Во истражување спроведено од американска компанија, Toyota е највредна автомобилска марка. Изненадување е пласманот на Tesla меѓу првите десет, на местото на Volkswagen.
Toyota е највредна автомобилска марка во светот според американската компанија за истражување на пазарот Милворд Браун. Второто и третото место на списокот на највредни имиња во браншата им припаѓаат на BMW и на Mercedes.
Најголемото изненадување е калифорнискиот производител Tesla, кој за првпат се пласира меѓу десетте највредни марки. Овој напредок на компанијата чијашто иднина е во голема неизвесност со претстојниот почеток на големосериското производство на „народскиот“ електромобил Model 3, очигледно се должи за наштетениот имиџ на Audi, како марка зафатена од „дизелгејт“.
Деветпати на првото место во единаесете години на постоење на студијата
Во студијата што се води како Global BrandZ, лидерството на Toyota се базира врз фактот што јапонската марка вложува многу во задоволството на своите клиенти. „Од гледиште на клиентите, Toyota е квалитетна марка којашто постојано воведува иновации на пазарот“, заклучува студијата. За единаесет години, Јапонците деветпати биле на првата позиција.
Наспроти тоа, нивната луксузна марка Lexus го препушти десеттото место на Tesla. Милворд Браун: „Како луксузна марка, Tesla целосно се разликува од конкурентите и тоа ја прави разликата.“ Вредноста на калифорнискиот електроспецијалист пораснала значително по најавата за воведување на новиот Model 3 во понудата. Необично е марката што уште не почнала со производство на „револуционерниот“ модел да се рангира истo со традиционална марка како Porsche.
Највредните 10 автомобилски марки според Милворд Браун
| Марка | Вредност во милиони долари | Промена во % | |
| 1 | Toyota | 29,501 | 2 |
| 2 | BMW | 26,837 | 2 |
| 3 | Mercedes-Benz | 22,708 | 4 |
| 4 | Honda | 13,195 | -1 |
| 5 | Ford | 13,084 | 0 |
| 6 | Nissan | 11,479 | 1 |
| 7 | Audi | 9,497 | -6 |
| 8 | Land Rover | 4,732 | -5 |
| 9 | Porsche | 4,438 | – |
| 10 | Tesla | 4,436 | – |
Скандалот со издувните гасови придонел за значајното слабеење на имиџот на матичната марка на концернот Volkswagen, вклучувајќи ја и премиум марката Audi, чијашто вредност се намалила за шест проценти. Лани Volkswagen се најде на осмата позиција, годинава повеќе не е меѓу водечките десет.
Новите генерации возачи поинаку ги ценат квалитетите на автомобилите
Авторите на студијата го образложуваат контроверзниот пласман со навиките и гледиштата на новите генерации возачи, кои „помалку се интересираат за конкретните квалитети на автомобилот и повеќе им значат концептите на краткотрајно изнајмување автомобил и новите технологии.“
Тоа што досега се сметаше како споредна активност на производителите на автомобили, денес веќе прераснува во тренд којшто ја одредува пазарната трка.
















