за

Во чест на 40-от роденден: Најдобрите 10 модели во историјата на Golf

Кралот на компактите одбележува 40-годишнина. Огромен е бројот на модели во долгата историја на Golf и тоа го прави изборот уште потежок. Но, на крај, ова се десетте модели што оставија најдлабоки траги во сеќавањата на љубителите на моделот и воопшто на автомобилизмот.

Роденденот на Golf е главна тема на најголемиот салон на олдтајмери што започна викендов во германскиот град Есен. Тоа нé потсети на многубројните моделски изведби што продефилираа во 40-те години на кралот на компактите. За викендов ви подготвивме избор на 10-те најдобри модели на Golf, со услов секоја генерација на моделот да се најде најмалку еднаш на списокот.

10. Golf V GT 1.4 TSI 170

golf gt sport

Со него започна ерата на смалувањето на моторите, жаргонски „даунсајзинг“. Во GT работеше првиот 1.4-литарски бензинец со двојно натполнење, односно со механички компресор и со турбокомпресор. Моделот е доста брз, дури и возачите на Golf V GTI не можат да бидат спокојни покрај него.

9. Golf VI Cabriolet

golf vi r cabriolet 2

Кабриолетот од шестата генерација е првиот вистински кабриолет од Golf. Сите претходници ја имаа онаа грда заштитна рамка зад предните седишта. Меѓу другото, Golf од оваа генерација ни изгледа поубаво од оние од петтата и седмата генерација.

8. Golf I Diesel

golf i diesel

Golf и дизел се две нераздвојни работи. Првиот Golf со дизел беше бавен и гласен, но штедлив. Турбополначите се појавија дури во втората генерација.

7. Golf VII GTI Performance

golf gti performance

Ова е најдобриот Golf во историјата на брзите верзии на моделот. Работите се вратија на вистинскиот колосек дури во петтата генерација на Golf. Верзиите GTI во третата и четвртата генерација не беа толку погодени.

6. Golf Country

golf country

Многумина ќе се насмеат кога ќе го видат за првпат, со големо растојание од подлогата и со резервно тркало закачено на багажникот, но овој Golf беше вистинска сензација кога се појави. Country не доживеа наследник, иако многу години подоцна кросоверите станаа вистински хит на пазарот.

5. Golf IV R32

golf r32

Првиот Golf со ветувачката буква R беше расна тркачка машина. Каросеријата беше дотерана во совршен стил, моторот звучеше одлично. Golf R32 во петтата генерација не успеа да го продолжи чекорот со претходникот. Со 240 КС, погон на сите тркала и со култ на прв R, моделот го заслужува петтото место.

4. Volkswagen Golf II Limited

golf ii limited

Најексклузивната изведба на Golf во историјата. Само 71 примерок се изработени рачно во Volkswagen Motorsport. Моторот од Golf GTI G60 имаше глава со 16 вентили и моќност од 210 КС, кои се пренесуваа на сите тркала преку погонот Syncro. Браниците беа преземени од американскиот Rabbit, како еден од надворешните белези за распознавање на специјалната изведба.

3. Golf III VR6

golf vr6

Шестцилиндарскиот мотор во автомобил од компакт класата беше нешто особено во 1990-т години. Моќноста од 174 КС од 2,8 литри зафатнина не импресионираше толку, а каросеријата изгледаше толку обично што многумина остануваа изненадени кога ќе се најдеа во трка со овој „волк во јагнешка кожа“. Звукот е посебно доживување.

2. Golf II GTI 16V

golf ii gti 16v

Golf понуди моќност од 139 КС во верзијата без катализатор, како одговор на тогашниот предизвикувач Opel Kadett GSI. Битката вистински се разгоре две години подоцна, кога Opel го вгради дволитарецот со 150 КС и глава со 16 вентили.

1. Golf I GTI

golf i gti

Секако дека на врвот не може да се најде друг модел освен првиот што ја понесе легендарната ознака GTI. Моделот се појави на салонот во Франкфурт во 1976 година, со 1,6-литарец со 110 КС, кој потекнуваше од Audi 80 GTE. Овој Golf со тежина од само 850 килограми постигнуваше големи чуда со големиот мотор. Тој го означи раѓањето на спортските компакти, иако други тврдат дека заслугата ѝ припаѓа на Simca 1100 Ti.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Големо, поголемо, најголемо: BMW го подготвува X7

Големиот брат е на пат: Производителите ги шпиoнираат возачите