Тие се создадени за воена примена, но може да се користат и за приватни кризни состојби. Овие возила со милитантен став се во слободна продажба, најевтиниот чини 30.000 евра.
Hummer е најпознатиот претставник на оваа чудна сорта, од него почна сé. Во почетокот на 1980-те години AM General го претстави првото борбено тактично возило, кое што можеше да се користи и во цивилното подрачје. По десетина години почнаа да се произведуваат верзиите за примена во мирнодобски услови, кои што и денес ги привлекуваат погледите на улица. Агенции што организираат јавни настани, менаџери што сакаат пред светот да изгледаат многу поголеми отколку во реалноста и јавни личности што имаат потреба од заштита пројавија огромен интерес за Hummer, но предизвикаа и бројни реакции во јавноста.
Од 1999 година, Hummer премина во сопственост на General Motors. Оттогаш американскиот гигант беше одговорен за продажбата на Hummer. По H1 следеа моделите H2 и H3. Производството на првиот модел престана во 2006 година и понатаму се испорачуваа само возилата од залиха, додека последниот примерок од H3 ги напушти погоните во 2010 година.
Тежина на празно возило од преку шест тони
Во меѓувреме се појавија исто толку моќни алтернативи за примена во приватни кризни услови. Изведбата од класата G со погон на сите шест тркала е еден од овие автомобили што не минуваат незабележано. Освен со шесте оски, Mercedes G63 AMG 6×6 е впечатлив и со големата товарна површина зад патничката кабина. Моделот првично беше конструиран за австралиската војска.
Во зависност од надградбата на каросеријата и носивоста, овој монструм тежи и до девет тони. Во најлесната изведба, тежината изнесува 6,5 тони. Неодамна Daimler почна да го испорачува моделот и на приватни лица, од кои повеќето се од Персискиот Залив. Тридецениската историја на класата G е тесно поврзана со воените примени. Таа се користи во армиите на Аргентина, Норвешка, Австрија и Швајцарија.

Оклопното возило од Јужна Африка со цена од 340.000 евра има други квалитети. Зајакнатото подвозје е заштитено од мини со 8 килограми TNT. Во тоа можеа да се убедат гледачите на култната серија Топ Гир. За демонстрација, задниот дел на Marauder беше кренат во воздух со пластичен експлозив. Возилото мина само со дупната гума и продолжи да вози непречено.






