Во Америка се краде автомобил на секои 45 секунди

Во Америка сé е поголемо, од стековите и патриотизмот, до дрвјата на западниот брег. Американците се горди на тоа. Но, тие се прво во светот и по една работа на којашто не можат да се гордеат.

Последните бројки за минатата година откриваат дека меѓу Њујорк и Лос Анџелес, на секои 45 секунди по еден автомобил го менува сопственикот. Но, не доброволно, туку со заслуга на лошите момци, а сé почесто и девојки. За споредба, од оваа страна на големата бара се краде автомобил на секој половина час. Статистиката за бројот на украдени автомобили во 2013 година во САД сепак е подобра во споредба со 2006 година, кога се украле 1,2 милион патнички возила, односно по едно на секои 26 секунди!

Доколку им се верува на Федералното биро за истражување и на осигурителните компании во САД, за половината од кражбите на автомобили се виновни самите сопственици. Шерифите и полицајците мораат редовно да ги потсетуваат сопствениците да се грижат повеќе за сигурноста на своите автомобили преку школски совети, како „не го оставајте клучот во бравата, затворете ги прозорците, заклучете ги вратите и ноќе паркирајте само на добро осветлени места.“

Во екот на летото и зимата се бележи енормен пораст во бројот на кражби, токму поради навиката на Американците да го оставаат возилото да работи, кога температурите се екстремно високи или ниски. Моторот се остава да работи во место пред домот, за во зима да се седне во загреана кабина, односно во изладена кабина во лето. Крадците имаат лесен плен и треба само да побараат автомобил што е оставен да работи во отсуство на возачот. Само во Мериленд во минатото зимо се украдоа 4.000 возила, затоа што нивните сопственици сакаат да уживаат во загреана кабина. Поради тоа, од пред некое време во Мериленд и неколку други сојузни држави се плаќа казна во висина од 70 долари ако полицијата најде автомобил со запален мотор во отсуство на возачот.

На другите места во САД, крадците повеќе се решаваат за насилство. Детроит во последниве години го доби прекарот „Карџек Сити“, односно град на крадците на автомобили. Во автомобилскиот град што е опустошен од банкротот, гангстери наоружени до заби напаѓаат на бензинските станици и ги крадат возилата со полн резервоар. Во минатата година се забележани 720 такви случаи, а „карџекингот“ напредува и во останатите градови.

Некои автомобили се поинтересни за кражба од другите. Но, не се крадат ретки и скапоцени лимузини од увоз или петметарски крстосувачи од домашно производство, туку обични и секојдневни автомобили. Во продолжение е неславниот список на десетте најкрадени автомобили во 2013 година:

1.         Honda Accord (53 995 украдени автомобили во 2013 година)

2.         Honda Civic (45 001)

3.         Chevrolet Pickup (27 809)

4.         Ford F-Series (26 494)

5.         Toyota Camry (14 420)

6.         Dodge Pickup (11 347)

7.         Dodge Caravan (10 911)

8.         Jeep Cherokee (9272)

9.         Toyota Corolla (9010)

10.        Nissan Altima (8892)

Како Американците ги заштитуваат нивните автомобили од кражба? Исто како и во Европа, имобилизаторите и слични електронски механизми се вообичаени во возилата. Но, овие заштитни уреди лесно се надмудруваат со специјални компјутерски алатки, коишто се лесно достапни на интернет.

Во три случаи во последните месеци се покажа дека еден уред е особено делотворен во заштитата од кражба. Прв случај: Крадец во Сиетл запрел возач на Porsche 911 Turbo, му вперил пиштол и го натерал да излезе. Но, веднаш откако седнал зад воланот, крадецот неочекувано излегол од возилото и се пуштил во бег. Втор случај: На улица во Сан Диего бил нападнат еден млад пар. Крадецот ги одзел клучевите од возилото, мобилен телефон и паричник. Само што седнал, крадецот како попарен излетал од возилото, па дури му посакал и пријатен ден на парот. Вредните предмети сепак останале кај него. Трет случај: Во Спрингфилд, во сојузната држава Масачусетс, тројца непознати престапници нападнале човек којшто си ја преземал нарачката во кинески ресторан. Напаѓачите го побарале јадењето и клучевите од автомобилот. Откако тие седнале во возилото, ги пречекало непријатно изненадување. Автомобилот, исто како и во обата други случаи во Сиетл и Сан Диего, имал мануелен менувач. Американците не умеат да ракуваат со менувач што треба да се користи со притискање на спојката.

Претходна објаваNissan Pulsar: Може ли Nissan да биде обичен?
Следна објаваConfederate Hellcat Speedster X132: Мотоцикл за холивудските ѕвезди

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here