Полицијата, производителите и компјутерџиите сакаат да дознаат сé за возачите. Во иднина автомобилите ќе пренесуваат многу информации за патниците во нив – без истите да се свесни за тоа.
Обидете се да ја замислите следнава сцена. Шефот на одделението за следење на клиентите гледа мапа на светот на огромниот ѕид за проектирање пред него. По целата површина на мапата има светли точки, безбројно многу точки. Тие ги прикажуваат сите крајни одредишта на секој автомобил што го има произведено фирмата. Тоа што изгледа како сцена од иднината, всушност е апсолутна реалност. Навигациските системи во неколку од актуелните модели постојано пренесуваат до производителот информации за положбата на возилото.
Автомобилите повеќе не се изолирани ламаринени кутии со ограничени можности за контакт со средината. Автомобилите како Nissan Leaf или Tesla се претходница за идната генерација на вмрежени возила. Тие постојано комуницираат меѓусебе, разменуваат податоци со компјутерските центри, пренесуваат информации за сообраќајот и им испраќаат пораки при дефект на сервисните работилници и на производителите.
Автомобилите се претвораат во умрежено јато, благодарение на интернет, и се на најдобар пат да се осамостојат од возачот. Во иднина автомобилот што е понапред на патот ќе ги предупредува другите автомобили зад него дека на патот има голомразица. Во тој случај, електрониката ќе го запира возилото автоматски, за да спречи излетување од патот и ќе го прави тоа побрзо и попрецизно од кој било возач.
Сето ова го овозможува технолошката револуција со невидени размери. Модерните автомобили како Nissan Leaf, електричниот Tesla, па дури и Golf станаа подвижни компјутерски центри. Во нив се вградуваат до стотина микрокомпјутери. Во Golf, на пример, се вградуваат 1.500 метри кабел за меѓусебно поврзување на сите електрични компоненти.
Уредот за навигација станува црна кутија за автомобилска незгода
Сензорите и компјутерите регистрираат сé што се случува во автомобилот, од положбата на воланот, локацијата, надворешната температура, брзината, бројот на патници, будноста на возачот, или пак, присуството на дефект во возилото. Овие податоци се меморираат или привремено, или пак се запишуваат трајно, доколку се работи за дефект. Досега пристап до нив имаа само сервисните работилници и производителите.
Умрежувањето ќе придонесе за поголема безбедност и за повеќе комфор, за на крајот да прерасне во автоматско возење. Тоа е приказната што производителите сакаат да им ја „продадат“ на возачите. Но, со умрежувањето се отвораат и многу нови можности. Автопроизводителите, добавувачите на компоненти, но и гигантите во ИТ-секторот, како Apple, Microsoft и Google, банките, осигурителите и автомобилските клубови, не можат да одолеат на предизвикот да „ѕирнат“ во податоците што им се сервираат буквално на рака. Пазарните аналитичари предвидуваат дека бизнисот со умрежувањето на автомобилите ќе забележи промет во висина од 30 милијарди евра во 2015 година, додека за 2020 година се прогнозира вредноста да се зголеми четирипати.
Идната техника ја загрозува приватноста на возачите. Само неколку примери за тоа:
- Renault може преку радио врска да ги онеспособи неговите електрични возила, доколку корисникот не ја плати месечната рата за изнајмување.
- Во Холандија се тестира можноста брзината на автомобилите да се ограничува автоматски на 30 километри на час во станбените населби. Возачот може да притиска врз гасот колку сака, автомобилот нема да оди побрзо од тоа.
- Во случај на дефект во гаранцискиот рок на возилото, производителот може да ја отчита тајната меморија на возилото и да одбие преземање на трошоците за поправка, доколку се пречекориле условите на гаранцијата – на пример, возилото било претоварено.
- Голем број системи за навигација ги меморираат локацијата, брзината и времето, дури и кога возачот ќе го исклучи системот. Меморијата помни и по неколку илјади километри наназад. Полицијата ги користи овие податоци за проверка на алибито на сомнителните лица.
Производителите на автомобили уште сега тајно ги меморираат и анализираат електронските податоци за возачот и за неговото возење. Познат е случајот со Џејмс Фарли, шеф на маркетинг во Ford, кој за време на одржувањето на саемот за електроника CES во Лас Вегас кажа нешто што не смееше да се кажува: „Ги знаеме сите возачи што ги прекршуваат законите и знаеме кога го прават тоа.“ Веќе следниот ден Фарли мораше да го коригира кажаното и тврдеше дека Ford не ги шпиунира возачите. Но, американската јавност збесна.
Факт е дека и денешните автомобили претставуваат подвижни информативни центри. Проблем е единствено што возачите ништо не знаат за тоа. Сите уживаме во возењето, во митот за слободата и сонуваме за автомобили што се комфорни како дневна соба. Но, целото ова уживање е во опасност, и тоа, од три страни: Од државните органи, од производителите на автомобили и од ИТ-концерните.
