот дисплеј на кого што се прикажуваат брзината на возење, брзинските ограничувања и упатствата од навигацијата директно во видното поле на возачот.

Моторите покриваат дијапазон од 116 до 333 КС

Во почетокот од продажбата ќе бидат достапни три различни мотори: Дизелски во C 220 BlueTec и бензиски во С 180 и С 200.

Модел Зафатнина

[ccm]

kW/КС Nm 0-100

km/h

[s]

l/100 km CO2

[g/km]

C 220 BlueTEC 2143 125/170 400 8,1 4,0 103
C 180 1595 115/156 250 8,2 5,0 116
C 200 1991 135/184 300 7,5 5,3 123

Веднаш по комерцијализацијата ќе следува проширување на понудата на мотори, вклучувајќи нов дизел од 1,6 литар, во верзии со моќност од 116 и 136 КС. Преработениот 2,2-литарски дизел ќе биде достапен и во верзии со 170 и 205 КС. Петте бензинци со директно впрскување на горивото ќе покриваат дијапазон на моќност меѓу 156 и 238 КС, на кои подоцна ќе им се придружи и нов линиски шестцилиндарец со 333 КС.

Дополнително ќе стои на располагање и дизелски мотор во комбинација до хибриден модул. Верзијата C 300 BlueTec Hybrid со моќност од 204 КС од дизелот и 27 КС од електромоторот во просек ќе троши 3,9 литри гориво, за по неа да следува и моделот со полн хибриден погон и можност за надворешно полнење на батериите.

Нова предна оска за поспортско возење

Возните својства и комфорот ќе профитираат од новото подвозје со предна оска со 4 водилки, за подобар контакт со подлогата и поголема странична стабилност. Премиера во средната класа доживува пневматската амортизација Airmatic, со можност за избор на комфорна, спортска, нагласено спортска и штедлива програма на работа. Новитет во класата С претставува и електричната паркирна сопирачка што се ослободува самостојно при поаѓање. За предностите од динамичното подвозје да се искористат максимално, сите моделски верзии поседуваат електромеханичко директно управување со променлив преносен однос.

Самостојно спречување судир при брзини до 40 km/h

Како што се најавуваше долго време, новите системи за асистенција од класите Ѕ и Е се достапни и во последниот модел на Mercedes. Системот за препознавање на замореноста е унапреден и сега нуди можност возачот сам да ја одреди чувствителноста на сензорите. Сериски се вградува и систем за спречување судир, кој самостојно запира при препознавање опасност од судир со возило во движење до брзина од 200 километри на час, како и со возило во мирување до 50 километри на час. Покрај тоа, овој систем може целосно да спречи судир до брзина од 40 km/h.

Новата класа С стартува од 33.558 евра на германскиот пазар

Mercedes веќе ги објави цените на моделот за германскиот пазар со што и официјално почнува продажбата. Вклучувајќи го германскиот ДДВ од 19 проценти, цената на дизелскиот C 220 BlueTec изнесува 38.675 евра, додека бензинците C 180 и C 200 чинат 33.558 евра, односно 36.414 евра во стандардната моделска изведба.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Олимпија Моторс го врати сјајот на автомобилските премиери во Македонија

BMW ќе произведува во Бразил