На улиците на Сао Пауло има многу автомобили што се оставени да пропаѓаат. Фелипе Карели најде начин како непријатната глетка да ја претвори во уметност.
Во Бразил, поточно во Сао Пауло, очигледно е дека сопствениците на автомобилите што се оставени да се распаѓаат по улиците не посегнуваат по калашникови и слични мирнодобски орудија веднаш кога некој намерник ќе пројави интерес за нивниот крш. Автомобилите остануваат на улица сé додека целосно не се распаднат или кородираат. Просторот за паркирање не е проблем. Затоа, пак, проблем се овие неугледни автомобилски кршови што ја нагрдуваат сликата. Среќа е што таму постојат луѓе како Фелипе Карели, кој што ги претвора овие автомобили во улична уметност.
На својата интернет страница, Бразилецот го пренесува сведоштвото за тоа како неподвижните автомобили преку ноќ стануваат крш: „Еднаш бездомници преноќија во автомобилот. Локалните жители стравуваа дека бездомништвото и криминалот се тесно поврзани и го запалија автомобилот. Изгорен, тој повеќе не можеше да се користи како преноќувалиште, но затоа заврши како канта за отпад.“
Тоа беше повод Фелипе Карели да ја основа групата „Окупе Карињо“ – или зафатено автомобилче – заедно со пријателите Тобиас Родил и Тиаго Карваљес. Задача на групата беше овие автомобили да се претвораат во малечки градини и на минувачите да им се понуди пријатна глетка.