Од октомври 2015 сите нови возила во ЕУ мора да се опремени со E-Call
Автомобилите им ги отвораат вратите на шпиуните преку техниката за подобрување на безбедноста, којашто ЕУ ја пропиша како стандард во секое ново возило од октомври 2015 година. Станува збор за автоматскиот систем за дојава во случај на незгода E-Call. Сега е мошне мала можноста другите да го забележат возилото што е излетано надвор од патот, доколку незгодата се случи на пат без промет на возила. Системот E-Call во иднина автоматски ќе ги алармира спасувачките служби. На тој начин ќе се спасат илјадници животи.
Секако дека систем од таков вид е добредојден. Но, со E-Call се отвораат можностите за масовен пренос и прием на податоци, почнувајќи од повикот до централата, до пријавувањето на позицијата на возилото. Голем е бројот на субјекти, покрај брзата помош, што сакаат да има пристап до овие податоци: Сервисни работилници, шлеп служби, фирми за лизинг, банки и осигурителни компании.
Шведска и Холандија ги сопираат возилата на 30 km/h
ЕУ веќе мисли на неограничните можности што се отвораат. Унијата веќе финансира еден проект во којшто возачите се предупредуваат при пречекорување на брзината и возилото се сопира автоматски. Проектот за „интелигентно приспособување на брзината“ се тестира во Шведска и во Холандија, со цел за подобрување на безбедноста во возење. Полицијата во Велика Британија оди чекор понапред. Тие бараат можност за далечинско запирање на возилата, со што би се избегнале филмските бркотници со криминалците. Комисијата на ЕУ ќе се изјасни за иднината на овие системи кон крајот на годината. За возачите да не бидат во страв од „Големиот Брат“, Комисијата уште сега се изјаснува дека ќе се залага возачот сам да решава дали ќе ги вклучи овие системи во возилото или не.
Автомобилите веќе ја поседуваат потребната опрема за шпионирање. Системот за контрола на стабилноста (ESP) е еден од најголемите собирачи на податоци, заедно со уредот за препознавање замор на возачот, радарскиот темпоматот, системот за следење лента или системот за самостојно запирање при опасност од судир. Поголемиот дел од овие системи се корисни и ја зголемуваат безбедноста. Најголемиот напредок во новите генерации на модели се постигнува токму во подрачјето на овие системи за асистенција во возењето и производителите тука се обидуваат да се издвојат од конкурентите – големи разлики во моторите или општо во погонската техника повеќе не постојат.
Автомобилот сам врши лекарски преглед на возачот
Неверојатно е колкава инвентивност покажуваат производителите на автомобили во ова ново поле за нив. Во иднина, дури и рутинскиот лекарски преглед ќе биде непотребен. Автомобилот сам ќе го прегледа својот возач. Ford конструираше седишта што преку шест сензори го следи отчукувањето на срцето на возачот, па дури му прави и ЕКГ. Доколку срцето е раштимувано, паметниот телефон ја алармира најблиската болница, а во случај возачот да изгуби свест, возилото самостојно се повлекува покрај патот. Volvo веќе со години нуди систем што го мери нивото на алкохол. Наскоро веројатно ќе се појави и систем што го мириса здивот и предупредува за можна настинка.
Интензивно се следи и психичката состојба на возачот. Во вознемирена состојба се вози поопасно и невнимателно. Volvo и PSA сакаат преку сензори да дознаат за состојбата на возачот: Лутина, страв, радост, жал, изненадување, бес. Софтверските компании веќе развија алгоритам што врз основа на говорот на возачот, на пример при телефонски разговор во возилото, ја откриваат неговата психичка состојба.
За производителите останува малку: Најголем профит ќe имаат Apple & Co
Во интерес да се зграби колку е можно повеќе од потенцијалниот пазар се раѓаат нови соработки. Daimler, Volvo и Ferrari на салонот во Женева ги прикажаа моделите со софтвер од гигантот Apple. Во истиот правец се движат и BMW, Ford, General Motors, Hyundai и Toyota, а преку Google во игра влегува и конкурентскиот Android. Тоа ќе овозможи возачите да ги симнат истите апликации како на мобилен или на таблет и да ги побараат блиските ресторани, слободни паркиралишта или сервисната работилница. Кога има застој на патот, возачот може да си вклучи и некоја игра, или пак, да ја симне песната што во моментот е на радио. Од сето тоа ќе се полнат касите на Apple, Google или некој друг.
На тој начин, компјутерџиите сé повеќе ќе ги запознаваат возачите, односно ќе знаат каков тип на музика тие слушаат и кои игри ги користат, за да возвратат со соодветни рекламни пораки. Од вмрежувањето на автомобилите најголема корист нема да имаат производителите на истите, туку првенствено Apple и другите гиганти од ИТ-сферата.
Простор за работа има и за осигурителите. Со вградување на соодветна опрема во возилото, компанијата за осигурување може да го следи начинот на возење на возачот. Доколку електрониката утврди дека возачот се однесува примерно, осигурителот ќе му пресмета соодветен попуст при плаќањето на износот на осигурувањето.
Сценариото од СФ-трилерот „Малцински извештај“ се чини дека полека се реализира во автомобилите. Некој возач ќе биде казнет, иако нема никаква вина.
















